3 Царства 19 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Бегството на пророк Илија; среќавање со Бога и повикување на Јелисеја.

1И Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија, и како тој ги уби со меч сите пророци.

2А Језавела испрати пратеник при Илија да му каже: »Ако си ти Илија, а јас Језавела, нека ми направат богивите тоа и тоа и нешто повеќе да ми направат, ако утре во ова време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив.«

3Кога го виде тоа, Илија стана и замина, за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој,

4а самиот тој отиде во пустињата на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и сакаше да умре, велејќи: »Доста веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од татковците свои.«

5И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: »Стани, јади и пиј.«

6Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа.

7Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: »Стани, јади и пиј, бидејќи те чека долг пат.«

8Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив.

9И влезе таму во една пештера и ноќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: »Зошто си овде Илија?«

10Тој одговори: »Пламнав од ревност за Господа, Бога Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.«

11Тогаш Бог му рече: »Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господа; но не е Господ во ветрот; по ветер – земјотрес, но не е Господ во земјотресот;

12по земјотресот – оган, но не е Господ во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ.«

13Кога го чу тоа, Илија си го сокри лицето со својот кожув, излезе и застана пред влезот во пештерата. И кон него се чу глас, кој му рече: »Зошто си тука, Илија?«

14Тој одговори: »Пламнав од ревност за Господа, Бога Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.«

15А Господ му рече: »Врати се по патот свој преку пустињата во Дамаск и, кога ќе стигнеш, помажи го Азаила за цар на Сирија,

16а Јуја, Намесиевиот син, помажи го за цар над Израилот; Јелисеја, пак, Сафатовиот син, од Авел-Маул, помажи го за пророк место себеси;

17зашто кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го убие Јуј, а кој ќе се избави од мечот на Јуја, него ќе го убие Јелисеј.

18Но сепак оставив меѓу Израилците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваала, и устите нивни не го бакнувале.«

19И тој тргна оттаму и го најде Сафатовиот син Јелисеја, кога ораше; дванаесет рала волови имаше тој и сам беше при дванаесеттото. Минувајќи крај него, Илија го фрли кожувот врз него.

20Тогаш Јелисеј ги остави воловите и почна да трча по Илија и рече: »Дозволи ми да ги бакнам татко ми и мајка ми, и ќе тргнам по тебе.« Тој му одговори: »Оди и врати се, зашто, што сум ти направил?«

21Тој се врати од него, зеде рало волови, ги закла и, откако го запали плугот на воловите, го испече месото нивно и им го раздели на луѓето, и тие јадеа. А самиот тој стана и тргна по Илија и почна да му служи.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help