Мудрост Сирахова 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Неприлични зборови.

1Многу е подобро да изобличиш, отколку тајно да се лутиш; а кој насамо изобличува, од штета ќе се претпази.

2Колку е убаво кога изобличениот се покае!

3Зашто таквиот ќе избегне драговолен грев.

4Каков што е евнухот што сака девица да обесчести, таков е и оној што сака правда преку суд со насилство.

5Некој молчи и се покажува мудар; а некого го мразат поради многу зборување.

6Некој молчи, зашто нема што да одговори, а некој молчи, чекајќи го својот час.

7Мудар човек молчи до вистинскиот час, а суетниот и неразумниот не чекаат време.

8Кој премногу зборува, здодевен станува, а кој си присвојува право да говори, – намразуван бива.

9Некој во злото добро наоѓа, а некогаш придобивката загуба станува.

10Има подрок што не ти е корисен, а има и дар што двојно се исплатува.

11Има понижување за слава, а некој од понижување крева глава.

12Некој со малку купува многу, а сепак плаќа за него седумпати повеќе.

13Мудриот го сакаат заради неговите зборови, а љубезноста на неразумните е празна.

14Дар од безумен не ти е на корист; зашто неговите очи бараат многу повеќе за враќање;

15Тој малку дава, а многу зборува: ќе отвори уста, ќе кажува на сите. Денес на заем дава, а утре го бара она што го дал. Ваквиот човек е омразен и пред Бога и пред луѓето.

16Неразумниот вели: »Немам пријател, нема благодарност за добрините што ги правам; лебот мој го јадат, но со јазикот се лукави.«

17Колкупати и колкумина со него се подбиваат!

18Подобро да се препнеш на патот, отколку со јазикот. И така ненадејно пропаста на лошите им доаѓа.

19Непријатниот човек е ненавремена приказна, која е секогаш во устата на неуките.

20Мудрата изрека е одвратна во устата на глупавиот, зашто ја кажува кога не треба.

21Некој се воздржува од грев поради сиромаштија, и во воздржувањето не се смирува.

22Некој ја загубува својата душа поради лажна срамежливост, ја загубува од лицемерност пред безумен.

23Некој од срам на пријателот ветување му дава; и така без потреба непријател го прави.

24Лош порок кај човекот е лагата; таа секогаш е во устата на неуките.

25И крадецот е подобар од оној кој постојано лаже, но и обајцата ќе наследат погубност.

26Лагата е срамна навика; срамот е постојан придружник на лажливците.

27Кој мудро говори, тој ќе се издигне; умниот им е мил на управителите.

28Кој својата земја добро ја обработува, богата жетва жнее, а кој знае на управителите да им угодува – во прилика на неправда, ќе биде помилуван.

29Гозбите и подароците ги заслепуваат очите на мудрите; како узда во устата – ги сопираат изобличувањата.

30Каква полза има од сокриена мудрост и од сокриено богатство?

31Подобар е оној што ја сокрива својата глупост, од оној што ја сокрива својата мудрост.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help