Второзаконие 26 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Изреки при принесување првини и давање десеток. Опомена за послушност.

1»Кога ќе дојдеш во земјата што Господ, твојот Бог, ти ја дава како дел, и ќе ја наследиш и се населиш во неа,

2земи ги првините од плодовите на земјата твоја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, стави ги во кошница, и оди на она место, кое Господ, твојот Бог, ќе го одбере, за да се призива вечно името Негово таму;

3потоа оди при свештеникот, што се затекол во тие денови и кажи му: ‚денес изјавувам пред Господа, мојот Бог, дека влегов во земјата, за која Господ им се заколна на татковците наши дека ќе ни ја даде.‘

4Свештеникот да ја земе кошницата од раката твоја и да ја стави пред жртвеникот на Господа, твојот Бог.

5Ти, пак, одговори и кажи пред Господа, твојот Бог: ‚мојот татко ја напушти Сирија и отиде во Египет и се насели таму со мал број луѓе, и од него произлезе таму народ голем, силен и многуброен.

6И Египтјаните се озлобија на нес, нѐ притиснаа и ни наложуваа тешка работа;

7тогаш ние Му се пожаливме на Господа, Бог на нашите татковци, и Господ ја чу нашата молба и ја виде бедата наша, маките наши и неволите наши;

8и нѐ изведе Господ од Египет. Сам со големата сила Своја, со силна рака и со цврста мишка, со виденија големи, со знаци и чудеса,

9па нѐ доведе на ова место и ни ја даде оваа земја, земја во која тече мед и млеко.

10И така, ете, ги донесов првините од плодовите на земјата, која Ти, Господе, ми ја даде, земјата, каде што тече мед и млеко.‘ Стави го тоа пред Господа, твојот Бог, поклони се пред Господа, твојот Бог,

11па развесели се потоа за сите добра, што Господ, твојот Бог, ти ги даде тебе, ти и домот твој, ти и левитот и придојдениот, што е кај тебе.

12Кога ќе ги одделиш сите десетоци од плодовите на земјата твоја во третата година, втората десетина дај ја на левитот, на придојдениот, на сиромавиот и на вдовицата, за да јадат во градовите твои и да се наситуваат.

13Тогаш кажи пред Господа, твојот Бог: ‚изнасобравме сѐ, што е свето во домот мој, и го дадов на левитот, придојдениот, сиромавиот и вдовицата, според сите Твои заповеди, како ми заповеда: јас не направив престап спрема Твоите заповеди и не ги заборавив;

14во тагата не јадев од нив, ниту одделив од нив за нечиста потреба, ниту дадов од нив за умрено; го послушав гласот на Господа, мојот Бог, исполнив сѐ како што ми заповеда Ти.

15Погледни од небото од Твојот свет храм и благослови го народот Свој, Израилот, и земјата, што ни ја даде, како што им се заколна на татковците наши дека ќе ни ја дадеш, земјата, во која тече мед и млеко.‘

16Денес Господ, твојот Бог, ти заповеда да ги извршуваш сите овие наредби и закони: пази ги и исполнувај ги со сето срце свое и со сета своја душа.

17Денес си Го избрал Господа, Он да ти биде твој Бог, дека ти ќе одиш по Неговите патишта и ќе ги почитуваш наредбите Негови и ќе го слушаш гласот Негов;

18и Господ ве избра денес вие да Му бидете Негов избран народ, како што ти рече ако ги почитувате сите заповеди Негови,

19и дека Он ќе те постави погоре од сите народи, што ги создал прочуен, фален и славен, и дека вие ќе Му бидете свет народ на Господа, вашиот Бог, како што беше рекол.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help