Јов 33 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Елијуј го прекорува Јова затоа што се оправдува. Божјото карање води кон спасение на душата.

1»И така, слушај ги Јове, зборовите мои и внимавај на сите мои зборови.

2Еве, ја отварам устата своја, јазикот ми говори во устата моја.

3Зборовите мои се искрени од срцето мое, и устата моја ќе искаже чиста вистина.

4Духот Божји ме создал, и здивот на Вседржителот ми дал живот.

5Ако можеш, одговори ми и застани спроти мене.

6Еве ме мене, според твојата желба, место Бога. И јас сум направен од кал;

7поради тоа стравот пред мене не може да те збуни, и раката моја нема да биде тешка за тебе.

8Ти рече пред мене, и јас го чув гласот на твоите зборови:

9‚Чист сум, без порок, невин сум; во мене нема неправда;

10А Он најде обвинение против мене и ме смета за Свој противник;

11нозете ми ги стави на клада, ги надгледува сите мои патишта.‘

12Ете, во тоа ти не си прав, ти одговарам; човекот со Бога не може да се мери.

13Зошто ти е да се бориш против Него? Он не дава сметка за Своите дела.

14Бог говори еднаш и двапати, но луѓето не внимаваат:

15на сон, во ноќно видение, кога сонот ги соборува луѓето, во време, кога спијат на своето легло,

16тогаш Он му отвора на човекот увото и го запечатува Своето кажување.

17за да го одвлече човекот од лошо дело, и да ја отстрани гордоста од него.

18за да ја запази душата негова од бездна, и животот негов од пораз со меч.

19Или, пак, го вразумува со болест на постелата негова, и со лута болка во сите коски негови, –

20така што животот негов да се гади од лебот, душата негова од обичната храна.

21Телото негово исчезнува; коските негови се подаваат, кои пред тоа не се гледале.

22Душата негова се приближува кон гробот, а животот негов – до смртта.

23Ако има кај него Ангел пазител, еден од илјада, за да му го покажува правиот пат, –

24Бог би се смилувал над него и би рекол: ‚Ослободи го од гробот; јас најдов откуп.‘

25Тогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години.

26Ќе Му се моли на Бога, и Он ќе биде милостив спрема него; со радост ќе го погледнува лицето негово и ќе му ја враќа праведноста негова.

27Тој ќе ги гледа луѓето и ќе вели: ‚сум грешел и сум ја обвинувал правдата, и не ми се помогна;

28Бог ја ослободи душата моја од гроб; животот мој гледа светлина.‘

29Ете, сето тоа Бог му го врши два до трипати на човекот,

30за да ја изведе душата негова од бездната и да го просвети со светлината на живите.

31Внимавај, Јова, слушај ме, молчи, јас ќе зборувам.

32Ако имаш нешто да кажеш, одговарај; говори, зашто би сакал да те оправдам;

33ако, пак, не тогаш слушај ме: молчи и јас ќе те научам на мудрост.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help