Галатјаните 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Павле се согласува со апостолите, му се противи на Петра и останува при уверение дека до оправдување се доаѓа преку вера.

1И на четиринаесет години потоа пак се искачив во Ерусалим со Варнава, откако го зедов со себе и Тит.

2А влегов по откровение и им го изложив на верните, посебно на највидните, Благовестието што Го проповедам кај незнабошците дека не трчам залудо или, пак, залудо сум трчал.

3Но и Тит, кој беше со мене, иако Елин, не беше принуден да се обреже.

4Што се однесува, пак, од лажните браќа, кои дојдоа и се вовлекоа да ја гледаат нашата слобода, која ја имаме во Христа Исуса, за да нѐ поробат,

5ним ни за час не се оставивме да нѐ покорат, та да се запази во вас вистината на Евангелието.

6А во врска, пак, со највидните – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно: Бог не го гледа човекот по лице – тие ништо не ми дадоа.

7Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е поверено да благовестам на необрезаните, како на Петра – на обрезаните,

8– оти Оној, Кој му помогна на Петра во апостолството меѓу обрезаните, ми помогна и мене меѓу незнабошците –

9и кога узна за благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои се броеја за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката и се согласија ние да отидеме при незнабошците, а тие – при обрезаните,

10порачувајќи ни само да ги помниме сиромасите, за кое се погрижив и точно да го исполнам.

11А кога дојде Петар во Антиохија, јас лично му се спротивставив, оти се беше изложил на осудување;

12бидејќи, пред да пристигнат некои од Јакова, тој јадеше заедно со незнабошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, плашејќи се од обрезаните.

13Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што дури и Варнава така направи.

14А кога видов дека тие не постапуваат точно според евангелската вистина, му реков на Петра пред сите: кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски?

15Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците.

16Откако узнавме дека човекот се оправдува не преку делата од Законот, туку само преку верата во Исуса Христа, и ние поверувавме во Христа Исуса, за да се оправдаме преку верата во Христа, а не преку делата од Законот; оти преку делата од Законот нема да се оправда ниедна плот.

17Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христа, и сами се најдовме грешници, зарем Христос е слуга на гревот? Тоа никако!

18Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник;

19преку Законот умрев за Законот, и, за да живеам за Бога, се распнав со Христа;

20и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене.

21Не ја отфрлувам благодатта Божја; оти ако правдата доаѓа преку Законот, тогаш Христос залудо умрел.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help