Судии 16 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Самсоновата последна одмазда.

1Потоа Самсон дојде во Газа; таму виде една блудница и влезе при неа.

2Им јавија на жителите од Газа: »Самсон дојде овде«. И обиколуваа, го чекаа цела ноќ при градските порти и се криеја цела ноќ, велејќи: »До осамнување ќе чекаме и ќе го убиеме.«

3А Самсон спиеше до полноќ; на полноќ стана, ги искорна вратите на градските порти со двата довратника, ги крена заедно со диреците, ги стави на грб и ги оденсе на врвот од гората, која е на патот за Хеврон и ги остави таму.

4Потоа тој засака една, која живееше во долината Сорек; името и беше Далида.

5Дојдоа кај неа филистејските кнезови и ѝ рекоа: »Запрашај го и дознај во што му е големата сила, и како да го надмудриме, за да го врземе и да го смириме; ние, пак, ќе ти дадеме за тоа секој по илјада и сто сикли сребро.«

6Тогаш Далида го праше Самсона: »Кажи ми, во што ти е големата сила, и со што би можеле да те врзат, за да те смират?«

7Самсон ѝ одговори: »Ако ме врзат со седум сурови тетиви, уште неисушени, јас ќе станам бессилен и ќе бидам како другите луѓе.«

8И ѝ донесоа филистејските кнезови седум сурови тетиви, уште неисушени, и таа го врза со нив.

9Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната нејзина; и таа рече: »Самсоне, Филистејците идат против тебе.« Тој ги раскина тетивите, како што се раскинува коноп кога ќе го гори оган. И не се дозна за силата негова.

10И Далида му рече на Самсона: »Ете, ти ме измами и ми кажа лага; кажи ми сега, со што можат да те врзат?«

11Тој ѝ одговори: »Кога би ме врзале со нови јажиња, кои не биле употребени, јас би станал бессилен и ќе бидам како другите луѓе.«

12Далида зеде нови јажиња, го врза и му рече: »Самсоне, Филистејците доаѓаат против тебе.« Во тоа време еден од нив седеше сокриен во спалната. И тој ги скина јажињата од рацете свои како конци.

13И Далида пак му рече на Самсона: »Ти сѐ ме мамиш и ми говориш лага; кажи ми, со што можат да те врзат?« Тој одговори: »Ако привиеш седум перчиња од косата на главата моја, на вратило и ги забиеш со колец на камен јас ќе бидам бессилен како другите луѓе.«

14И го успа Далида на колената свои. И кога тој заспа, Далида зеде седум перчиња од косата на главата негова, ги приви на вратилото и со колец ги притегна на камен и му рече: »Филистејците идат против тебе, Самсоне!« Тој се разбуди од сонот и го извлече кросното сплеткано од основата и вратилото, и пак не се дозна за силата негова.

15И Далида тогаш му рече: »Зошто зборуваш ‚те сакам‘, а срцето твое не е со мене? Ете, ме измами трипати и не ми кажа, во што е твојата голема сила.«

16И бидејќи таа го возменураваше со зборовите свои секој ден и го мачеше, душата негова му се натажи до смрт.

17И тој ѝ го откри целото свое срце, велејќи н: »Бербер не се допрел до главата моја, зашто јас сум назореј Божји од мајчината си утроба: ако ме истриже некој, ќе ме напушти силата моја; јас ќе ослабам и ќе бидам како другите луѓе.«

18Далида, откако виде, дека тој ѝ го откри целото срце свое, испрати и ги повика филистејските кнезови, велејќи им: »Дојдете сега; тој ми го откри целото срце свое.« И тие дојдоа кај неа и донесоа сребро во рацете свои.

19И Далида го успа на колената свои, па повика еден човек, та му заповеда да ги истриже седумте плетенки на главата негова. И тој почна да ослабува, и силата негова го напушти.

20Таа тогаш рече: »Филистејците доаѓаат против тебе, Самсоне!« Тој се разбуди од сонот свој и рече: »Ќе отидам, како и порано, и ќе се ослободам.« Но не знаеше, дека Господ отстапил од него.

21Филистејците го фатија и му ги извадија очите, го доведоа во Газа и го оковаа со две бакарни вериги, и тој мелеше во затворот.

22Меѓутоа, косата на главата негова, откако беше истрижен, почна пак да расте.

23Филистејските кнезови се собраа, за да принесат голема жртва на Дагона, својот бог, и да се провеселат, па рекоа: »Нашиот бог го предаде во рацете наши нашиот непријател Самсон.«

24Исто така и народот, откако виде, го прославуваше својот бог, велејќи: »Нашиот бог ни го предаде во рацете наши непријателот наш и опустошителот на земјата наша, кој порази многумина од нас.«

25А кога се развесели срцето нивно, рекоа: »Повикајте го Самсона од затворот за да нѐ развесели.« И го повикаа Самсона од затворот, и тој ги веселеше и го ставија меѓу два столба.

26И Самсон му рече на момчето, што го водеше за рака: »Дозволи ми да ги напипам столбовите, врз кои се крепи домот, и да се потпрам на нив.« Момчето така и направи.

27А домот беше полн со мажи и жени: таму беа сите филистејски кнезови, и на покривот имаше до три илјади мажи и жени, кои гледаа во Самсона како ги веселеше.

28Повика Самсон кон Господа и рече: »Господи Боже, спомни си за мене и поддржи ме само сега, о Боже, за да им се одмаздам веднаш на Филистејците за двете очи мои.«

29И ги помести Самсон од местото двата средни столба, врз кои се крепеше домот, откако наблегна врз нив, на едниот со десната рака, а на другиот со левата.

30И Самсон рече: »Умри, душо моја, со Филистејците!« И притисна со сета сила, и домот се урна врз кнезовите и врз сиот народ, што беше со него. И умрените, што ги уби при смртта своја, беа повеќе, отколку тој што беше умртвил во текот на целиот живот свој.

31И дојдоа браќата негови и целиот негов татков дом, го зедоа, па отидоа и го погребаа меѓу Сарај и Естаол, во гробот на татко му Маној. Тој беше судија над Израилот дваесет години. По Самсона се издигна Емегар, Енановиот син, и уби од другите племиња шестотини души, освен добитокот. И тој го спаси Израилот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help