Римјаните 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Оправдување преку вера ослободува од службата на Законот и обврзува кон служба на Христа. Борбата на внатрешниот и надворешниот човек.

1Или, пак, не знаете, браќа, бидејќи им зборувам на такви што го познаваат Законот, дека законот има власт над човекот додека е тој жив?

2Омажената жена е поврзана преку законот со мажот, додека е тој жив: умре ли мажот, таа се ослободува од законот, кој ја сврзал со мажот.

3Затоа, ако при жив маж се омажи таа за друг маж, ќе стане прељубница; ако, пак, умре мажот, таа е слободна од Законот, и нема да биде прељубница, кога ќе се омажи за друг човек.

4Па така и вие, браќа мои, за Законот преку телото на Исуса Христа умревте, за да Му припаднете на Друг, Кој воскресна од мртвите, та да Му принесеме плод на Бога.

5Зашто, кога живеевме во телото, тогаш страстите гревовни, преку Законот, дејствуваа во органите, за да ѝ принесеме плод на смртта;

6но сега, кога за Законот умревме, преку кого бевме сврзани, ние се ослободивме од него, за да Му служиме на Бога со обновен дух, а не според старата буква.

7Што да речеме пак? Зар Законот е грев? Никако! Но јас го разбрав гревот преку Законот, оти и похотта не би ја познал, ако Законот не велеше: »Не похотствувај!«

8Но гревот, поведувајќи се од заповедта, предизвика во мене секаква желба; бидејќи гревот без Закон е мртов.

9Некогаш живеев без Закон; но кога дојде заповедта, гревот оживе.

10Јас, пак, умрев, и се покажа дека заповедта, дадена за живот, ми послужи за смрт,

11оти гревот, поведувајќи се по заповедта, ме измами и преку неа ме умртви.

12Така, значи, Законот е свет, и заповедта света, справедлива и добра.

13Па така, доброто ли за мене стана смрт? Никако! Но гревот, за да се покаже дека е грев, ми предизвикува преку доброто смрт, та преку заповедта гревот да стане премногу грешен.

14Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас, пак, сум од тело, продадено на гревот.

15А што правам, не знам; бидејќи не го вршам она, што сакам, туку она, што го мразам, тоа го правам.

16Ако, пак, го правам она, што не го сакам, тогаш се согласувам со Законот дека е добар.

17И така, јас веќе не го правам тоа, туку гревот, што живее во мене.

18Јас знам дека во мене, односно во моето тело, не живее доброто; бидејќи желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили.

19Оти не доброто, кое го сакам, го правам, туку злото, што не го сакам, го вршам.

20А штом го вршам она, што не го сакам, не го вршам веќе јас, но гревот, кој живее во мене.

21И така, во себеси наоѓам таков закон дека, кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува.

22Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји,

23но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи.

24Беден човек сум! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт?

25Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа, нашиот Господ. И така, јас сам со умот свој му служам на Божјиот закон, а со телото – на гревовниот закон.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help