2 Царства 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давид цар над домот Јудин, а Јевостеј над домот Израилев.

1Потоа Давид Го праша Господа, велејќи: »Да отидам ли во некој од Јудините градови?« И Господ му рече: »Оди.« Давид пак праша: »Каде да одам?« И Он му рече: »Оди во Хеврон.«

2И Давид отиде таму со двете жени свои: Израелката Ахиноама и Камелитката Авигеја, бивша Навалова жена.

3Давид ги одведе и луѓето, што беа со него, секој со челадта своја, и се населија во градот Хеврон.

4И дојдоа мажите Јудини и таму го помазаа Давида за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давида, дека жителите од Јавис Галадски го погребале Саула.

5И Давид испрати претеници до жителите на Јавис Галадски да им кажат: »Благословени да сте пред Господа, поради тоа што ја направивте таа милост на господарот свој Саула, помазаникот Господов, и што сте го погребале и синот негов Јонатана;

6и Господ нека ве награди со милост и вистина; и јас ќе ви направам добро, поради тоа што го направивте вие ова.

7А сега нека се зацврстат рацете ваши и бидете храбри, зашто господарот ваш Саул умре, и домот Јудин ме помаза мене за цар над себеси.«

8Но Авенир, Нировиот син и војвода над Сауловата војска, го зеде Јевостеја, Сауловиот син, го одведе во Маханаим,

9и го постави за цар над Галад, Ашур и Језраел, над Ефрема и Венијамина и над сиот Израил.

10А Јевостеј, Сауловиот син, беше на четириесет години, кога се зацари над Израилот, и царуваше две години. Само Јудиниот дом остана со Давида.

11Сето време, во кое Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом, беше седум години и шест месеци.

12Потоа отиде Авенир, Нировиот син, и слугите на Сауловиот син Јевостеј, од Маханаим во Гаваон.

13Излезе и Јоав, синот Саруев, со Давидовите слуги и се сретнаа при Гаваонскиот поток, и застанаа еден од едната страна на потокот, а другиот – од другата страна на потокот.

14А Авенир му рече на Јоава: »Нека станат момците и нека се борат пред нас.« И Јоав рече: »Нека станат.«

15И станаа, та отидоа дванаесет Венијаминци од страната на Јевостеја, Сауловиот син, и дванаесетте Давидови слуги.

16И тие се фатија еден со друг за главите, си забија еден на друг меч во слабините и паднаа заедно. И тоа место беше наречено Хелкат-Хасурим, кое е во Гаваон.

17И во оној ден стана многу жестока борба, а Авенир со Израилските луѓе беше победен од Давидовите слуги.

18Таму беа тројца синови Саруеви: Јоав, Авеса и Асаил. А Асаил беше со лесни нозе, како срна во полето.

19Асаил почна да го гони Авенира и го гонеше, а да не скршнува ни десно, ни лево од стапките на Авенира.

20Авенир се сврте назад и рече: »Ти ли си, Асаиле?« Тој одговори: »Јас сум.«

21И Авенир му рече: »Скршни десно или лево, избери си еден од момците и земи го неговото оружје.« Но Асаил не сакаше да го остави.

22И Авенир повторно му рече на Асаила: »Остави ме, да не те соборам на земја; со какво лице тогаш ќе се јавам пред братот твој Јоава?«

23Но оној не сакаше да отстапи. Тогаш Авенир го сврти копјето и го прободе во стомахот; копјето мина низ него, и тој падна таму и умре на местото. Сите што минува низ тоа место, каде што беше паднал и умрел Асаил, застануваа.

24Јоав и Авеса го гонеа Авенира. Сонцето веќе беше зајдено кога стигнаа до ридот Ама, спроти Гај, на патот за Гаваонската пустиња.

25А Венијаминовите синови се собраа околу Авенира и образуваа чета и застанаа на врвот од еден рид.

26И Авенир извика кон Јоава и рече: »Вечно ли меч ќе истребува? Или не знаеш, дека подоцнежните ќе бидат горчливи? И кога ќе им кажаш на луѓето да престанат да ги гонат браќата свои?«

27А Јоав рече: »Жив Бог! Ако ти не говореше поинаку, уште ова утро луѓето сакаа да престанат да ги гонат браќата свои.«

28И Јоав затруби со труба и сиот народ застана, и повеќе не ги гонеа Израилците; битката престана.

29Авенир, пак, и луѓето негови врвеа преку полето цалата таа ноќ, го преминаа Јордан, минаа преку целиот Витрон и стигнаа во Маханаим.

30Се врати и Јоав од гонењето на Авенира и го собра сиот народ, а од Давидовите слуги, освен Асаила, недостигаа деветнаесет души.

31А Давидовите слуги ги поразија Венијаминовите и Авенировите луѓе, од кои паднаа триста и шеесет души.

32И го зедоа Асаила и го погребаа во Витлеем, во татковиот му гроб. А Јоав со луѓето свои одеше цела ноќ и во зорите стигна во Хеврон.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help