2. Макавејска 15 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Хулењето на Никанора.

1Кога Никанор разбра дека Јуда и неговите луѓе се наоѓаат во Самарија, одлучи, без да се изложува на некаква опасност, да ги нападне во саботен ден.

2И кога Јудејците, кои присилно го придружуваа, му велеа: »Не уништувај ги така жестоко и нечовечно; дај му чест на денот, кој е посветен од Оној, кој бдее над сите нас,«

3тогаш тој безбожник ги праша: »Зар има Господ на небото, Кој заповедал да се празнува саботниот ден?«

4И тие му одговорија: »Има жив Господ, Господар Небесни, Кој заповедал да се празнува саботниот ден,«

5Тој пак рече: »А јас сум господар на земјата, кој заповеда да се земе оружје и да се извршуваат царските работи.« Сепак не успеа да ја оствари својата злонамерна одлука.

6Исполнет со голема гордост, Никанор се надеваше дека ќе извојува целосна победа над оние што беа со Јуда.

7А Макавеј не престануваше да се надева со увереност оти ќе добие помош од Господа.

8Тој ги храбреше оние, кои беа со него, и им велеше да не се плашат од нападот на незнабошците, да си спомнат за помошта што порано им била давана од Небото, па и сега да ја чекаат својата помош и победа од Седржителот.

9Утешувајќи ги со ветувањата на Законот и на пророците, припомнувајќи им ги нивните сопствени подвизи во изминатите битки, тој ги заврсти во храброста.

10Кога на таков начин го подигнуваше нивниот дух, тој им укажа и на вероломноста на незнабошците и нарушувањето на нивните ветувања и клетви.

11Тој го вооружи секого од нив не толку со остри мечеви и копја, колку со убедливи добри зборови; и ги зарадува сите, откако им раскажа и еден веродостоен сон.

12Еве го неговиот сон: го видел некогашниот првосвештеник Ониј човек чесен и добар, скромен во однесувањето, со блага нарав, кроток, слаткоречив, кој уште од детство беше усвоил со ревност сѐ што води кон придобивање на добродетелите. – Него го видел со издигнати раце како се моли за сиот јудејски народ.

13Потоа се појавил еден друг маж, украсен со бели коси и со болскот, окружен со чудна и необична величественост.

14А Ониј рекол: »Овој е братољубецот Јеремија, Божјиот пророк, кој се моли многу за народот и за светиот храм.«

15Тогаш Јеремија ја пружи својата десна рака и му даде на Јуда златен меч, и подавајќи му го рече:

16»Земи го овој меч, тој ти е дар од Бога. Со него ќе ги скршиш непријателите.«

17Утешени и охрабрени од овие убави зборови на Јуда, кои многумина ги вдахновија со јунаштво, а младите срца ги исполни со храброст, Јудејците решија да не се улогоруваат, туку веднаш да ги нападнат непријателите, гради в гради, и јуначки да решат сѐ, зашто градот, светињата и храмот се наоѓаат во опсаност.

18Борбата за жените и децата, за браќата и роднините, им се чинеше помалку важна, отколку што беа загрижени пред сѐ за Божјиот храм.

19Не помалку се вознемируваа и оние што беа останале во градот; тие беа загрижени и исплашени поради битката на отворено поле.

20И тогаш кога сите очекуваа, кога чувствуваа дека се приближува решавачката битка, кога непријателите се соединија и кога војската беше наредена за борба, кога слоновите беа доведени на нивните соодветни места, а коњицата разместена на двете страни,

21Макавеј, штом го виде приближувањето на многубројната војска, разновидното оружје и страшниот изглед на слоновите, крена раце кон небото и повика кон Господа, Кој гледа сѐ и Кој прави чуда, бидејќи знаеше оти победата не се добива со оружје и дека Он им ја дава на достојните.

22Тој се помоли вака: »Господи, Ти му испрати ангел на Јудејскиот цар Езекија и тој изби сто осумдесет и пет илјади луѓе од војската на Сенахирим,

23и сега, Господи на небесата, испрати ни добар ангел пред нас за страв и трепет на нашите непријатели.

24Со силата на Твојата мишка удри ги оние што дошле со хули против светиот Твој народ.« Така ја заврши Јуда својата молитва.

25Оние што беа со Никанора, се приближуваа со звуци од труби и со бојни извици,

26а оние, што беа со Јуда во битките против непријателите, влегуваа со молитва во устата.

27Борејќи се со своите раце, и молејќи Му се на Бога со своето срце, тие избија не помалку од триесет и пет илјади души и многу ѝ се израдуваа на очигледната Божја помош,

28Кога, по бојот, се враќаа весело, слушнаа дека Никанор паднал мртов со целата своја бојна опрема.

29Кога стивна вревата и шумот, тие го прославија Господа на јазикот од своите татковци.

30Тогаш Јуда, кој со душа и со тело се бореше за своите сограѓани, кој ги посвети своите најубави години за своите сонародници, нареди на Никанора да му биде отсечена главата и десната рака заедно со плешката и да бидат однесени во Ерусалим.

31Штом стигна таму, ги повика своите сонародници и свештениците пред жртвеникот. Тогаш ги повика и оние од тврдината;

32па им ја покажа главата на хулителот Никанор и раката негова, што ја беше подигнал против домот на Седржителот, опиен од својата неразумна гордост;

33Нареди да му се отсече и јазикот на безбожниот Никанор, да го издробат и парченце по парченце да им даваат на птиците, а десната рака на тој безумник – да биде обесена спроти храмот.

34Тогаш сите, свртувајќи ги своите очи кон небото, Го прославува Господа, Кој им даде помош, велејќи: »Да е благословен оној, Кој го запази неосквернето Своето место!«

35А главата на Никанора ја обеси на тврдината – на сите да им биде очигледен доказ за помошта од Господа.

36Тогаш сите еднодушно одлучија: тој ден никогаш да не биде заборавен, туку да се празнува секоја година тринаесеттиот ден во дванаесеттиот месец, кој на арамејски јазик се именува Адар, ден пред денот на Мардохеја.

37Бидејќи работата со Никанора беше завршена, а Јудејците оттогаш завладеаја со градот, затоа и јас со ова го завршувам моето прикажување.

38Ако ова мое излагање сум го составил добро и убаво, тогаш и мојата желба е исполнета. Ако, пак, сум го направил слабо и недоволно, тогаш сум го направил она што сум можел.

39Зашто, како што е штетно и невкусно да се пие само вино и потоа веднаш само вода, туку виното помешано со вода е повкусно и поздраво, така е и со добро распоредената содржина на еден состав; тогаш е пријатен за слухот на оние што го читаат, како и на оние што го слушаат. Со ова завршувам.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help