2 Царства 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ковчегот на заветот се носи во Ерусалим.

1Давид пак собра избрани луѓе од Израилот, триесет илјади.

2Па стана и тргна Давид и сиот народ, што беше со него, од Ваал Јудин, за да го пренесе оттаму Божјиот ковчег, над кој се повикува името на Господа Саваот, Кој седи на херувими.

3И го поставија Божјиот ковчег на нова кола и го изнесоа од Аминадавовата куќа, која беше на ридот. А синовите Аминадавови, Оза и Ахио ја водеа новата кола.

4Ја поведоа со Божјиот ковчег од Аминадавовата куќа, која беше на ридот; и Ахио одеше пред Ковчегот Господов.

5А Давид и сите синови Израилеви свиреа пред Господа на различни свирки од кипарисово дрво, на гусли, на псалтири, на тимпани, на цитри и на кимвали.

6И кога дојдоа до Нахаровото гумно, Оза посегна со раката кон Божјиот ковчег за да го придржи, и се фати за него, бидејќи воловите го беа наведнале.

7Но Господ се разгневи на Оза, и за дрскоста Бог го порази на истото место, и тој умре таму при Божјиот ковчег.

8Давид се нажали поради тоа што Господ го порази Оза. Тоа место и до сега се нарекува Озов пораз.

9Тој ден Давид се исплаши од Господа и рече: »Како ќе дојде кон мене Ковчегот Господов?«

10И Давид не сакаше да го пренесе Ковчегот Господов кај себе, во Давидовиот град, и го остави во куќата на Гетеецот Аведар три месеци, и Господ го благослови Аведара и целиот негов дом.

11И остана Ковчегот Господен во домот на гетеецот Аведар три месеци; и Господ го благослови Аведара и сиот негов дом.

12Кога му јавија на цар Давида и му рекоа: »Господ го благослови Аведаровиот дом и сѐ што е во него, поради Божјиот ковчег«, Давид отиде и свечено го пренесе Божјиот ковчег од Аведаровата куќа во Давидовиот град.

13И штотуку оние, што го носеа ковчегот Господов, изминаа шест чекори, тој принесуваше жртва по едно јунче и по еден овен.

14Давид скокаше со сета сила пред Господа, а беше облечен со ленен ефод.

15Така Давид и целиот Израилев дом го носеа ковчегот Господов со извици и звуци од труба.

16Кога Ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Мелхола, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот нејзин и, откако го виде царот Давида како скока и игра пред Господа, го презре во срцето свое.

17Го донесоа Ковчегот Господов и го поставија на местото негово среде скинијата, која Давид ја беше направил за него: и Давид принесе сепаленици пред Господа и мирни жртви.

18Кога Давид заврши со принесувањето сепаленици и мирни жртви, тој го благослови народот во името на Господа Саваот;

19и му раздаде на сиот народ, на целото множество Израилци од Дан дури до Вирсавија, и на мажи и на жени, на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во куќата своја.

20Кога се врати Давид, за да го благослови домот свој, Мелхола, Сауловата ќерка, излезе да го пречека и му рече: »Колку се прослави денес царот Израилев, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек.«

21А Давид ѝ одговори на Мелхола: »Пред Господа ќе играм; и благословен е Господ, Кој ме претпостави пред татко ти твој и пред целиот дом негов, поставувајќи ме за водач на народот Господов, Израилот; пред Господа ќе свирам и ќе играм;

22и уште повеќе ќе се понизам, и уште победен ќе станам пред очите свои, и при сето тоа, пред слугинките, за кои што говориш, јас ќе бидам славен.«

23А Мелхола, Сауловата ќерка, остана без рожба до денот на смртта своја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help