1Господи, Боже на моето спасение, дење Те призивам и ноќе сум пред Тебе:
2за да дојде пред Тебе молитвата моја, приклони го увото Свое кон молбата моја, Господи,
3зашто душата моја е полна со јад и животот се приближи до адот.
4Се изедначив со оние, што слегуваат во гроб; станав како човек без помош – слободен меѓу мртвите;
5како фрлени и ранети што лежат во гроб, за кои Ти веќе не се сеќаваш; тие се оттурнани од Твојата рака.
6Ме положија во подземен ров, во мрак и во смртна сенка.
7Ја истури врз мене Твојата јарост, и со сите Свои бранови ме поразуваш.
8Ти ги оддалечи од мене моите познати, ме направи одвратен за нив; затворен сум и не можам да излезам.
9Очите мои ослабеа од сиромаштија: цел ден викам кон Тебе, Господи, ги протегам рацете кон Тебе.
10Зар на мртовци ќе правиш чуда? Зар сенките ќе се кренат и ќе Те слават?
11Зар во гроб некој ќе кажува за твојата милост и за Твојата вистина – местото на распаѓањето?
12Зар во темнината ќе ги познаат Твоите чудеса, и во земјата на заборавот – твојата правда?
13Но јас повикав кон Тебе, Господи, и наутро молитвата моја Те испреварува.
14Зошто, Господи, ја оттурнуваш душата моја и го одвраќаш лицето Свое од мене?
15Јас сум несреќен и од младини се мачам; се возгордеав, се смирив и изнемоштен сум.
16Над мене се надви Твојата јарост, Твоите заплашувања наполно ме скршија.
17Секој ден ме опкружуваат како вода: сите заедно ме опседнуваат.
18Ти го оддалечи од мене ближниот и пријателот; моите познати не се гледаат.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
