1Тешко им на пастирите, што ги погубуваат и растураат овците на Моето стадо, вели Господ.
2Затоа вака вели Господ, Бог Израилев, кон пастирите, кои го пасат народот Мој: вие ги растуривте овците Мои, ги упропастивте и не се грижите за нив; еве, Јас ќе ве казнам за вашите лоши дела, вели Господ.
3И ќе го соберам остатокот од Моето стадо, од сите земји каде што ги бев изгонил, и ќе ги вратам во трлата нивни, па ќе се плодат и ќе се размножуваат.
4И ќе поставам над нив пастири, што ќе ги пасат, и тие нема веќе да се бојат, ниту ќе се плашат и нема да се губат, вели Господ.
5Еве, настапуваат дни, вели Господ, и ќе му издигнам на Давида фиданка, и ќе се зацари Цар, Кој ќе постапува мудро и ќе суди праведно на земјата.
6Во дните Негови Јуда ќе се спаси, и Израилот ќе живее безопасно; и еве, – Неговото име со кое ќе го именуваат е »Господ – наше оправдание!«
7Затоа, еве, идат дните, вели Господ, кога веќе нема да се зборува: »жив Господ, Кој ги изведе синовите Израилеви од земјата Египетска«,
8туку »да е жив Господ, Кој го изведе и Кој го доведе племето на домот Израилев од северната земја и од сите земји, каде што ги беше изгонил«, и тие ќе живеат во земјата своја.
9Поради пророците срцето ми се кине во мене, сите коски ми се тресат, јас сум како пијан, како човек што го фатило виното, заради Господа и заради Неговите свети зборови,
10зашто земјата се наполни со прељубници, и земјата плаче поради проклеството; се исушиле пасиштата по пустињите, зашто стремежот им е зло, а силата нивна – неправда;
11бидејќи и пророкот и свештеникот се лицемерни: дури и во домот Мој го забележав бесчестието нивно, вели Господ.
12Затоа патот нивни ќе биде лизгаво место во темнината – ќе ги туркаат и тие ќе паѓаат таму; оти Јас ќе испратам врз нив беда во годината, кога ќе ги посетам, вели Господ.
13А кај пророците во Самарија видов безумие, тие пророкуваат во името на Ваала и го воведуваат во заблуда народот Мој, Израилот.
14А кај пророците во Ерусалим гледам нешто страшно: тие прељубодејствуваат и одат во лага, ги поткрепуваат рацете на злодејците, та никој од нив да не се откаже од бесчестието свое; сите тие се пред Мене како Содом, а жителите негови – како Гомор.
15Затоа вака вели Господ Саваот за пророците: еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со жолчна вода, заради тоа што од ерусалимските пророци се разнесе осквернување по целата земја.
16Така вели Господ Саваот: немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви пророкуваат – тие ве лажат, кажуваат измислени работи од срцето свое, е не она што доаѓа од устата Господова.
17Тие постојано им зборуваат на оние, кои не Ме почитуваат: »Господ рече, мир ќе имате.« И на секого кој се управува според тврдокорноста на срцето свое, велат: »зло нема да ве снајде.«
18Зашто, кој е тој што стоел во советот на Господа, па видел и го чул словото Негово? Кој внимавал на Неговото слово и кој го чул тоа?
19Еве, иде бурата Господова со јарост, бура страшна, и ќе се свие врз главата на безбожниците.
20Гневот Господов нема да се одврати сѐ додека Он не ги изврши и додека не ги исполни замислите на Своето срце; во последните дни тоа наполно ќе го разберете.
21Јас не ги праќам тие пророци, а самите се беа растрчале; Јас не им зборував, а тие пророкуваа.
22Да беа стоеле во советот Мој, тие ќе ги објавеа на Мојот народ зборовите Мои и ќе ги отклонеа од нивниот лош пат и од нивните лоши дела.
23Зар Јас сум Бог, кој само одблизу зборувам, вели Господ, а не Бог и од далеку?
24Може ли човек да се сокрие на место тајно, каде што Јас не би го видел? – вели Господ. Зар не го исполнувам Јас небото и земјата – вели Господ.
25Јас слушав што зборуваат пророците, кои во името Мое пророкуваат лага. Тие велат: »ми се сони, ми се сони.«
26Долго ли ќе трае тоа во срцето на пророците, кои пророкуваат лага, кои пророкуваат измама од срцата свои?
27Мислат ли тие дека преку своите соништа, што си ги раскажуваат еден на друг, да го доведат Мојот народ дотаму што да го заборави името Мое, како што го заборавија татковците нивни името Мое заради Ваала?
28Пророкот што видел сон, нека го раскаже како сон, а во кого е словото Мое, нека го каже верно словото Мое. Што заедничко има плевата со пченицата, вели Господ.
29Зар не е Моето слово како оган, вели Господ, и не е ли како чекан што крши карпа?
30Затоа, еве, Јас сум против пророците, вели Господ, кои ги крадат зборовите Мои еден од друг.
31Еве, Јас сум против пророците, вели Господ, кои го креваат својот јазик и велат: »Он рече.«
32Еве, Јас сум против пророците на лажни соништа, вели Господ кои ги кажуваат и преку своите измами и итрини го заблудуваат, Мојот народ, кога Јас не сум ги пратил, ниту сум им заповедал; затоа тие не донесуваат никаква полза за тој народ, вели Господ.
33Ако те праша тој народ, или пророк, или свештеник: какво е бремето од Господа? а ти кажи му – »вие сте бреме. Јас ќе ве напуштам,« вели Господ.
34Ако пророкот, или свештеникот, или народот каже: »тоа е бреме од Господа«, Јас ќе го казнам тој човек и домот негов.
35Туку вака велите еден на друг и брат брату: »што одговори Господ?« или – »што вели Господ?«
36А тој збор: »бреме од Господа«, не употребувајте го во иднина, зашто на таков човек бреме ќе му биде неговиот збор, бидејќи вие ги изопачувате зборовите на живиот Бог, Господа Саваота, нашиот Бог.
37Вака вели му на пророк: »што ти одговори Господ?« или – »што рече Господ?«
38Ако пак сѐ уште велите: »бреме од Господа«, тоа така вели Господ, поради тој збор што го кажувате – »бреме од Господа«, кога пак, Јас ве пратив да велите: не говорете – »бреме од Господа«,
39еве затоа ќе ве заборавам наполно, ќе ве оставам и ќе го отфрлам од лицето Свое овој град, кој ви го дадов вам и на татковците ваши.
40И врз вас ќе испратам вечна поруга и вечен срам, кој нема да се заборави.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.