1Кога Давид живееше во својот дом, му рече на пророкот Натана »Еве, јас живеам во кедров дом, а ковчегот на заветот Господов е под шатор.«
2А Натан му одговори на Давида: »Врши сѐ што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.«
3Но во истата ноќ му дојде словото Божјо на Натана:
4»Оди и кажи му на слугата Мој Давида: вака вели Господ: ‚Ти нема да ми изградиш дом, каде што ќе живеам,
5зашто Јас не сум живеел во дом од денот кога ги изведов синовите Израилеви, и до денес, а одев од шатор во шатор и од живеалиште во живеалиште.
6Каде и да одев со сиот Израил, му реков ли, макар и збор, на некого од судиите Израилски, на кои им бев заповедал да му бидат пастири на Мојот народ: »зошто не ми изградите кедров дом?«‘
7И сега вака кажи му на Мојот слуга Давид: вака вели Господ Саваот: Те зедов од овчото стадо, за да те направам водач на Мојот народ Израилот;
8бев со тебе секогаш, каде и да одеше, ги поразив сите твои непријатели пред лицето твое и го направив името твое како името на големите по земјата;
9подготвив место за Мојот народ Израилот, го зацврстив, и тој ќе живее спокојно на своето место, и нема повеќе да го вознемируваат, нечестивите нема повеќе да го притискаат, како порано,
10во оние дни, кога Јас бев поставил судии над Мојот народ Израилот, и Јас бев ги смирил сите твои непријатели, и те известив, дека Господ ќе ти изгради дом.
11Кога ќе се исполнат твоите дни, и ти ќе се прибереш кај татковците свои, тогаш ќе го подигнам твоето семе по тебе, што ќе биде од синовите твои, и ќе го зацврстам царстово негово.
12Тој ќе Ми изгради дом, и ќе го утврдам престолот негов засекогаш.
13Јас ќе му бидам татко, и тој ќе Ми биде син, и милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од оној што беше пред тебе.
14ќе го поставам во Мојот дом и во Моето царство засекогаш, престолот негов ќе биде вечно цврст.«
15Сите тие зборови и целото видение Натан точно му ги раскажа на Давида.
16Цар Давид дојде, застана пред лицето Господово и рече: »Кој сум јас, Господе Боже, и што е мојот дом, та толку ме подигна?
17Но и тоа се покажа малку во Твоите очи, Боже; ти навестуваш за домот на Твојот слуга далечна иднина и гледаш на мене како на голем човек, Господи Боже!
18Што уште може да прибави пред Тебе Давид, за да се возвеличи Твојот слуга? Ти го знаеш Својот слуга!
19Господи, за Твојот слуга, според срцето Свое, Ти ги вршиш сите тие големи дела, објавувајќи го ова сето величие.
20Господи, по сѐ она што го чув со ушите свои, сличен на Тебе нема и нема Бог освен Тебе.
21И кој е сличен на Твојот народ Израилот, единствен народ на земјата, кај кој доаѓал Бог, да го искупи за својот народ, за да се здобие со име на големи и страшни дела, – преку прогонување на народите од лицето на Својот народ, кој го спаси од Египет Ти.
22Ти го направи Твојот народ Израилот Свој сопствен народ засекогаш и Ти, Господи, стана негов Бог.
23И така, сега, о Господи, утврди го засекогаш словото, што си му го кажал на Твојот слуга и за неговиот дом, и направи, според она како што си кажал.
24Нека се зацврсти и нека се возвеличи Твоето име засекогаш, за да велат: ‚Господ Саваот, Бог Израилев, е Бог на Израилот‘, и домот на Твојот слуга Давида да биде цврст пред Твоето лице.
25Зашто Ти, Боже мој, му јави на Твојот слуга, дека ќе му изградиш дом, та затоа и Твојот слуга се осмели да се моли пред Тебе.
26И сега, Господи, Ти си Бог, и Ти го вети за Твојот слуга тоа добро.
27Почни, пак, да го благословуваш домот на Твојот слуга, за да биде вечен пред Твоето лице; зашто, ако Ти, Господи, ги благословиш, ќе биде благословен засекогаш.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.