3. Макавејска 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Писмото на царот Птоломеј Филопатор до египетските началници.

1»Царот Птоломеј Филопатор до сите египетски началници и сите службени лица – бидете весели и здрави! Здрави сме и ние и нашите деца, зашто великиот Бог ни помогна во работите според нашата желба.

2Некои од нашите пријатели, поради својата лоша замисла, често ни говореа и не уверуваа да ги собереме сите Јудејци, кои се наоѓаат во нашето царство и да ги подложиме на различни маки како предавници,

3додавајќи, дека, сѐ дури не го направиме тоа, работите во нашето царство нема да се средат поради омразата, која тие ја имаат спрема сите народи.

4Тие ги доведоа насилно во окови како робови, односно, поточно како клеветници, и, без какво и да е иследување, се обидоа да ги погубат, па измислија свирепости пострашни дури и од оние на скитските обичаи.

5Ние ова го забранивме строго и, според добриот однос што го имаме кон сите луѓе, веднаш им подаривме живот, па откако се уверивме оти небесниот Бог е сигурната закрила на Јудејците и оти секогаш ги заштитува, како татко што ги заштитува своите синови, а бидејќи знаеме дека и тие и нивните дедовци ни го сакаат доброто и нам и на нашите дедовци, сосема справедливо ги ослободивме од секакво обвинение,

6па им одобривме на сите да се вратат по своите домови, така што никој и никаде да не ги навредува за ова што стана без никаква вина од нивна страна,

7Знајте дека, ако преземеме против нив нешто лошо или со нешто ги навредиме, ќе имаме против себеси не човек, туку Севишниот Бог како одмаздник на нашите дела секогаш и во сѐ. Бидете здрави!«

8Откако го добија ова писмо, Јудејците не брзаа веднаш да си појдат, туку му се обратија на царот со молба: оние од јудејскиот народ, кои самоволно го оставија Светиот Бог и Божјиот закон – да ја добијат заслужената казна,

9додавајќи, дека тие што заради својот стомак ги напуштиле Божјите заповеди, никогаш нема да имаат добри чувства ни спрема царската управа.

10Царот виде оти тие се застапуваат за вистината, па им даде одобрение и полномошно, за да можат во секое место од неговото царство да ги истребат без никаква пречка сите што го погазиле Божјиот закон, без да бараат посебна дозвола за тоа или царски надзор.

11Тогаш, откако му заблагодарија на царот, како што беше потребно, свештенството и сето народно мнозинство запеаја алилуја – и појдоа.

12Секого од своите сонародници, што се беше осквернил, а кого го среќаваа по патот, го казнуваа и убиваа како пример за другите.

13Во тој ден убија повеќе од триста мажи и празнуваа весело, убивајќи ги отстапниците.

14А оние, што Му останаа на Бога верни до смрт и добија палма на радост од спасението, појдоа од градот, овенчани со секакви миризливи цветови со веселба и восклици, со благодарност и милозвучни песни, благодарејќи Му на Бога на своите татковци, на вечниот Спасител на Израилот.

15Кога дојдоа во Птолемаида, наречена според својството на местото Родофор, таму, по општа согласност, чекаа кораби седум дена.

16Таму приредија гозба поради своето спасение, зашто царот ги беше снабдил со си што им беше потребно додека пристигнат во своите домови.

17Бидејќи таму пристигнаа во мир, со голема благодарност, тие и тука решија весело да ги празнуваат сите дни колку што ќе престојуваат.

18Откако ги осветија тие дни и се заветуваа со поставување столб врз местото на гозбата, појдоа понатаму по суво, море и по река – секој кон својот дом – здрави, слободни и полни со радост, заштитени со царската заповед. Тогаш придобија поголема сила и слава отколку пред тоа и станаа страшни за своите непријатели и никој не го ограничуваше нивниот начин на живеење;

19сите го добија по опис она што беше нивно, така што сите што имаа нешто кај себеси – им го враќаа со најголем страв, зашто великиот Бог им беше направил големи добрини за нивно спасение.

20Нека е благословен Спасителот на Израилот во сите времиња! Амин.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help