1Кореј, синот на Исар, синот Каатов, синот Левиев, Датан и Авирон, синовите на Елиав, и Авнан, синот на Фалет, синови Рувимови,
2востанаа против Мојсеја заедно со двесте и педесет мажи од синовите Израилеви, началници на народот, повикувани на собранието, мажи познати.
3И се собраа против Мојсеја и Арона и им рекоа: »Доста ви е толку; целото општество, сите се свети, и меѓу нив е Господ! А вие зошто се поставувате погоре од народот Господов?«
4Кога го чу тоа, Мојсеј падна ничкум
5и му кажа на Кореја и на сите негови соученици, велејќи: »Утре ќе покаже Господ, кој е Негов, и кој е свет, за да го приближи кон Себеси; и кого Он ќе го избере, него и ќе го доближи до Себеси.
6Еве што ќе направи: Кореј и сите негови соучесници, земете си ги кадилниците
7и утре ставете во нив оган и сипете во нив темјан пред Господа; кого Господ ќе го избере, тој и ќе биде свет. Доста ви е толку Левиеви синови!«
8И му рече Мојсеј на Кореја: »Чујте Левиеви синови!
9Малку ли ви е тоа, што Бог Израилев ве оддели од Израилевото општество и ве приближи кон Себеси, за да служите при скинијата Господова и да стоите пред народот Господов, служејќи за нив?
10Он те приближи тебе и заедно со тебе сите твои браќа, Левиеви синови, а вие барате уште и да свештенодејствувате.
11И така, ти и целата твоја дружина сте се собрале против Господа. Што е Арон, па негодувате против него?«
12Мојсеј испрати да го повикаат Датана и Авирона, Елиавовите синови. Но тие рекоа: »Нема да одиме!
13Малку ли ти беше, што ни изведе од земјата, каде што тече мад и млеко, за да ни погубиш во пустињата, а сакаш уште и да господариш над нас; си станал кнез.
14Ни воведе ли во земјата, каде што тече мед и млеко, и ни даде ли да владееме ниви и лозја, или сакаш да им ги изведиш очите на тие луѓе? Нема да одиме!«
15Мојсеј се јадоса многу, и Му рече на Господа: »Не свртувај го погледот Свој кон нивниот принос; на никого од нив не сум му зел осел, никому од нив не сум му направил зло.«
16И му рече Мојсеј на Кореја: »Утре ти и целиот твој народ застанете пред лицето Господово, ти и Арон, и другите,
17па секој нека ја земе кадилницата своја, и ставете во нив темјан, и донесете ја пред лицето Господово секој својата кадилница – двесте и педесет кадилници; и ти и Арон, секој својата кадилница.«
18И сите ги зедоа своите кадилници, ставија во нив оган, ставија во нив темјан, и застанаа при влезот од скинијата на сведоштовото; исто така и Мојсеј и Арон.
19И Кореј ги собра против нив целото општество при влезот од скинијата на сведоштвото. И славата Господова се јави пред целото општество.
20И им рече Господ на Мојсеја и Арона, велејќи:
21»Секој од вас нека се истави од тие луѓе, и во еден миг ќе ги истребам.«
22А тие паднаа ничкум и рекоа: »Боже, Боже на духовите и на секоја плот! Еден човек згреши, а Ти на целото општество ли се гневиш?«
23И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
24»Кажи му на народот: отстапете наоколу од живеалиштата на Кореја, Датана и Авирона!«
25И стана Мојсеј и отиде кај Датана и Авирона, и по него отидоа и старешините Израилеви.
26И му рече на народот: »Тргнете со од шаторите на тие луѓе со жестоко срце и не се допирајте до ништо нивно, за да не загинете заедно со нив во сите нивни гревови!«
27Тие се тргнаа наоколу од живеалиштата на Кореја, Датана и Авирона; а Датан и Авирон излегоа и застанаа пред вратите на шаторите свои и жените нивни, и децата нивни, и стоката нивна!
28Тогаш Мојсеј рече: »Во ова ќе познаете, дека Господ ме испрати да ги извршам сите овие дела, а не го правам тоа сам од себеси.
29Ако умрат тие, како што умираат сите луѓе, и ги стигне таква казна, каква што ги стигнува сите луѓе, тоа тогаш Господ не ме пратил;
30но, ако Господ изврши нешто необично, и земјата ја отвори устата и ги голтне и домовите нивни, и куќите нивни и си што има кај нив, и тие слезат живи во адот, тогаш уверете се, дека овие луѓе Го разгневиле Господа.«
31Штом ги изговори тие зборови, земјата се распука под нивните нозе,
32и земјата ја отвори устата своја и ги голтна нив и домовите нивни, и сите луѓе заедно со Кореја и добитокот нивни,
33и тие слегоа живи во адот со си што беше нивно, и земјата го покри, и нив ги снема од средината на општеството.
34Сите Израилци, што беа околу нив, се разбегаа од нивното викање, за да не ни голтне, велеа тие, и нас – земјата.
35Оган излезе од Господа и ги изгори оние двесте и педесет мажи, што беа принеле темјан.
36И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
37»Кажи му на Елеазара, синот на свештеникот Арон, да ги собере бакарните кадилници на изгорените и туѓиот оган да го исфрли, бидејќи се осветија преку нивната смрт,
38и да се сплескаат како листови за оковување на жртвеникот, зашто тие ги донесоа пред лицето Господово, а затоа се осветија; и тие ќе бидат опомена за синовите Израилеви.«
39Тогаш Елеазар, синот на свештеникот Арон, ги зеде бакарните кадилници, што ги беа донеле изгорените, и ги сплеска на листови за оковување на жртвеникот,
40за да помнат синовите Израилеви, па никој надворешен, кој не е од Ароновото семе, да не принесува темјан пред Господа, за да не стане и со него она, што стана со Кореја и соучесниците негови, како што му беше рекол Господ преку Мојсеја.
41На вториот ден целото општество на синовите Израилеви возропта против Мојсеја и Арона и рече: »Вие го уништивте народот Господов.«
42И кога се собра народот, нападна на Мојсеја и на Арона, тие погледаа кон скинијата на сведоштвото,
43и ете, ја покри облак, и славата Господова се јави. И влегоа Мојсеј и Арон во скинијата на сведоштвото.
44И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
45»Отстранете се од тоа општество и Јас во еден миг ќе ги погубам!« Но тие паднаа на колена.
46И му рече Мојсеј на Арона: »Земи ја кадилницата, стави во неа оган од жртвеникот, сипи темјан и носи го тоа што поскоро кај народот и помоли се за нив, зашто гнев излезе од лицето на Господа, и почна да ги погубува луѓето.«
47И зеде Арон, како што рече Мојсеј, и се најде кај народот, и ете почна помор меѓу народот. И тој исипа темјан и се помоли за народот:
48застана меѓу мртвите и живите, и смртта престана.
49Изумреа од поморот четиринаесет илјади и седумстотини души, освен умрените по делото на Кореја.
50Тогаш Арон се врати кај Мојсеја, при влезот од скинијата на сведоштвото, откако престана поморот.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.