1Во осумнаесеттата година, во дваесет и вториот ден од првиот месец, во царската палата на Навуходоносор, асирскиот цар, се даде заповед за одмазда, на целата земја, како што беше рекол.
2Откако ги повика сите свои помошници и високодостојници, тој им ја откри својата крајна намера и со својата уста одлучи полно уништување на оние покраини.
3И тие решија да ги уништат сите што не се покорија на зборовите од неговата уста.
4Кога заврши советувањето, Навуходоносор, асирскиот цар, го повика при себе Олоферна, врховниот заповедник на сите негови војски, вториот човек веднаш до него, и му рече:
5»Вака говори великиот цар, господарот над целата земја: ќе појдеш и ќе поведеш со себе мажи, свесни за својата сила, од прилика сто и давесет илјади пешаци и многу коњи со дванаесет илјади коњаници,
6и ќе појдеш против целата земја на запад, зашто не се покорија на зборовите од мојата уста.
7Ќе им наредиш да подготват земја и вода, зашто со гневот свој ќе ги нападнам, целата нивна земја ќе ја покријам со нозете на моите војници и ќе ги предадам на ограбување.
8Доловите и потоците ќе се наполнат со нивните ранети, а реката, преполна со нивните мртви тела, ќе прелие.
9ќе ги прогонам нивните пленици дури до краиштата на целата земја.
10А ти појди и заземи ги за мене сите нивни земји; Ако ти се предадат сами, запази ги до денот на нивното казнување;
11окото твое да не ги поштеди непокорните: предај ги на смрт и ограбувај ја сета земја што ти е предадена.
12Кажав и со својата рака ќе го направам тоа, се заколнувам со својот живот и со силата на своето царство.
13А ти немој да прекршиш ниедна од заповедите на својот господар, туку направи сѐ така како што ти заповедам, неодложно така направи.«
14Олоферн, откако излезе од кај својот господар, ги повика при себе сите војсководители, заповедници и началници на асирската војска,
15преброја одбор мажи за борба, како што му заповеда неговиот господар: сто и дваесет илјади луѓе и дванаесет илјади стрелци коњаници,
16и ги нареди како што се редат војници кога одат во борба.
17Зеде голем број камили, осли и маски за пренос на нивната опрема, а и голем број овци, волови и кози – за храна на војниците,
18многу храна како и многу злато и сребро од царската палата.
19И појде со сета војска во поход, како претходница на царот Навуходоносор, за да го покрие целото лице на земјата со коли, коњаници и избрани пешаци.
20А со него појдоа и многу сојузници – многубројни како скакулци и како песок, така што не можеа да ги пребројат.
21Појдоа од Ниневија и по три дена пристигнаа до рамнината Бектилет, па се улогорија близу до гората, која се наоѓаше лево од Горна Киликија.
22Оттаму, откако ја поведе целата своја војска – пешаците, коњаниците и оние со колите, отиде во планинските предели,
23па ги победи Фудјаните и Лудјаните и ги ограби сите синови на Расис и Исмаил, кои живееја во пустињата, јужно од Земјата Хелеонска.
24Потоа, откако го преброди Ефрат, помина низ Месопотамија и ги разурна сите градови по висините покрај потокот Аврон, сѐ до излезот на морскиот брег.
25Откако ги зазеде сите области во Киликија, ги погуби сите што му се противставуваа, стигна до областите Јафетови на југ, кои се наоѓаат пред Арабија.
26Ги заобиколи сите синови на Мадијам, шаторите им ги запали и им ги разграба стадата.
27Потоа се спушти во рамнината на Дамаск токму во време на жетва, сите ниви им ги изгоре, стадата и овците им ги зеде; градовите им ги ограби, полињата им ги опустоши, а со острицата на својот меч ги посече сите нивни момчиња.
28Страв и ужас ги опфати приморските градови Тир и Сидон, жителите на Сур и Окина и сите жители на Јамнаан; многу се исплашија од него и сите жители на Азот и Аскалон.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.