1Ровоам пристигна во Ерусалим и свика од Јудиниот и Венијаминовиот дом сто и осумдесет илјади одбрани војници, за да војуваат против Израилот и да му го вратат царството на Ровоама.
2И би слово Господово до Самеја, човекот Божји, со кое беше речено:
3»Кажи му на Соломоновиот син Ровоам, цар Јудејски, и на сиот Израил во Јудиното и Венијаминовото племе:
4вака вели Господ: ‚не одете и не почнувајте војна со браќата свои; вратете се секој во домот свој, зашто Јас го направив тоа.‘« Тие ги послушаа зборовите Господови и се вратија од походот против Јеровоама.
5Ровоам живееше во Ерусалим и ги загради градовите во Јудеја со ѕидови.
6Го утврди Витлеем, Етам, Текуја,
7Ветсур, Сокхот, Одолам,
8Гет, Марисан, Зиф,
9Адурем, Лахис, Азиер,
10Салај, Елон и Хеврон, што беа на Јудиното и на Венијаминовото племе.
11Ги зацврсти тие тврдини и постави во нив началници и житници, и одделенија за елеј и вино.
12И на секој град му даде штитови и копја и ги зацврсти прилично добро. Под него останаа Јуда и Венијамин.
13Свештениците и левитите, колу што ги имаше по целата земја Израилска, се собраа при него од сите краишта,
14зашто левитите ги оставија селата свои и владенијата свои и дојдоа во Јудеја и во Ерусалим, бидејќи Јеровоам и синовите негови ги отстранија од свештенството Господово
15и си поставија жреци во идолските светилишта на ридовите, за идолите и за телињата што тој ги направи.
16А по нив и од сите племиња Израилеви, кои го управија срцето свое да Го бараат Господа, Бога Израилев, одеа во Ерусалим, за да Му принесат жртви на Господа, Бога на татковците свои.
17Тие го зацврстија царството Јудино и го поддржуваа Соломоновиот син Ровоам три години, зашто одеа по патот на Давида и Соломона во тие три години.
18Ровоам си ја зеде за жена Маелата, ќерката на Јеримута, син Давидов, и на Авигеја, ќерка на Елијава, син Јесеев;
19И таа му ги роди синовите: Јеуса, Саморија и Зама.
20По неа тој ја зеде Маха, ќерка Авесаломова, и таа му ги роди Авија, Јевтија, Зиза и Салимота.
21Ровоам ја сакаше Маха, Авесаломовата ќерка, повеќе од сите свои жени и наложници, зашто тој имаше осумнаесет жени и шеесет наложници, и роди дваесет и осум синови и шеесет ќерки.
22Ровоам го постави Авија, синот на Маха, за началник и кнез над браќата свои, зашто сакаше да го направи цар.
23Па мудро работејќи, тој ги распрати сите синови свои по сите земји на Јуда и Венијамина, по сите утврдени градови, им даде многу храна и за нив доведе многу жени.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
