Рута 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Рут собира класје во полето на Воз.

1Ноемин имаше роднина по мажот, човек многу виден, од племето на Елимелех, по име Воз.

2И Моавката Рут ѝ рече на Ноемина: »Ќе тргнам по нивјата и ќе собирам класје по оној во чии очи ќе најдам наклоност (љубов).« Таа и одговори: »Оди ќерко.«

3Таа отиде и почна да бере на една нива класје по жетварите. И се покажа дека таа нива му припаѓа на Воз, којшто беше од племето Елимелехово.

4И ете, Воз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: »Господ со вас.« Тие му одговорија: »Нека те благослови Господ!«

5И Воз го запраша слугата свој, надгледувачот на жетварите: »Чија е онаа млада жена?«

6Слугата, надзорникот над жетварите, одговори и рече: »Таа млада жена е Моавка, дошла со Ноемина од Моавските полиња;

7таа ни рече: ‚Оставете ме да берам и да собирам меѓу снопјата по жетварите‘; дојде и остана тука од утрината до сега; таа малку останува дома.«

8И Воз ѝ рече на Рут: »Слушај, ќерко моја, не оди да собираш на друга нива и не си оди оттука, туку остани со моите слугинки;

9гледај на која нива тие жнеат, и оди со нив; ете јас им заповедав на слугите свои да не ти пречат; кога ќе ожедниш, оди кај садовите и пиј, од каде што црпат слугите мои.«

10Таа падна ничкум, се поклони до земја и му рече: »Со што се здобив пред очите твои со милост, па ме примаш, иако сум туѓинка?«

11Воз ѝ одговори и ѝ рече: »Ми рекоа за сѐ што си направила за свекрвата своја по смртта на мажот твој, дека си оставила татко, мајка и татковина и си дошла меѓу народ кој не си го познавала до вчера и завчера;

12Господ нека ти возврати за твоето дело, и да добиеш полна награда од Господа, Бог Израилев, при Кого си дошла, за да се успокоиш под Неговите крилја!«

13Таа одговори: »Можеби ќе најдам милост пред очите твои, господару мој! Ти ме утеши и ѝ зборуваше од срцето на робинката своја, макар и да не вредам ни колку една слугинка твоја.«

14И ѝ рече Воз: »Кога ќе приближи времето за јадење, дојди тука и јади леб и топи го залакот свој во оцет.« И таа седна при жетварите. Тој ѝ даде леб; таа јадеше, се најаде, и уште ѝ остана.

15И стана да собира класје. Воз им заповеда на слугите и рече: »Нека собира и меѓу снопјата, и не ја навредувајте;

16дури и од снопјата потфрлувајте и оставајте; нека собира и немојте да ја прекорувате.«

17Така собираше таа на нивата до вечерта и го исчука собраното и тоа даде близу една ефа јачмен.

18Откако го зеде тоа, отиде во градот, и свекрва ѝ виде, колку беше собрала таа. И го извади Рут од пазувите свои и ѝ го даде она, што ѝ беше останало, откако се беше најала.

19И ѝ рече свекрвата: »Каде береше денес и каде работеше? Да биде благословен оној, што те примил!« Рут ѝ кажа на свекрвата своја, кај кого работела, и рече: »Човекот, кај кого денес работев, се вика Воз.«

20И ѝ рече Ноемин на снаата своја: »Нека е благословен од Господа, поради тоа што не ги лиши од милоста своја ниту живите, ниту умрените!« И ѝ рече Ноемин: »Тој човек ни е близок; тој е наш роднина.«

21Моавката Рут ѝ кажа на свекрвата своја: »Тој дури ми рече – остани при слугинките мои, додека да ја завршат жетвата моја.«

22И ѝ рече Ноемин на снаата Рут: »Добро е, ќерко, тоа што си одела со слугинките негови, и нема да те оскрбуваа на друга нива.«

23Така се приклучи таа кон Возовите слугинки и береше класје, додека заврши јачменовата жетва и пченичната жетва, и живееше при свекрвата своја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help