1И зеде Самуил сад со елеј, го излеа врз главата негова, го бакна и рече: »Еве, Господ те помаза за цар на Своето наследство во Израилот и ти ќе царуваш над народот Господов и ќе ги избавиш од рацете на околните непријатели нивни, и ете ти знак, дека Господ те помазал за цар на Своето наследство.
2И, кога ќе тргнеш сега од мене, ќе сретнеш двајца луѓе близу до Рахилиниот гроб, во Венијаминовите предели, во Силом, во Вакалат и тие со радост ќе ти кажат: ‚Се најдоа ослиците, што одеше да ги бараш, и ете, татко ти, заборавајќи ги ослиците, се обеспокои за вас, велејќи: »Што стана со синот мој?«‘
3Откако ќе отидеш понатаму и ќе дојдеш при Таворската дубрава, и таму ќе те сретнат тројца луѓе, кои одат кај Бога во Ветил: едниот носи три јариња, другиот носи три леба, а третиот носи мев со вино.
4И тие ќе те поздрават и ќе ти ги дадат двата леба, и ти ќе ги земеш од рацете нивни.
5Потоа ќе дојдеш на Божјиот рид, каде што е филистејската страна, таму се филистејските началници; и кога ќе влезеш таму во градот, ќе сретнеш група пророци, кои слегуваат од ридот, и пред нив псалтир и тимпани, свирки и гусли, и ќе пророкуваат;
6и Духот Господов ќе слезе врз тебе, и ти ќе пророкуваш заедно со нив и ќе станеш друг човек.
7Кога тој знак ќе се случи со тебе, тогаш прави она што може раката твоја, зашто со тебе е Бог.
8Оди пред мене во Галгал, каде што и јас ќе дојдам при тебе, за да принесам жртва сепаленица и жртви за благодарност. Седум дена чекај, додека да дојдам кај тебе, и тогаш ќе ти кажам што да правиш.«
9И штом Саул се сврте, за да си оди од Самуила, Бог му даде друго срце, и сите оние знаци се збиднаа во истиот ден.
10Кога дојде до ридот, ете кај ги сретнува група пророци, и Духот Божји слезе врз него, и тој пророкуваше меѓу нив.
11Сите, што го познаваа вчера и завчера, откако видоа, дека тој пророкува со пророците, си велеа еден на друг: »Што се случило со Кисовиот син? Зар и Саул е меѓу пророците?«
12И еден од оние, што беа таму, одговори и рече: »Па кој е нивниот татко?« Затоа излезе поговорка: »Зар и Саул е меѓу пророците?«
13И тој престана да пророкува и отиде на ридот.
14А Сауловиот чичко го праша него и слугата негов: »Каде одевте?« Тој одговори: »Па ги баравме ослиците, но, откако видовме, дека ги нема, навративме кај Самуила.«
15И Сауловиот чичко рече: »Раскажи ми, што ви рече Самуил.«
16И Саул му кажа на чичка си: »Тој ни јави, дека ослиците се најдени.« А она, што Самуил му го кажа за царството, не му го кажа.
17И Самуил го свика народот при Господа во Масифа,
18и им рече на синовите Израилеви: »Така говореше Господ, Бог Израилев: ‚Јас го изведов Израилот од Египет и ве спасив од рацете на Египтјаните, од рацете на сите царства, што ве притискаа.‘
19А вие сега го отфрливте вашиот Бог, Кој ве спаси од сите ваши маки и таги, и Му рековте: – постави ни цар. И така, застанавте сега пред Гсопода според знамињата ваши и племињата свои и според илјадниците свои!«
20И заповеда Самуил да минуваат сите племиња Израилеви, и со жреб беше посочено Венијаминовото племе.
21И му заповеда на Венијаминовото племе да минува според домовите нивни, и беше посочено Матриевото племе; и го доведуваа Матриевото племе според мажите, и беше посочен Саул, Кисовиот син; и го бараа, но не го најдоа.
22И пак го запрашаа Господа: »Ќе дојде ли тој човек тука?« И Господ одговори: »Ете, тој се крие во покривките.«
23Го најдоа таму и го изведоа оттаму; тој застана среде народот: а од рамениците свои угоре беше повисок од сите.
24И Самуил му рече на сиот народ: »Гледате ли, кого го избра Господ? Како него нема меѓу сиот народ.« Тогаш сиот народ извика и рече: »Нека живее царот!«
25И Самуил му ги изложи на народот правата на царството (царувањето), ги напиша во книга, и ја стави пред Господа. И го распушти сиот народ, секој во домот свој.
26Исто така и Саул си отиде дома, во Гава; а со него отидоа и храбрите, до чие срце се беше допрел Бог.
27А лошите луѓе рекоа: »Та тој ли ќе нѐ спаси?« И го презреа и не му принесоа дарови.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.