1Тогаш Мојсеј го свика сиот Израил и им рече: »Слушај ги, Израиле, наредбите и законите што ви ги кажувам денес во ушите ваши, научете ги и трудете се да ги исполнувате.
2Господ, нашиот Бог, склучи со вас завет на Хорив.
3Тој завет Господ не го склучи со нашите татковци, туку со нас, кои сме сега тука сите живи.
4Лице кон лице ви говореше Господ вам на планината од огнот:
5јас пак, стоев меѓу Господа и меѓу вас во тоа време, за да ви ги пренесувам зборовите Господови, бидејќи вие се плашевте од огнот и не излеговте на планината. Он тогаш рече:
6‚Јас сум Господ, твојот Бог, Кој те изведов од Египетската земја, од домот на ропството;
7да немаш други богови пред лицето Мое!
8Не прави идоли и никакви ликови на она, што е на небото горе, и што е на земјата долу, и што е во водите под земјата,
9не им се клањај и не им служи; зашто Јас сум Господ, Бог твој, Бог ревнител, кој, за гревот на татковците што Ме мразат ги казнувам децата, до третото и четвртото колено,
10и Кој покажува милост до илјадници поколенија кон оние, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои.
11Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог; зашто Господ, твојот Бог, нема да го очисти оној, што го употребува името Негово напразно!
12Пази го саботниот ден, за да ти биде свет, како што ти заповедал Господ, твојот Бог;
13шест дена работи и врши ги сите работи,
14а седмиот ден е сабота на Господа, твојот Бог: не врши во него никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни робот твој, ни робинката твоја, ни волот твој, ни оселот твој, ниту некој твој добиток, ниту придојдениот твој, кој е кај тебе, за да си почине робот твој и робинката твоја и оселот твој, како и ти.
15И запомни, дека ти беше роб во Египетската земја, но Господ, твојот Бог, те изведе оттаму со цврста рака и со висока мишка; затоа и ти заповеда Господ, твојот Бог, да го почитуваш саботниот ден и да ти е свет.
16Почитувај го таткото твој и мајката твоја, како што ти заповеда Господ, твојот Бог, за да живееш долго и да ти биде добро во онаа земја, што ти ја дава Господ, твојот Бог.
17Не убивај!
18Не врши прељуба!
19Не кради!
20Не сведочи лажно против ближниот свој!
21Не ја пожелувај жената на ближниот свој и не го пожелувај домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ниту робот негов, ниту робинката негова, ниту волот негов, ниту оселот негов ниту како и да било добиток негов, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!‘
22Тие зборови ги изрече Господ громогласно кон целото ваше собрание на планината од огнот, облакот и мракот, и повеќе не говореше, и ги напиша на две камени плочи и ми ги предаде.
23И кога го чувте гласот од мракот, и планината гореше во оган, вие се приближивте до мене, сите началници на вашите племиња и старешините ваши,
24говорејќи: ‚Ете, ни ја покажа Господ, нашиот Бог, славата Своја и го чувме гласот Негов од огнот; денес видовме, дека Господ му говореше на човек, и тој остана жив.
25А зошто сега да умреме? Бидејќи тој голем оган ќе не изгори; ако пак го чуеме гласот на Господа, нашиот Бог, ќе умреме;
26кое е тоа тело што го чуло, како ние, гласот на живиот Бог, Кој говореше од огнот, а да останало живо?
27Пристапи ти и послушај сѐ, што ти вели Господ, нашиот Бог, кажи ни сѐ, што ќе ти каже Господ, нашиот Бог, а ние ќе послушаме и така ќе правиме.‘
28И Господ ги чу вашите зборови, како разговаравте со мене, и ми рече Господ: ‚Ги чув зборовите на твојот народ, кој ти говореше; сѐ што рекоа, е добро.
29О, да имаа тие такво срце, та да се плашеа од Мене и да ги слушаа сите заповеди Мои во сите денови, тогаш ќе им беше добро ним и на синовите нивни во веки!‘
30Оди и кажи им: ‚Ватете се во домовите ваши!
31а ти остани тука со Мене, и Јас ќе ти ги кажам сите заповеди, наредби и закони, на кои треба да ги научиш, како да постапуваат во онаа земја, што им ја давам во наследство.‘
32Гледајте да постапувате така, како што ви заповеда Господ, вашиот Бог, не скршнувајте ни десно, ни лево;
33одете по патот, по кој ви заповеда Господ, вашиот Бог, за да бидете живи и да ви биде добро и да поживеете долго време во онаа земја, што ќе ја добиете во наследство.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.