1Браќа, ви напомнувам за Евангелието, Кое ви го проповедав а Кое вие го примивте и во Кое стоите.
2Преку Него и се спасувате, ако Го држите како што ви проповедав, освен ако не сте поверувале напразно.
3Ви го предадов најнапред она, што го бев и примил, дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата;
4дека Он беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата,
5и дека му се јави на Кифа и потоа на единаесетте;
6после им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа;
7потоа му се јави на Јакова и на сите апостоли,
8а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче,
9зашто јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква.
10Со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене.
11И така, било јас, или тие, така проповедаме, и вие така поверувавте.
12И кога за Христа се проповеда дека воскреснал од мртвите, како тогаш некои помеѓу вас велат дека немало воскресение на мртвите?
13А штом нема воскресение на мртвите, тогаш и Христос не воскреснал;
14ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера.
15При тоа, ако навистина мртвите не воскреснуваат, ние излегуваме како лажни сведоци Божји, бидејќи сведочевме за Бога дека Го воскреснал;
16оти, ако мртвите не воскреснуваат, и Христос не воскреснал;
17ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови;
18тогаш и оние, што умреле за Христа, загинале.
19И, ако само во овој живот се надеваме на Христа, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе.
20Но, ете, Христос воскресна од мртвите и со тоа стана првина за умрените.
21Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите стана преку човек.
22И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат;
23но, секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.
24А потоа ќе биде крајот, кога ќе Му го предаде на Бога и Отецот царството, односно кога ќе уништи секое началство, секоја власт и сила.
25Бидејќи Он треба да царува »додека не ги стави под нозете Свои сите непријатели.«
26А најпоследниот враг за уништување е смртта,
27зашто »сите ги покори под нозете Негови«; а што се вели »дека сѐ Му е Нему покорено«, очевидно е, освен Оној, Кој што Му потчини сѐ.
28Кога, пак, ќе Му биде потчинето сѐ, тогаш и Самиот Син ќе Му се потчини на Овој, Кој Му потчини сѐ, за да биде Бог сѐ во сѐ.
29Инаку, што ќе направат оние, кои се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите, ако воопшто мртвите не воскреснуваат? Кога мртвите не воскреснуваат, зошто тие тогаш се крштаваат, верувајќи во воскресение на мртвите?
30Зошто, пак, и ние секој час се подложуваме на опасност?
31Секој ден умирам, браќа, жими пофалбата ваша, која ја имам во Христа Исуса, нашиот Господ.
32Кога во Ефес, човечки да речам, се борев со ѕверови, тоа што полза имам, штом мртвите не воскреснуваат? »Да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!«
33Не лажете се: »Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи!«
34Освестете се еднаш како треба, па не грешете! Оти некои од вас не знаат за Бога – за ваш срам го велам ова.
35Но ќе рече некој: како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат?
36Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре.
37А кога сееш, не го сееш телото, кое ќе стане, туку голо зрно, било пченично или друго некое;
38но Бог му дава тело, какво што сака, и на секое семе негово сопствено тело.
39Не е секое тело исто со друго тело: друго е телото на човек, друго е телото на животно, друго на риба, друго на птица.
40Има тела небесни и тела земни, но друг е болскотот на небесните и друг на земните;
41еден е болскотот на сонцето; друг е болскотот на месечината, инаков е, пак, на ѕвездите; па и ѕвезда од ѕвезда по болскотот се разликува.
42Такво е и воскресението на мртвите: се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање;
43се сее во бесчест – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила;
44се сее тело душевно – воскреснува тело духовно. Има тело душевно, има и тело духовно.
45Па така е и напишано: »Првиот човек Адам стана жива душа«, а последниот Адам – животворен дух.
46Но не иде прво духовното, туку душевното, а потоа духовното.
47Првиот човек е од земја, земјен; вториот човек е Господ од небото.
48Каков е земниот, такви се и земните; и каков е Небесниот, такви се и небесните;
49и како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и образот на Небесниот.
50А ова ви го велам, браќа, дека телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливоста ја наследува нераспадливоста.
51Еве, тајна ви кажувам; сите нема да умреме, но сите ќе се измениме,
52одеднаш, во еден миг, при последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме;
53зашто распадливото треба да се облече во нераспадливо, а смртното – да се облече во бесмртно.
54А кога распадливото се облече во нераспадливост, и смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: »Победата ја проголта смртта«.
55Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата?
56Осилката на смртта е гревот, а силата на гревот е Законот.
57Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос.
58И така, браќа мои возљубени, бидете цврсти, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.