1На третиот ден, откако Давид и луѓето негови тргнаа за Секелаг; Амаликијците го нападнаа Секелаг од југ, го презедоа и го изгореа со оган;
2жените, пак, и сите што беа во него, од мал до голем, не ги убија, туку ги одведоа во плен и отидоа по патот свој.
3Се приближи Давид и луѓето негови до градот, и ете, тој е изгорен со оган, а жените нивни, синовите нивни и ќерките нивни се земени во плен.
4Давид и народот, што беше со него, зедоа да викаат и да плачат, додека имаше сила во нив за плачење.
5Беа земени во плен и двете жени Давидови: Ахиноама, Израилката, и Авигеја, бившата Навалова жена, Кармелитката.
6Давид беше многу збунет, бидејќи народот сакаше да го убие со камења; зашто сиот народ страдаше во душата, секој за синовите свои и за ќерките свои.
7Но Давид се закрепи со надежта во Господа, својот Бог; и му рече Давид на свештеникот Авијатар, син Ахимелехов: »Донеси ми го ефодот.« И Авијатар му го однесе ефодот на Давида.
8Давид го праша Господа, велејќи: »Да го гонам ли тоа мноштво, и ќе ги стигнам ли?« А одговорот му беше: »Гони, ќе стигнеш и ќе ги избавиш.«
9И тргна Давид, тој и шестотини мажи, што беа со него; и дојдоа до потокот Восор, каде што изморените застанаа.
10И ги гонеше Давид, тој сам со четиристотини души; а двестете души останаа, зашто немаа сила да го преминат Восорскиот поток.
11Најдоа еден Египјанин во полето, го доведоа кај Давида, му дадоа леб, тој јаде, и го напоија со вода;
12и му дадоа дел од низа смокви и два грозда суво грозје, и тој јадеше и се поткрепи, зашто не беше јадел леб и не беше пиел вода три дни и три ноќи.
13Тогаш Давид го праша: »Чиј си ти и од каде си?« Тој одговори: »Јас сум момок Египтјанец, слуга на еден Амаликиец, и мојот господар ме остави, бидејќи се разболев име веќе три дни;
14ние навлеговме во јужниот дел на Хелет и во областа Јудина и во јужниот дел на Хаклев, а Секелаг го изгоревме со оган.«
15А Давид го запраша: »Ќе ме одведеш ли до тие луѓе.« Тој одговори: »Заколни ми се во Бога, дека нема да ме убиеш и нема да ме предадеш во рацете на господарот мој, и јас ќе те одведам до тие луѓе.«
16Давид му се заколна, и тој ги поведе. И ете, Амаликијците, распрснати по целата таа земја, јадеа и пиеја и празнуваа поради големиот плен, што го беа зеле од земјата Филистејска и од земјата Јудејска.
17И ги нападна и ги поразуваше Давид од утринските мугри до вечерта на другиот ден, и никој од нив не се спаси, освен четиристотини момчиња, што се качија на камили и избегаа.
18И Давид одзеде сѐ, што беа го зеле Амаликијците, ги одзеде Давид и двете жени свои,
19и не се изгуби кај нив ништо, ни мало, ни големо, ни синови, ни ќерки, ни пленот, ниту нешто од она, што го беа зеле од нив Амаликијците: сѐ врати Давид.
20И Давид го зеде сиот ситен и крупен добиток; и неговите луѓе одеа пред тој добиток и говореа: »Ова е Давидов плен.«
21Давид дојде кај оние двесте души, кои немаа сила да одат по нив, и кои ги беше оставил кај потокот Восор, и тие излегоа да го пречекаат Давида и луѓето, кои беа со него. Давид се приближи до тие луѓе и ги поздрави.
22Тогаш лошите и неранимајковците, што беа оделе со Давида, почнаа да зборуваат: »Поради тоа што тие не одеа со нас, нема да им дадеме од пленот, што го одзедовме; секој нека си ја земе само жената и децата и да си оди.«
23Но Давид рече: »Не правете така, браќа мои, откако Господ ни го даде тоа и нѐ зачува и ни го предаде во рацете мноштвото луѓе што доаѓаше против нас.
24И кој ќе ве послуша во тоа? Тие не се подолни од нас. Каква е честа на оние, што одеа во војна, таква чест треба да има и за оние, што останаа кај комората; меѓу сите треба да се подели.«
25Така стана тоа, од тоа време и понатаму; и тој го постави тоа како закон и правило за Израилот до денес.
26И дојде Давид во Секелаг и од пленот им испрати на старешините Јудини, свои пријатели, велејќи: »Ете ви подарок од пленот, земен од непријателите Господови.«
27Им испрати и на оние, што се во Ветил и во јужен Рамот, во Јетир и во Гетор,
28во Ариор, и во Амад, во Шифмот, и на оние во Естемоа и во Гет,
29во Кинан, во Сафен, во Тимат и во Рахал, во градовите јерахмеелски и во градовите кенејски,
30во Хорма, и во Хорашан, во Атах
31и во Хервон, и по сите места, каде што Давид беше одел, тој и луѓето негови.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.