Броеви 29 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Одново за законот за жртвите, за денот на очистувањето и за свеченоста на празникот Сеници.

1»Во седмиот месец, првиот ден од месецот, треба да ви биде особено свет; никаква работа не вршете; тоа да ви биде ден на трубни знаци;

2и принесете сепаленица за благопријатен мирис на Господа: едно теле од говедата, еден овен, седум едногодишни јагниња, без надостаток;

3а заедно со нив и жртва од пченично брашно, поднесено со елеј, три десетини од ефа за телето, две десетини од ефа за овенот,

4една десетина од ефа за секое од седумте јагниња,

5и еден козел од козите како жртва за грев, за да се палат за вас.

6Освен новомесечните сепаленици и приносите за нив, и преливите нивни, и секогашните сепаленици со нивните приноси и преливи според наредбите, треба да бидат со благопријатен мирис за Господа.

7И десеттиот ден од тој седми месец треба да ви биде посебно свет: смирувајте ги душите свои и никаква работа не вршете;

8а принесете сепаленици за благопријатен мирис на Господа: едно теле, еден овен, седум едногодишни јагниња; тие треба да бидат без недостаток;

9и заедно со нив и принос од пченично брашно, поднесено со елеј, три десетини од ефа за теле, две десетини од ефа за овен,

10и по една десетина од ефа за секое од седумте јагниња,

11како и еден козел од козите – жртва за грев, за да се помолат за вас, освен жртвите за грев, што се принесуваат во денот на очистувањето, и освен постојаните сепаленици и приносите со нив и преливите за нив, што се принесуваат според наредбите, и жртва на Господа со благопријатен мирис.

12И петнаесеттиот ден од седмиот месец треба да ви биде особено свет: никаква работа не вршете и празнувајте го тој празник Господов седум дена:

13и принесете сепаленица, жртва за благопријатен мирис на Господа: во првиот ден тринаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња; тие треба да бидат без недостаток;

14И жртва од пченично брашно, претставена со елеј, три десетини од ефа за секое од тринесетте телиња, две десетини од ефа за секој овен,

15по една десетина од ефа за секое едно од четиринаесет јагниња

16и еден козел од козите жртва за грев, освен постојаната сепаленица принос како и прелив за неа.

17А на вториот ден принесете: дванаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,

18и со нив уште и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите;

19исто така и козел еден од козите – жртва за грев, освен постојаната сепаленица со приносот и прелив за нив.

20На третиот ден, пак, принесете: единаесет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,

21а со нив принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите;

22исто така и еден козел од козите жртва за грев, покрај постојаната сепаленица со приносот и прелив за неа.

23На четвртиот ден принесете: десет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,

24со нив и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите,

25а покрај тоа и еден козел – жртва за грев, освен постојаната сепаленица и приносот и преливот за неа.

26И на петтиот ден принесете жртва: девет телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,

27и со нив донесете уште и принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите,

28а и козел еден – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица и приносот, уште и прелив за неа.

29И на шестиот ден пак, принесете: осум телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,

30а со нив и принос како и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите;

31а исто така и еден козел од козите – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица и принос и уште и прелив за неа.

32Во седмиот ден принесете: седум телиња, два овна, четиринаесет едногодишни јагниња, без недостаток,

33и со нив уште принос и прелив за телињата, овните и јагнињата, според бројот нивни, според наредбите,

34а и козел еден како жртва за грев, освен постојаната сепаленица и принос како и прелив за неа.

35Во осмиот ден е крај на празникот: никаква работа не вршите;

36а принесете сепаленица, жртва со пријатен мирис на Господа: едно теле, еден овен, седум едногодишни јагниња без недостаток,

37и заедно со нив принос и прелив за телето, за овенот и за јагнињата, според бројот нивни според наредбите;

38освен тоа уште и еден козел – жртва за грев, покрај постојаната сепаленица, приносот и преливот за неа.

39Принесувајте го тоа на Господа на вашите празници, освен заветите ваши и благодарностите ваши, и сепалениците ваши и жртвите ваши уште и жртви за спасението ваше.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help