1Но синовите Израилеви направија голем грев и зедоа од заколнатото. Ахан, синот на Хармија, син на Завдија, Заров син од Јудиното племе, зеде од заколнатото, и гневот Господов се разгори против синовите Израилеви.
2Од Јерихон Исус испрати луѓе во Гај, кој е на спротива на Витаин, источно од Ветил, и им рече: »Одете, разгледајте ја земјата!« Тие отидоа и го разгледаа Гај.
3И откако се вратија кај Исуса, му рекоа: »Нека не оди целиот народ, туку нека отидат две до три илјади луѓе и ќе го разбијат Гај; не праќај го таму целиот народ, бидејќи тие се малку на број.«
4И така, отидоа таму од народот околу три илјади души, но тие почнаа да бегаат пред гајските жители;
5гајските жители убија од нив до триесет и шест души, ги гонеа од портите и ги разбија при стрмнината на планината; од тоа срцата на луѓето се растопија и станаа како вода.
6Исус ја раскина облеката своја и падна ничкум на земјата пред ковчегот на Господа и лежеше дури до вечерта, тој и старешините Израилеви, и ги посипаа со пепел главите свои.
7И рече Исус: »Ти се молам, Господи Боже, зошто го преведе слугата Твој народот преку Јордан, за да ги предадеш во рацете на Аморејците на погубување? Камо да бевме останале да живееме од онаа страна на Јордан!
8О, Господи, што да кажам, бидејќи Израилот го свте грбот пред своите непријатели?
9Хананејците и сите жители на земјата ќе чујат, ќе нѐ опколат и ќе нѐ истребат нас од земјата. И што ќе направиш за името Твое Големо?«
10Господ му одговори на Исуса: »Стани, зошто падна ничкум?
11Згрешија луѓето и ја прекршија мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу работите свои;
12затоа синовите Израилеви не можат да издржат пред непријателите свои и им свртија грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото.
13Стани, очисти го народот и кажи: ‚Очистете се за утре, бидејќи така вели Господ, Бог Израилев: »Проколнатото е во тебе, Израиле; затоа ти не ќе можеш да издржиш пред непријателите свои, додека не го отстраниш од себеси проклетството.«
14Соберете се утре сите според племињата свои; племето, пак, што ќе го покаже Господ, нека мине по родовите; и родот, што ќе го покаже Господ, нека мине по домовите, што ќе ги покаже Господ, и нека мине човек по човек;
15кој ќе биде фатен, дека украл од проколнатото, со оган нека се изгори тој и сѐ што е негово, затоа што ја прекршил заповедта на Господа и направил престап меѓу Израилот.‘«
16Откако стана утредента рано, Исус ги преведе луѓето според племињата свои, и беше покажано Јудиното племе;
17потоа заповеда да минат родовите на Јуда, и беше посочен родот на Зара; му заповеда на Заровиот род да мине според домовите, и се појави родот на Завдија;
18Му заповеда на домот негов да мине човек по човек, и беше покажан Ахан, синот на Хармија, син на Завдија, Заров син, од Јудиното племе.
19Тогаш Исус му рече на Ахан: »Синко, прослави Го Господа, Бога Израилев, исповедај се пред Него и кажи ми, што си направил; не криј од мене.«
20Ахан му одговори на Исуса и рече: »Навистина, јас згрешив пред Господа, Бога Израилев, и го направив ова и ова;
21меѓу предметите пленети видов една убава и добра облека, и две дидрахми сребро и еден сосуд од злато, со вредност од педесет дидрахми; тоа ми се свиде и јас го зедов; и, ете, тоа е сокриено во земјата во домот мој, и среброто е сокриено под него.«
22Исус испрати луѓе, и тие отидоа во домот негов во логорот; и ете, сето тоа беше сокриено во домот негов, и среброто под него.
23Тие го изнесоа тоа од домот, го донесоа кај Исуса и кај старешините Израилеви и го ставија пред Господа.
24Тогаш Исус и сите Израилци со него го зедоа Заровиот син Ахан, среброто, облеката, и сосудот од злато, синовите негови и ќерките негови, воловите негови и ослите негови, овците негови и домот негов, и сѐ што беше негово, и го одведоа во долината Ахор.
25И рече Исус: »Затоа што некои од нас истреби, Господ ќе те истреби денес тебе.« И сите Израилци го убија со камења, го изгореа него и предметите со оган, и нафрлаа врз нив камења.
26И нафрлаа врз него голема грамада камења, која остана сѐ до ден денес. Потоа стивна силата од гневот на Господа. Поради тоа, она место денес се вика »Долината Ахор«.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.