1Слово Господово, упатено до пророкот Јеремија за незнабожечките народи:
2за Египет, за војската на фараонот Нехао, цар египетски, која беше при реката Ефрат во Кархамис и која ја победи Навуходоносор, царот вавилонски во четвртата година на Јоакима, синот Јосиев, цар јудејски:
3»Пригответе ги штитовите и копјата и стапете во бој;
4оседлајте ги коњите и качете се на нив, коњаници, и поставете ги шлемовите; наострете ги копјата, облечете се во оклопи.
5А зошто, гледам, тие се уплашија и се свртија назад? Јунаците нивни се разбиени и бегаат, не обѕрнувајќи се назад, страв од секаде, вели Господ.
6Нема да побегне брзоногиот и нема да се избави силниот; на север, покрај реката Ефрат, ќе се сопнат и ќе паднат.
7Кој е тој што се подига како поток и водите да му се брануваат како во река?
8Египет се подига како река и водите му се разбрануваат како потоци, па вели: ќе се кренам и ќе ја покријам земјата, ќе го уништам градот и жителите негови.
9Седнувајте на коњите и впрегнувајте ги колите, излегувајте, и гинете, јунаци, Етиопјани и Либијци, вооружени со штит, и Лидијци, што ги држите и затегнувате лаковите;
10зашто овој ден е за Господа, Бога Саваота, ден за одмазда, за да им се одмазди на непријателите Свои; и меч ќе изедува, ќе се насити и ќе се опие од крвта нивна; бидејќи тоа ќе се изврши за Господа Бога Саваота, како жртвен принос во северната земја, при реката Ефрат.
11Оди во Галад и земи балсам, девојко, ќерко египетска; залудо ќе трупаш лекови – исцеление за тебе нема.
12Чуја народите за твојот срам, и пискотот твој ја исполни земјата; бидејќи јунак со јунак се судрува, па обајцата паѓаат.«
13Слово, кое Господ му го кажа на пророкот Јеремиј за доаѓањето на Навуходоносора, царот вавилонски, за да ја порази земјата Египетска:
14»Соопштете во Египет, и кажете во Мигдол, јавете во Ноф и во Тафнис; кажете: ‚кажи ѝ да се приготви оти мечот ќе ги изеде околните населби.‘
15Зошто е јунакот твој соборен? Не се одржа, оти Господ го собори;
16Он направи така, што многумина се судруваа и паѓаа дури еден врз друг, велејќи: ‚станувај да си појдеме при нашиот народ во својата родна земја, далеку од насилничкиот меч.‘
17а таму викаат: ‚Фараонот, царот египетски, пропадна; го пропушти определеното време.‘
18Жив сум Јас, вели Царот, чие име е Господ Саваот: ќе дојде Он како Тавор меѓу горите и како Кармил покрај морето.
19Подготви се за преселување, ќерко, жителко египетска, зашто Ноф ќе биде опустошен, разорен, па не ќе остане ниту еден жител.
20Египет е убава јунечка: но погибелта иде, доаѓа од север.
21И наемниците негови кај него не изгледаат како згоени телци, па и самите тргнаа да бегаат, побегнаа сите, не можеа да издржат, бидејќи врз нив дојде нивниот погибелен ден, време за да им одмаздам.
22Гласот нивни писка како глас на змија, тие доаѓаат со војска, ќе дојдат врз него со секри како дрвари,
23ќе ја исечат шумата негова, вели Господ, бидејќи се безбројни; повеќе се отколку скакулците, па број немаат.
24Засрами се, ќерко египетска, ти, која си предадена во рацете на северниот народ.
25Господ Саваот, Бог Израилев, вели: еве, Јас ќе го посетам Амона, кој живее во Ноф, Фараонот и Египет, боговите негови и царевите негови, Фараонот и оние што се надеваат во него,
26И ќе ги предадам во рацете на оние што ја бараат душата нивна и во рацете на Навуходоносора, царот вавилонски, и во рацете на слугите негови, но потоа тој ќе биде населен, како и во поранешните дни, вели Господ.
27А ти, Јакове, слуго Мој, не бој се и не плаше се, Израеле: оти еве, Јас ќе те избавам од далечната земја и семето твое – од земјата на ропството нивно; и ќе се врати Јаков и ќе живее спокојно и мирно, и никој нема да го заплашува.
28Не бој се, Јакове, слуго Мој, вели Господ, оти Јас сум со тебе. Јас ќе ги истребам сите народи, при кои те изгонив, но тебе нема да те истребам; само ќе те казнам тебе по мерка; неказнет нема да те оставам.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.