Мудрост Сирахова 25 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Мудри изреки.

1Со три работи се украсив и станав убава пред Господа и пред луѓето:

2слога меѓу браќата и љубов меѓу ближните, маж и жена што живеат во слога.

3Три вида луѓе душата моја намрази, одвратен ми е нивниот живот:

4горд сиромав, богат лажливец и старец прељубник, кој слабо расудува.

5Ако ништо не си собрал во младоста, како можеш да го имаш во староста?

6Колку ѝ прилега на седата коса да суди на старците – да умеат совет да даваат!

7Колку им прилега мудроста на старците и разумнота на чесните луѓе коишто совет даваат!

8Големото искуство е круна на старците, а пофалбата нивна – стравот на Господа.

9Девет помисли пофалив во моето срце, а десеттата сега ќе ја кажам:

10тоа е човекот којшто се радува на деца и кој го доживува паѓањето на непријателите свои.

11Блазе му на човекот којшто со жена разумна живее, кој не греши со јазикот свој и кој не му слугува на понедостоен од себе.

12Блазе му на оној кој придобил мудрост и кој ја предава на уши што го слушаат.

13Колку е голем оној што ја нашол премудроста! Но не е подобар од оној што има страв од Господа.

14Стравот Господов е над сѐ, и кој го има – со што може да се спореди?

15Секоја рана може да се истрпи, само не и раната на срцето; секоја злоба може да се поднесе, само не и злобата на жената;

16и секој напад, само не напад од злобни; и секоја одмазда, само не одмазда од непријател.

17Нема глава поотровна од змиската, ниту има омраза посилна од омразата на непријателот.

18Повеќе сакам да живеам со лав и змеј отколку со лоша жена.

19Злобата на жената погледот ѝ го менува, лицето ѝ го помрачува како лице на мечка.

20Ќе седне мажот меѓу пријателите, а кога ќе чуе за неа тешко воздивнува.

21Секоја злоба е мала во споредба со женската злоба; жрепката на грешник нека падне врз неа.

22Каков е песочниот брег за нозете старечки, таква е жена кавгаџика за мирен маж.

23Не загледувај се во женска убавина и не копнеј за наслада од жена.

24Голем срам и грдост е кога жената управува со мажот свој.

25Тажно срце, невесело лице и рана срцева – тоа е лошата жена.

26Раце скршени и колена треперливи, таква е жената што не го весели мажот свој.

27Од жена е почетокот на гревот; поради неа сите умираме.

28На водата не давај ѝ пукнатина, ниту на зла жена – власт;

29ако не се управува според твојата волја, отпушти ја од себе.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help