1Оние, кои се наоѓаат под ропско иго, господарите свои нека ги сметаат како достојни за секаква почест, за да не се хули името Божјо и учењето.
2Оние, пак, кои имаат господари што поверувале, нека не се однесуваат кон нив незаинтересирано, затоа што се браќа; туку со поголема усрдност да служат, бидејќи тие, што ги добиваат нивните услуги, се верни и возљубени. Така поучувај и советувај!
3Кој поучува инаку и не врви по здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и според учењето за благочесноста,
4тој е помрачен од гордоста, не знае ништо и е болен од празни препирки и запрашувања, од кои произлегуваат зависта, карањето, хулењето, лошите мисли;
5залудните препирки меѓу луѓето, што имаат изопачен ум, лишени се од вистината; тие мислат дека побожноста служи за трговија. Бегај од такви!
6А голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себеси.
7Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме.
8Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни.
9А оние, што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во примки и во многу неразумни и штетни желби, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел.
10Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на кое што некои, откако му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки.
11Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост и кротост!
12Бори се во добриот подвиг на верата; држи се за вечниот живот, за кој си и повикан и си дал добра исповед пред многу сведоци.
13Ти заповедам пред Бога, Кој сѐ оживотворува, и пред Исуса Христа, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат,
14да ја запазиш заповедта чиста и беспрекорна дури до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос,
15кое што, кога ќе му дојде времето, ќе Го открие Блажениот и единствен владетел, Цар над царевите и Господар над господарите,
16Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин!
17Заповедај им на богатите од овој свет да не се гордеат, ниту да се надеваат на непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие;
18нека прават добро, нека богатеат со добри дела, да бидат штедри и пристапливи,
19и по таков начин да си собираат сокровиште – добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен.
20О Тимотеје, пази го она што ти е предадено, и клони се од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука,
21со која, откако некои се занимаваа, се отклонија од верата. Благодатта нека биде со тебе. Амин!
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.