1А Ефтај беше од Галад, човек храбар; но беше син на една блудница, со која Гал го роди Ефтаја.
2Но жената на Гал му роди синови. Кога пораснаа синовите од жената, таа го истера Ефтаја, велејќи му: »Ти не си наследник на татковиот ни дом, зашто си син на друга жена.«
3И Ефтај избега од браќата свои во земјата Тов. При Ефтајта се собраа тогаш безделници и одеа со него.
4По извесно време Амонитите влегоа во војна против Израилот.
5Во времето на војната на Амонитите против Израилот отидоа галадските старешини да го доведат Ефтај од земјата Тов,
6и му рекоа на Ефтаја: »Дојди, стани ни војвода и ќе војуваме против Амонитите.«
7Ефтај им рече тогаш на галадските старешини: »Нели ме намразивте и ме истеравте од домот на татка ми? Зошто дојдовте сега кај мене, кога сте во неволја?«
8Галадските старешини му одговорија на Ефтаја: »За тоа дојдовме кај тебе сега, за да дојдеш со нас и да војуваш против Амонитите и да бидеш кај нас кнез на сите жители галадски.«
9А Ефтај им одговори на галадските старешини: »Ако ме вратите, за да се борам против Амонитите, и Господ ми ги предаде, – ќе станам ли кај вас кнез?«
10Галадските старешини му рекоа на Ефтај: »Господ нека биде сведок меѓу нас, дека ќе постапиме според зборот твој!«
11Потоа Ефтај отиде со галадските старешини, и народот го постави за свој кнез и војвода. И Ефтај ги искажа сите свои зборови пред Господа, што ги беше рекол во Масифа.
12И Ефтај испрати тогаш пратеници при амонитскиот цар да каже: »Што бараш од мене, та си дошол кај мене да војуваш во земјата моја?«
13А амонитскиот цар им рече на Ефтаевите пратеници: »Кога Израил дојде од Египет, ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и Јордан; затоа врати ми ја на мирен начин и јас ќе се повлечам.«
14И се вратија пратениците на Ефтаја. Но Ефтај пак испрати пратеници при амонитскиот цар,
15за да му кажат: »Вака вели Ефтај: Израел не ја зазеде земјата Моавска и земјата Амонитска;
16зашто, кога доаѓаше од Египет, Израилот отиде во пустињата кај Црвеното Море и дојде во Кадес;
17оттаму Израил испрати пратеници кај едомскиот цар за да кажат: ‚дозволи ми да минам низ земјата твоја‘. Но едомскиот цар не се согласи; и при моавскиот цар испрати, но и тој не се согласи. Зато Израил остана во Кадес.
18И тргна преку пустињата, ја заобиколи земјата Едомска и земјата Моавска, и дојде до источната граница на Моавската земја, и се смести од онаа страна на Аронон; не не влезе во пределите моавски, бидејќи Арнон е граница на Моав.
19Но Израил испрати пратеници и при Сиона, царот аморејски, царот есевонски, и му рече: ‚дозволи ни да минеме преку твојата земја до нашето место.‘
20Но Сион не му дозволи на Израилот да мине преку пределите негови, и го собра Сион сиот народ свој, па се улогори во Јас и се судри со Израилот.
21И Господ, Бог Израилев, го предаде Сиона и сиот негов народ во рацете на Израилот, и тој ги испотепа; и завладеа Израил со целата земја на Аморејците, кои живееја во таа земја,
22и тие завладееја над сите предели на Амореја, од Арнон до Јавок и од пустињата до Јордан.
23И така, Господ, Бог Израилев, ги изгони Аморејците пред народот Свој, Израилот, а ти сакаш да го завладееш?
24Не владееше ли ти со тоа, што ти го дал Хамос, твојот Бог? И ние владееме со сето она, што ни го даде како наследство Господ, нашиот Бог.
25Зар си ти подобар од Валак, Сепфоровиот син, царот моавски? Се карал ли тој со Израилот или војувал ли против него?
26Израилот живее веќе триста години во Есевон и во нему потчинетите градови, во Ароир и во потчинетите му градови, и во сите градови, што се блиску до Арнон; зошто за тоа вмреме не ги одзедовте?
27Јас не сум виновен пред тебе, а ти ми правиш зло, излегуваш во војна против мене. Господ нека биде судија меѓу синовите Израилеви и Амонитите.«
28Но амонитскиот цар не ги послуша зборовите на Ефтаја, што тој му ги испрати.
29И слезе врз Ефтаја Духот Господов, и тој го премина Галад и Манасија, ја премина Масифа Галадска, и од Масифа Галаска отиде кај Амонитите.
30И се заветува Ефтај пред Господа, велејќи: »Ако ги предадеш Амонитите во рацете мои,
31тогаш, кога ќе се вратам со мир од Амонитите, сѐ што ќе ми излезе во пресрет од вратата на домот мој, нека биде за Господа, и ќе го принесам за жртва сепаленица.«
32Па отиде Ефтај кај Амонитите, да се бори против нив, и Господ му ги предаде во рацете негови;
33и им нанесе многу голем пораз, од Ароир до Менит, во дваесет градови, и до Авел – лозјарски крај, и се смирија Амонитите пред синовите Израилеви.
34Потоа дојде Ефтај во Масифа, во домот свој, и ете, ќерка му излегува во пресрет со тимпани и хор: таа му беше единица; освен неа немаше ни син ни ќерка.
35Штом ја виде, ја раскина облеката своја и рече: »Ах, дете мое! Ти ме сосипа: и ти се меѓу оние, што го нарушија спокојството мое! Јас ја отворив устата своја пред Господа и не можам да одречам.«
36Таа му одговори: »Татко! Ти си ја отворил устата своја пред Господа – прави го она со мене, што си го кажал со устата своја, штом Господ се одмазди преку тебе на твоите напријатели, Амонитите«.
37И му рече на татка си: »Направи ми уште, еве, што – пушти ме за два месеца да отидам да се искачам на гората и да го исплачам моминството свое со другарките мои!«
38Тој ѝ рече: »Оди!« И ја пушти за два месеца. Таа отиде со другарките свои и го оплакуваше моминството свое во гората.
39По два месеца таа се врати при татка си, и тој го изврши над неа заветот свој, што го даде, и таа не позна маж. И стана обичај кај Израилот,
40така што од година до година ќерките Израилеви да одат и ја оплакуваат ќерката на Галадецот Ефтаја, по четири дена секоја година.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.