1Слово Господово што дојде до Јеремија –
2вака вели Господ, Бог Израилев: запиши ги во книга сите зборови, што ти ги кажав.
3Оти, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе го вратам од ропство Мојот народ, Израилот и Јуда, вели Господ; и повторно ќе ги доведам во земјата, која им ја дадов на татковците нивни, и тие ќе ја владеат.
4А еве ги зборовите, што ги изрече Господ за Израилот и за Јуда.
5Вака вели Господ: глас од смут и ужас слушаме ние, а не мир.
6Прашајте и размислете: раѓа ли маж? А зошто гледам при секој човек рацете да му се на бедрата како при жена, кога раѓа, и лицата на сите да им се бледи?
7О, тешко, голем е оној ден, нема сличен на него; тоа е мачно време за Јакова, но тој ќе биде избавен од него.
8И во оној ден, вели Господ Саваот, ќе го здробам јаремот негов, што му е околу вратот, и твоите окови ќе ги раскинам; па повеќе нема да служи на туѓинци,
9туку ќе Му служите на својот Господ Бог и на царот свој Давида, кого што ќе им го издигнам.
10И ти, слуго мој Јакове, не бој се, вели Господ, и не плаши се, Израилу, оти еве, Јас ќе те избавам тебе од земјата далечна и племето твое – од земјата на ропството; па ќе се врати Јаков и ќе живее спокојно и мирно и нема никој да го заплашува,
11оти Јас сум со тебе, вели Господ, за да те избавувам: Јас наполно ќе ги истребам сите народи, меѓу кои те прогонив, но тебе нема да те истребам; ќе те казнам по мерка, но неказнет нема да те оставам.
12Оти така вели Господ: твојата рана не е излечива, болката ти е жестока;
13никој не се грижи за твоето дело, за да ти ја излекува раната твоја; за тебе лек нема;
14сите пријатели твои те заборавија, не те бараат, бидејќи Јас те удрив со непријателски удари, со жестока казна за многуте твои беззаконија, бидејќи гревовите твои се намножија.
15Зошто викаш поради раните свои, од лутина на твојата болест? За многуте твои беззаконија ти го направив тоа, оти гревовите твои се намножија.
16Но сите, што те голтаат, ќе бидат проголтани; и сите твои непријатели – ќе појдат во ропство, и твоите опустошители ќе бидат опустошени, и сите твои грабачи ќе ги предадам на грабеж.
17Ќе ги обложам и ќе ги излекувам твоите рани, вели Господ. Тебе те нарекуваа отфрлен, велејќи: »еве го Сион, за кого никој не прашува.«
18Така вели Господ: еве, ќе ги вратам заробените од шаторите на Јакова и ќе се смилувам на нивните живеалишта, и градот пак ќе биде изграден на својот рид, а и храмот ќе биде обновен, како што си беше.
19И ќе се крене од нив благодарност и глас на весели луѓе; и Јас ќе ги размножам, и нема да се намалуваат, па ќе ги прославам, и нема да бидат понизени.
20И синовите негови ќе бидат како порано, и собранието негово ќе стои пред Мене, а ќе ги казнам сите негови насилници.
21И ќе излезе од него водач, и владетел негов ќе произлезе од него; и Јас ќе го привлечам, па ќе доје при Мене; оти кој е тој што сам од себе пристапува до Мене? – вели Господ.
22И вие ќе бидете Мој народ, а Јас ќе ви бидам Бог.
23Еве, виорот на јароста од Господа доаѓа, виор страшен; ќе падне врз главите на безбожниците.
24Пламениот гнев на Господа нема да отстапи, сѐ додека не ја изврши и не ја исполни замислата на срцето Свое. Во последните дни ќе го разберете тоа.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.