1Благословувај Го, душо моја, Господа, Господи, Боже мој, ти си севозвеличил; во слава и велелепие си се облекол;
2Ти си се облекол во светлина како со облека, си го прострел небото како шатор;
3со вода си ги покрил Твоите дворови, облаците си ги направил за да одиш по нив, кога се движиш – ветрот Ти служи како крилја.
4Ветровите ги правиш Свои гласници, а слугите Свои огнен пламен.
5Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш.
6Си ја покрил со бездна како со облака, води ќе стојат на горите.
7Од Твојата закана тие бегаат, од гласот на Твојот гром се бојат;
8се издигаат горите, се спуштаат долините, на места што си им ги определил.
9Си поставил граница преку која нема да преминат, ниту ќе се вратат да ја покријат земјата.
10Си управил извори во долините: меѓу горите течат води,
11ги напојуваат сите полски ѕверови; дивите осли ја гаснат жедта своја.
12При нив живеат птици небесни, меѓу камењата пуштаат глас.
13Ти ги напојуваш горите од своите височини, од плодовите на Твоите дела се наситува земјата.
14Ти правиш да расте трева за добитокот и растение за потреба на луѓето, за да произведат леб од земјата
15и виното што го весели срцето на човекот, и елејот од кој блеска лицето негово, и лебот што го закрепнува срцето на човекот.
16Се заситуваат дрвјата по полето, кедрите ливански, што си ги посадил;
17на нив птиците си прават гнезда, елките им се живеалишта на штрковите.
18Високите гори – на срните; камењата – прибежиште на зајаците.
19Он ја создал месечината да ги определува времињата, сонцето го знае својот запад.
20Спушташ темнина, и настанува ноќ: тогаш излегуваат сите горски ѕверови;
21лавовите рикаат за плен и бараат од Бога храна за себе.
22Изгрева сонцето, а тие се собираат и легнуваат во своите легла;
23човекот излегува по своја работи и работи до вечерта.
24Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро; земјата е полна со Твои созданија.
25А тоа море е големо и пространо; таму се движат безброј лазачи, мали и големи животни;
26таму пловат кораби, таму е чудовиштето што си го создал да игра во него.
27Сите тие од Тебе чекаат да им дадеш храна навреме.
28Им даваш – примаат, ја отвораш раката Своја – се наситуваат со блага;
29го одвратиш ли лицето Свое – се збунуваат, им го одземеш ли духот нивни – умираат и во земјата своја се враќаат.
30Го праќаш ли духот Свој – се создаваат; Ти го обновуваш лицето на земјата.
31Нека пребива славата на Господа вечно; нека се весели Господ за делата Свои!
32Погледнува ли кон земјата, и таа се тресе; се допре ли до горите, тие димат.
33Ќе му пеам на Господа преку целиот мој живот, ќе му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам.
34Нека Му биде мила беседата моја! ќе се веселам во Господа.
35Нека ги снема грешниците од земјата, и беззаконици да нема веќе! Благословувај Го, душо моја, Господа! Алилуја!
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.