Товит 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ангелот се открива.

1Товит го повика сина си Товија и му рече: »Синко, приготви му ја наградата што те придружуваше, а треба да му дадеме нешто повеќе.«

2А Товија одговори и рече: »Татко, нема да бидам оштетен ако му ја дадам и половината од сѐ што донесов;

3зашто тој ме доведе при тебе жив и здрав, тој ја излекува мојата жена, го донесе среброто и тебе те излекува.«

4Старецот тогаш рече: »Тој навистина го заслужил тоа.«

5Го повика ангелот и му рече: »Земи ја половината од сѐ што сте донеле, па оди си со мир.«

6Тогаш ангелот ги повика нив двајцата на страна и им рече: »Благословувајте Го Бога, прославувајте ја Неговата величина пред сите што живеат за сето она што го направи Он за вас. Добро е да се благословува Бог, да се превознесува Неговото име и со побожност да разгласуваме за Неговите дела.

7Добро е да се чува царската тајна, и пофално е да се разгласуваат Божјите дела. Правете добро и зло нема да ве снајде.

8Добра е молитвата кога е сврзана со пост, милостиња и праведност. Подобро е малку со справедливост, отколку многу – со неправда; подобро е да правиш милостиња, отколку да собираш злато.

9Милостињата избавува од смрт и може да очисти од секој грев. Оние што делат милостиња и прават добри дела, ќе живеат долго на земјата;

10а оние што грашат – непријатели се на својот живот.

11Од вас нема да сокријам ништо: веќе ви реков дека е добро да се сокрива царската тајна и дека е пофално да ги објавувам Божјите дела.

12Кога се молевте ти и твојата снаа Сара, јас ги вознесував вашите молитви пред Светиот; кога ги погребуваше ти мртовците, и јас бев со тебе;

13кога не те мрзеше да станеш и да го прекинеш твоето јадење, да станеш за да го погребеш мртовецот, не беше сокриено од мене дека правиш добро дело, и јас бев тогаш со тебе.

14И сега Бог ме прати да те исцелам тебе и твојата снаа Сара.

15Јас сум Рафаил, еден од седуммината ангели, кои ги однесуваат молитвите на светиите и се искачуваат пред славата на Светиот.«

16Тогаш обајцата се преплашија и паднаа ничкум, зашто ги опфати голем страв.

17Но тој им рече: »Не плашете се, да имате мир. Благословувајте Го Господа во векови.

18Зашто јас не дојдов по својата волја, туку по волјата на нашиот Бог. Затоа благословувајте Го во векови.

19Во сите денови дозволував да ме гледаат вашите очи, но јас ниту јадев ниту пиев; само на вашиот поглед така му изгледаше.

20И сега, прославете го Бога, а јас се враќам при Бога, Кој ме прати. Сега ова што стана запишете го во книга.«

21Тогаш станаа, но него веќе не го видоа.

22И почнаа да раскажуваат за великите и чудесни Божји дела, да говорат за тоа како им се јавил Господов ангел.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help