2 Летописи 18 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Михеј пророкува пропаст.

1Јосафат имаше големо богатство и слава, па се сроди со Ахава.

2По неколку години отиде при Ахава во Самарија; и закла Ахав многу добиток, ситен и крупен, за него и за луѓето со него и го убедуваше да се кренат притив Рамот Галадски.

3И му рече Ахав, царот израилски, на Јосафата, царот јудејски: »Ќе дојдеш ли со мене во Рамот Галадски?« Тој му одговори: »Како што ќе одиш ти, така и јас, како твојот народ, така и мојот народ; ќе дојдам со тебе во војна!«

4Уште му рече Јосафат на царот израилски: »Прашај уште денес што ќе рече Господ.«

5Израилскиот цар собра четиристотини души пророци и им рече: »Да одиме ли во војна против Рамот Галадски, или ќе мируваме?« Тие одговорија: »Оди, и Господ ќе го предаде во раката на царот.«

6Јосафат праша: »Нема ли тука уште некој пророк Господов, да го прашаме и него?«

7Му одговори царот израилски на Јосафата: »Има уште еден човек, преку кого можеме да Го прашаме Господа, но јас него не го сакам, зашто тој не пророкоува добро за мене, туку секогаш пророкува лошото; тој е Михеј, син Јемлиев.« Јосафат му рече: »Не зборувај така, цару!«

8Царот израилски повика еден дворјанин и рече: »Оди поскоро да го повикаш Михеја, синот Јемлиев!«

9А царот израилски Ахав и Јосафат, царот јудејски, седеа секој на престолот свој, облечени во царска облека, седеа на плоштадот пред Самариските порти, и сите пророкуваа пред нив.

10Седекија, синот Хананов, си беше направил железни рогови и рече: »Вака вели Господ: ‚со нив ќе ги избодеш Сиријците, додека не ги истребиш.‘«

11И сите пророци го пророкуваа истото, велејќи: »Оди против Рамот Галадски, ќе имаш успех, и Господ ќе го предаде во раката на царот.«

12Испратениот, што отиде да го повика Михеја, му рече: »Ене, пророците едногласно му претскажуваат добро на царот; и твојот збор нека биде таков, како на секого од нив: изречи и ти добро.«

13Михеј одговори и рече: »Жив Господ! Она што ќе ми каже Господ, тоа ќе го изречам.«

14Кога дојде при царот, а царот му рече: »Михеј, да одиме ли во војна против Рамот Галадски, или да се воздржиме?« Тој одговори: »Одете, ќе имате успех; тие ќе бидат предадени во рацете ваши.«

15Царот му рече: »Колку пати ќе те заколнувам да не ми говориш ништо, освен вистината во името Господово?«

16Тогаш Михеј рече: »Ги видов сите синови на Израилот, распрснати по горите како овци без пастир, – и Господ рече: ‚тие немаат водач, секој нека се врати со мир во домот свој!‘«

17Царот израилски му рече на Јосафата: »Не ли ти реков, дека тој не ми пророкува добро, туку само лошо?«

18Михеј пак рече: »Тогаш чујте го зборот Господов: Го видов Господа, седнат на Својот престол, а сета војска небеска стоеше десно и лево од Него.

19И рече Господ: ‚Кој ќе го измами Ахава, израилскиот цар, да оди и да загине во Рамот Галадски?‘ И еден велеше вака, друг велеше инаку.

20Истапи еден дух, застана пред лицето на Господа и рече: ‚Јас ќе го измамам.‘ А Господ праша: ‚со што?‘

21Тој одговори: ‚Ќе излезам и ќе станам дух на лагата во устата на сите пророци негови.‘ И рече Он: ‚Ти ќе го подмамиш и ќе успееш; оди и направи така.‘

22И сега, ете, Господ допушти да влезе духот на лагата во устата на тие твои пророци, но Господ рече не е добро за тебе.«

23Тогаш пристапи Седекија, син на Ханана, па го плесна Михема и рече: »По кој пат премина од мене Духот Господов, за да говори во тебе?«

24А Михеј рече: »Ете, ќе го видиш тоа во оној ден, кога ќе бегаш од соба во соба, за да се сокриеш.«

25Тогаш израилскиот цар рече: »Земете го Михеја и одведете го при градоначланикот Емира и при кнезот Јоаса, царевиот син,

26и речете, вака вели царот: ‚затворете го овој во темница и хранете го скудно со леб и вода, додека да се вратам со мир.‘«

27А Михеј рече: »Ако се вратиш со мир, тогаш не говорел Господ со мене.« И пак рече: »Чујте го ова сите луѓе!«

28И тргнаа царот израилски и Јосафат, царот јудејски, кон Рамот Галадски.

29И царот израилски му рече на Јосафата: »Јас ќе се преоблечам и ќе влезам во борба, а ти облечи ги царските одежди.« И се преоблече царот израилски, и влегоа во битка.

30Тогаш царот сириски од својата кола им заповеда на војводите: »Не удирајте ни на мал ни на голем, туку само на царот израилски!«

31А кога началниците на колите го видоа Јосафата, си помислија: тоа е царот израилски, – и го опколија, за да се удрат со него. Но Јосафат извика, и Господ му помогна, и Бог ги одврати од него.

32Штом началниците на колите видоа, дека не беше царот израилски, се вратија од него.

33Во тоа време еден човек го затегна случајно лакот свој и го рани израилскиот цар низ составот на оклопот негов. И тој му кажа на човекот: »Врати се назад и изведи ме од војската, зашто сум ранет.«

34Но борбата во тој ден се засили; и израилскиот цар седеше на колата спроти Сиријците до вечерта и умре по зајдисонце.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help