1Слово Господово што дојде до Јеремија во десеттата година на јудејскиот цар Седекија; таа година беше осумнаесеттата година на Навуходоносора.
2Тогаш војската на вавилонскиот цар го опсадуваше Ерусалим, а пророкот Јеремија беше затворен во стражарницата, што се наоѓаше при домот на јудејскиот цар.
3Јудејскиот цар Седекија го затвори таму, откако рече: »Зошто пророкуваш и велиш – така вели Господ: еве, Јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го преземе;
4и Седекија, јудејскиот цар, нема да избега од рацете на Халдејците, туку бездруго ќе биде предаден во рацете на вавилонскиот цар, и ќе зборува со него уста во уста, и очите негови ќе ги видат неговите очи;
5и тој ќе го одведе Седекија во Вавилон, каде што и ќе остане, додека не го посетам, вели Господ. Ако се борите против Халдејците, нема да победите?«
6И рече Јеремија: такво беше словото Господово до мене.
7Еве, Анамеил, синот на твојот чичко Салума, доаѓа при тебе да ти каже: купи ја нивата моја, што се наоѓа во Анатот, зашто, според родбинското право, тебе ти се паѓа да ја купиш.
8И Анамеил, синот на мојот чичко, дојде при мене, според словото Господово, во стражарницата и ми рече – купи ја мојата нива во Анатот, во земјата на Венијамина, зашто правото на наследство е твое и куповното право е твое: купи ја. Тогаш разбрав дека тоа беше слово Господово.
9И ја купив од Анамеила, синот на мојот чичко, нивата во Анатот, и му измерив седум сикли сребро и десет сребреници;
10И запишав во книга, ја потпечатив, повикав потоа сведоци и парите ги измерив.
11Па ја зедов потврдата за купопродавање, потпечатена според законот, и наредбата, и така, отворено,
12му ја дадов потврдата за купување на Варуха, синот на Нирија, Маасеев син, пред очите на Анамеила, синот на мојот чичко, и пред очите на сведоците, кои го потпишаа тој купопродажен договор пред очите на сите Јудејци, што седеа во стражарницата;
13и му заповедав на Варуха во нивно присуство;
14вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – земи ја оваа книга, договоров за купопродавање, која е потпечатена и оваа отворена книга, и стави ги во глинен сад, за да останат таму долго време.
15Оти, така вели Господ Саваот, Бог Израилев: во ова земја пак ќе се купуваат куќи, ниви и лозја.
16И откако му ја предадов на Нириевиот син Варуха купопродажната потврда, јас се помолив на Господа:
17»О, Господи Боже, Ти го создаде небото и земјата со силата Твоја голема и со крената мишка; за Тебе не постои ништо невозможно;
18Ти покажуваш милост на илјадници и за гревовите на татковците нивни им отплаќаш на децата нивни по нив: Боже Велики, Силни, на Кого името Му е Господ Саваот.
19Голем по мудрост и силен според делата, Чии очи се отворени врз сите патишта на синовите човечки, за да отплатува секому според патиштата негови и според плодовите на делата негови,
20Кој изврши чудеса и покажа знаци во земјата Египетска, а извршуваш и до денес во Израилот и меѓу сите луѓе, и Си создаде име, како во оној ден,
21па го изведе Твојот народ Израилот од земјата Египетска со знаци и чудеса, со силна рака и крената мишка и со голем страв.
22И им ја даде оваа земја, која со клетва им ја беше ветил на татковците нивни, дека ќе им ја дадеш, земја, каде што тече мед и млеко.
23Ти влегоа и ја наследија, но не го слушаа гласот Твој и не одеа по законот Твој, не вршеа што им беше заповедал Ти да прават, па заради тоа Ти го испрати врз нив сево ова зло.
24Еве, насипите дојдоа до градот, за да го преземат; и од меч, глад, и од помор градот ќе се предаде во рацете на Халдејците, кои се борат против него; сѐ што рече Ти, се исполнува, и, еве, Ти го гледаш тоа.
25Ти, Господи Боже, ми рече: купи си нива за сребро и повикај сведоци тогаш, кога градот се предава во рацете на Халдејците.«
26И би слово Господово до Јеремија: –
27Еве, Јас сум Господ, Бог на секоја плот; има ли нешто, што не е можно за Мене?
28Затоа, вака вели Господ: еве, Јас го предавам овој град во рацете на Халдејците и во рацете на вавилонскиот цар Навуходоносора, и тој ќе го преземе,
29и ќе влезат Халдејците, што го опсадуваат овој град, ќе го запалат градот со оган и ќе го изгорат него и куќите, под чии стреи се вознесувало кадење на Ваала и се извршувал прелив на туѓи богови, за да Ме разгневуваат.
30Оти синовите Израилеви и синовите Јудини уште од младоста своја само зло вршеа пред очите Мои; синовите Израилеви Ме разгневуваа со делата на рацете свои, вели Господ.
31И како само заради Мојот гнев и заради Мојата јарост да постоеше овој град од денот на неговото основање па сѐ до денес, за да го отфрлам од лицето Свое
32за сето зло на синовите Израилеви и на синовите Јудини, кои, за да Ме разгневуваат, го правеа тие, царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни, пророците нивни, луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим.
33Па Ми го свртија грбот, место лицето и, кога ги учев, ги учев од рано утро, но тие не сакаа да примат поука,
34и во домот, во кој се призима името Мое, ги поставија своите гнасни работи и го осквернија.
35Во долината на Еномовите синови изградија незнабожечко светилиште на Ваала, за да ги принесуваат синовите свои и ќерките свои во чест на Молоха, што не сум им заповдал, и на ум не ми идело, дека тие ќе ги вршат тие гнасни работи, воведувајќи го Јуда во грев.
36Но сега, вака вели Господ, Бог Израилев, за овој град, за кој вие велите: »Со меч, глад и помор се предава во рацете на вавилонскиот цар«,
37еве, Јас ќе ги соберам од сите страни, во кои бев ги расеал во гневот Свој во јароста Своја и во големото негодување, па ќе ги вратам на ова место и ќе им дозволам да живеат безопасно.
38Тие ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам Бог.
39И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во текот на сите дни од животот нивни, за нивно добро и за доброто на децата нивни по нив.
40Па ќе склучам со нив вечен завет, според кој нема да се одвратам од нив и ќе им правам добрини, и ќе вложам во срцата нивни страв од Мене, за да не отстапуваат од Мене.
41И ќе се радувам за нив, правејќи им добро, и ќе ги населам цврсто на оваа земја – од сѐ срце и од сета душа.
42Зашто така вели Господ: како што го испратив ова големо зло врз оној народ, така ќе испратам врз нив секакво добро што го изреков за нив.
43И тие ќе купуваат ниви во оваа земја, за која велат: »тоа е пустиња, без луѓе, без добиток; таа е предадена во рацете на Халдејците;«
44ќе купуваат ниви за сребро, ќе потпишуваат купопродажни книги, ќе ги потпечатуваат и ќе повикуваат сведоци – во земјата на Венијамина, во ерусалимската околина и во градовите на Јуда, во планинските градови, во градовите на полето и во јужните градови; бидејќи ќе ги вратам заробените нивни, вели Господ.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.