Јеремија 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Казната на Јудејците претставена со два знака.

1Вака ми рече Господ: оди и купи си ленен појас и опаши се со него, но не клавај го во вода.

2Јас си купив појас, како што рече Господ, и го препашав крстот свој.

3И би слово Господово до мене по вторпат, и ми беше речено –

4земи го појасот, што го купи, и кој ти е на крстот твој, па стани и оди до Ефрат и сокри го таму во некоја камена пукнатина.

5Јас отидов и го сокрив при Ефрат, како што ми заповеда Господ.

6А штом изминаа повеќе дни, Господ ми рече – стани, оди при Ефрат и земи го оттаму појасот, за кој ти бев заповедал да го сокриеш таму.

7И јас отидов до Ефрат, ископав и го зедов појасот од местото, каде што го бев сокрил, а тоа – појасот беше изгнил и станал веќе неупотреблив.

8И би слово Господово до мене:

9вака вели Господ ќе ја скршам гордоста на Јуда, и големата гордост на Ерусалим.

10Тој лош народ, кој не сака да ги слуша зборовите Мои, живее според тврдокорното срце свое и оди по други богови, за да им служи и да им се клања, па ќе биде како овој појас, кој не е годен за ништо.

11Оти, како што појасот се прилепува до крстот на човекот, така и Јас го прилепив до Себе сиот Израилев дом и сиот Јудин дом, вели Господ, за да бидат Мој народ и Моја слава, похвала и украс, но тие не послушаа.

12Затоа, кажи им го овој збор: вака вели Господ, Бог Израилев – секој мев за вино се полни со вино. Тие ќе ти речат: зар ние не знаеме, дека секој мев за вино се полни со вино?

13А ти кажи им: еве што вели Господ – Јас ќе ги наситам со вино до опивање сите жители на таа земја, и царевите, кои седат на Давидовиот престол, свештениците и пророците и сите ерусалимски жители,

14и ќе ги судрам еден со друг, татковците со синовите заедно, вели Господ; нема да ги поштедам, нема да ги помилувам, нема да зажалам што ќе ги истребам.

15Слушајте и внимавајте; немојте да бидете горди, оти Господ зборува.

16Подајте слава на Господа, вашиот Бог, додека Он сѐ уште не испратил темнина и додека сѐ уште нозете ваши не се спотакнуваат по темни гори; тогаш ќе очекувате светлина, а Он ќе ја претвори во смртна сенка и ќе ја направи темнина.

17Ако, пак, не го послушате тоа, душата моја ќе ја оплакува вашата гордост во скришни места, ќе плаче горко, и очите мои слози ќе леат; бидејќи стадото Господово ќе биде во плен одведено.

18Кажи му на царот и на царицата: смирете се, седнете пониско, оти ќе паднат од главите ваши венците на вашата слава.

19Јужните градови се затворени, и нема кој да ги отвори; цела Јуда во ропство се одведува заедно со сиот плен.

20Кренете ги очите и погледајте ги оние што идат од север: каде е стадото, што ти беше дадено, убавото стадо твое?

21Што ќе речеш, ќерко Сионова, кога ќе те посети Он? Ти сама ги научи да господарат над тебе: нема ли да те стегнат болки како жена кога раѓа?

22Ако речеш во срцето свое: »зошто ме снајде ова?« – па, поради многуте твои беззаконија, ќе се кренат твоите поли и твоите пети се соголија.

23Може ли Етиопјанин да ја смени кожата своја и леопардот – дамките свои? Па така и вие, можете ли да правите добро, кога сте свикнати да вршите зло?

24Затоа ќе ги развеам како прав, ќе ги разнесам со пустински ветар.

25Ете го твојот жреб, делот што сум ти го одмерил, вели Господ, бидејќи ти Ме заборави и се надеваше на лага.

26Затоа, ќе ти биде крената полата твоја врз лицето твое, за да се види срамотијата твоја.

27Го видов твоето прељубодејство и твоите бесни похоти и гнасотии по височинките и по полињата; тешко тебе, Ерусалиме; зар нема да се очистиш? А до кога уште?

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help