Јудита 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Првото среќавање со Олоферна.

1Олоферн ѝ рече на Јудита: »Жено, биди храбра, немај страв во твоето срце; јас не сум му направил лошо на никого, кој доброволно се решил да му служи на Навуходоносора, на царот на целата земја.

2Па и сега, ако твојот народ, кој живее во планинските краишта, не беше ме презрел, јас немаше да го кренам моето копје против него, но тие самите се виновни за тоа.

3А сега кажи ми: зошто избега од нив и дојде при мене? Овде ќе најдеш спасение за себеси; не плаши се, животот ќе ти биде поштеден и сега и потоа.

4Никој нема да те навредува. Напротив, секој ќе ти прави добро; со тебе сите ќе се однесуваат како треба да се однесуваме со слугите на мојот господар – царот Навуходоносор.«

5Јудита му рече: »Ислушај ги зборовите на твојата робинка. На робинката твоја нека ѝ биде дозволено да говори со тебе: ноќва нема да му говорам лага на својот господар.

6Ако ги послушаш зборовите на твојата робинка, Бог ќе ти помогне успешно да ја свршиш твојата работа, а господарот мој нема да се разочара во она што ќе го преземе.

7Да живее Навуходоносор, царот на целата земја! Да живее државата на оној што те испрати да поправиш секоја душа, зашто преку тебе нему ќе му служат не само луѓето, туку и полските ѕверови и добитокот и птиците небески – преку твојата сила ќе живеат под власта на Навуходоносор и на целиот негов дом.

8Ние чувме за твојата мудрост и за бистрината на твојот ум, целата земја знае дека само ти си добар во целото царство, силен во знаење и вешт во војните работи и подвизи.

9А дознавме и за тоа што ти рекол Ахиор на твоето собрание. Бидејќи жителите на Бетулија го оставија жив, тој им раскажа сѐ што ти говорел.

10А сега, силни господару, не оставај ги без внимание неговите зборови, туку нека останат во твоето срце, зашто тие се вистински: нашиот народ не може да биде казнет, а и мечот нема сила над него, освен кога грешат пред својот Бог.

11Но мојот господар нека не биде одбиен и нека не остане без успех, а нив да ги постигне смртта, оти ги надвладеа гревот, со кој го разгневија својот Бог, затоа што го извршува она што не е добро.

12И, ете, бидејќи нивната храна се сврши, а немаат веќе ни вода, решија да се нафрлат на добитокот и да го јадат она што им го забрани Бог со Својот закон.

13Дури решија да ги потрошат првините од житото и десетините од виното и од елејот, кои, откако се осветат се чуваат за свештениците, кои стојат пред лицето на нашиот Бог во Ерусалим, а овие работи на никого од народот не му се позволени ни со рака да ги допре.

14Тие испратија гласници во Ерусалим, бидејќи и тамошните жители го правеле истото, да им донесат разрешение за тоа од собранието на старешините.

15И штом им дојде тоа разрешение, тие ќе го направат тоа што го наумиле, и истиот ден ќе ви бидат предадени да ги погубите.

16Ете зошто и јас, твојата робинка, откако разбрав за сите овие работи, избегав од нив; Бог ме прати да земам учество заедно со тебе во извршувањето на дела, од кои ќе се вџаши целата земја кога ќе чуе за нив.

17Зашто твојата робинка е побожна и небесниот Бог Го почитува и дење и ноќе, па и сега, господаре мој, кога ќе останам со тебе, јас твојата робинка, ќе побарам од тебе, – да можам да излегувам ноќе во долината да Му се молам на Бога; Бог ќе ми каже кога тие ќе направат грев.

18Тогаш ќе се вратам и ќе ти кажам, а ти тогаш излези со целата твоја војска. Никој од нив не ќе ти се противстави.

19Тогаш јас ќе те водам низ Јудеја, сѐ до самиот Ерусалим. Среде него твојот престол ќе го поставам, а ти ќе ги подгониш како овци без пастир, така што и кучињата нема да залајат против тебе. Сето ова ми е кажано и објавено во откровение. Јас сум пратена сето ова да ти го објавам.«

20Овие зборови му се допаднаа на Олоферна аи на сите негови слуги. Сите се восхитија од нејзината мудрост, па извикаа:

21»Од едниот крај на земјата до другиот нема таква жена ни по убавина на лицето ни по мудроста на зборовите.«

22Олоферн ѝ рече: »Добро направи Бог што те испрати пред твојот народ: нам ни припадна силата, а пропаста на оние што го презреа мојот господар.

23Имаш прекрасно и благородно лице и твоите зборови се добри. Ако направиш сѐ како што рече, твојот Бог ќе биде и мој Бог; ќе живееш во домот на царот Навуходоносор и славна ќе бидеш по целата земја.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help