Исаија 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Мидјаните ќе го разурнат Вавилон.

1Пророштво за Вавилон, што го изрече Исаија, синот Амосов.

2»Кренете знаме на гола планина, издигнете глас, мавнете им со рака да навлезат низ кнезовските порти.

3Јас им дадов повелба на Моите избраници и ги повикав да го исполнат гневот Мој Моите јунаци, кои се радуваат на величието Мое.

4Голем шум има по планините, како божем од многуброен народ, бунтовен шум на царства и народи, собрани заедно, Господ Саваот ја прегледува готовата војска за војна.

5Идат од далечна страна, од крајот на небото, Господ и орудијата на Неговиот гнев, за да ја сотрат целата земја.

6Липајте, зашто денот Господов е близу, – иде како разурнувачка сила од Семоќниот.

7Затоа рацете на сите отпаднаа, срцето на секој човек се стопи.

8Тие се ужасија, грчеви и болки ги опфатија; се мачат како родилка, зашеметени гледаат едни во други, лицата им пламнаа.

9Ете, денот Господов доаѓа лут, со гнев и пламната јарост, за да ја претвори земјата во пустиња и да ги истреби од неа грешниците нејзини.

10Ѕвездите небески и светилата нема да даваат од себеси светлина; сонцето се замрачува при изгревањето свое; и месечината не свети со светлината своја.

11Јас ќе го казнам светот за злото, и нечесните – за нивните беззаконија; ќе го премавнам високоумството на гордите и ќе ја понизам надуеноста на угнетувачите;

12ќе направам така, што луѓето да бидат поскапи од чисто злато, а мажите – поскапи од офирско злато.

13Затоа ќе го затресам небото, земјата ќе се помести од местото свое поради јароста на Господа Саваот, во денот на пламнатиот гнев Негов.

14Тогаш секој како подгонета срна и како напуштени овци ќе се обрне кон народот свој, секој ќе избега во земјата своја.

15На кого ќе му се падне, ќе биде пронизан; и кого ќе го фатат, ќе загине од меч.

16Новороденчињата нивни ќе бидат смачкани пред очите нивни; куќите нивни ќе бидат разграбени, а жените нивни обесчестени.

17Ете, Јас ќе ги кренам против нив Мидјаните, кои не го ценат среброто и не лакомат за злато.

18Нивни лакови ќе ги поразат младите и нема да сожалат ни плод во утроба; очите нивни нема да се смилуваат на децата.

19И Вавилон, украсот на царствата, гордоста на Халдејците, ќе биде соборен од Бога, како Содом и Гомор,

20нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род; нема Арабиец да го распне шаторот свој, овчари таму со стадата свои нема да пладнуваат.

21Но во него ќе живеат ѕверови; бувови ќе се населат во нивните домови, и бесови ќе потскокнуваат и ќе играат.

22Шакали ќе вијат во дворците нивни и хиени во домовите за веселба. А ќе дојде неговото време, близу е, деновите негови нема да задоцнат.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help