1»А што се однесува за знаците, ете, ќе настанат дни, кога многумина од жителите на земјата, кои многу знаат, ќе бидат грабнати, и патот на вистината ќе се сокрие и вселената ќе биде лишена од вера,
2и ќе се умножи неправдата, која сега ја гледаш и за која од порано си слушал.
3И земјата, која сега ја гледаш дека царува, ќе биде изложена на опустошување.
4Ако, пак, Севишниот ти даде да доживееш, ќе видиш дека веднаш по третата труба – среде ноќ ќе огрее сонце, а месечината – трипати преку денот;
5и од дрво крв ќе капе, камен ќе проговори и народите ќе се раздвижат.
6Тогаш ќе царува оној, кого жителите на земјата не го очекуваат, а птиците ќе прелетаат на други места.
7Содомското море ќе исфрли риби, ќе пушти глас ноќно време за мнозина непознат, но сите ќе го чујат гласот негов.
8На многу места ќе има немири, често ќе биде пуштан оган од небото; полските ѕверови ќе ги сменат местата свои и нечисти жени ќе раѓаат чудовишта.
9Слатките води ќе станат солени, сите пријатели ќе станат еден против друг; тогаш умот ќе се сокрие и разумот ќе се повлече во своето пребивалиште.
10Многумина ќе го бараат, но нема да го најдат; на земјата ќе се намножат неправдата и невоздржливоста.
11Една земја ќе ја прашува соседната: дали низ тебе поминала правдата, што човекот го прави праведен? И таа ќе ѝ одговори дека не поминала.
12Луѓето тогаш ќе се надеваат, и нема да го добијат она што го сакаат; ќе се трудат, но нивните патишта нема да се исправат.
13За овие знаци ми е дозволено да ти кажам, и, ако пак ме помолиш и поплачеш како сега, и ако постиш седум дни, ќе чуеш и повеќе од ова.«
14И јас се свестив, телото мое трепереше силно, душата моја изнемоштуваше, како да исчезнуваше.
15Но ангелот дојде кај мене, ми говореше, ме подржуваше, ме закрепна и ме исправи на нозе.
16Втората ноќ кај мене дојде Фалтиел, народниот водач, и ме запраша: »Каде си бил и зошто ти е лицето нажалено?
17Зар не знаеш дека тебе ти е доверен Израел, во земјата на неговото прогонство?
18Затоа стани, и касни леб и не нѐ оставај, како пастирот што стадото свое не го остава – во рацете на лукави волци.«
19Тогаш му реков: »Оди си од мене и не приближувај се до мене.« И тој, кога го слушна тоа, си отиде од мене.
20А јас, пак, постев седум дни, офкајќи и плачејќи, како што ми заповеда ангелот Уриел.
21По седум дни, помислите на моето срце пак ми беа многу тешки;
22но душата моја прими дух што може да разбира, и јас одново почнав да говорам пред Севишниот,
23и реков: »О, Владетелу Господи, од сите гори на земјата и од сите дрвја на неа, Ти ја избра само лозата;
24и од целиот земен круг – Ти ја избра само пештерата, а од сите цвеќиња во светот – Ти го избра само кринот;
25од сите морски бездни – Ти наполни само еден извор, а меѓу сите издигнати градови – само Сион го освети за Себе;
26од сите создадени птици – Ти ја наименува само гулабицата, и од сиот создаден добиток – Ти ја избра само овцата:
27меѓу сите многубројни народи, Ти придоби само еден народ и него го возљуби, нему му даде закон совршен.
28Но сега, Господи, зошто овој единствен народ го предаде на мнозина, зошто на еден корен накалеми други фиданки и Твојот единствен народ го расеја меѓу многу народи?
29Него го покорија оние, кои им се противеа на Твоите ветувања, и кои не веруваа во Твоите завети.
30И ако беше си го многу намразил, Твојот народ, нека беше тој казнет од Твојата рака.«
31Кога ги говорев овие зборови, кај мене беше испратен пак ангелот, што беше дошол кај мене претходната ноќ,
32и ми рече: »Чуј ме, јас ќе те научам; слушај ме – јас ќе ти кажам уште повеќе.«
33Јас му реков: »Говори, Господару мој«, а тој ми рече: »Ти отиде со твојот љубопитен ум за Израел многу далеку; зар ти го сакаш повеќе отколу што го сака Оној, Кој го создал?«
34Јас му одговори: »Не, Господару мој, туку говорев од голема тага. Внатрешноста ме измачува секој час кога се измачувам да го разберам патот на Севишниот или да испитам барем еден дел од Неговиот суд.«
35Тој ми рече: »Тоа не можеш да го постигнеш.« – Јас го прашав: »А зошто не можам, Господару мој? Подобро ќе беше ако не се родев и ако утробата на мојата мајка ми станеше гроб, отколку што го гледам измачувањето на Јаков и истоштувањето на Израелскиот народ.«
36Тој ми рече: »Изброј го она што уште го нема, собери ми ги распрснатите капки и оживи ги исушените цвеќиња.
37Отвори ги заклучените хранилишта, изведи ги ветровите – што се затворени во нив и покажи ми ја сликата на гласот, – и тогаш ќе ти го покажам да го видиш она што те мачи.«
38Јас одговорив: »Владетелу Господи, кој може тоа да го знае, освен Оној, Кој не живее со луѓето?
39А јас сум безумен, па како можам да говорам за она што ме праша?«
40Тогаш Тој ми рече: »Како што не можеш да направиш ништо од ова што е речено, така не можеш да ги знаеш Моите намери, ниту можеш да ги знаеш границите на Мојата љубов, која сум му ја ветил на Мојот народ.«
41Јас реков: »Но, ете, Господи, Ти си близок до оние што се доближуваат до крајот, а што ќе прават оние што биле пред мене, или ние и оние што ќе бидат по нас?«
42Тој ми рече: »Мојот суд Јас ќе го спроведам со венецот: како што нема задоцнување за последните, така нема побрзување за првите.«
43Јас одговорив и реков: »Зар Ти не би можел да ги соединиш во едно: и оние што се создадени порано, така и оние што се сега и кои ќе бидат, за да им го објавиш поскоро Твојот суд?«
44Тој ми одговори: »Творбата не може да оди побргу од својот Творец, како што овој век не може да ги опфати сите заедно во себе и оние што треба да бидат создадени.«
45А јас реков: »Како тогаш Ти ми рече мене, Твојот слуга, дека си му дал заедно живот на сѐ што е создадено, и создаденото го издржало тоа, па и сега оние што постат заедно би можеле тоа да го издржат.«
46Тој ми рече: »Прашај ја жената и речи н: ако раѓаш десет деца, зошто ги раѓаш одвреме – навреме и замоли ја сите десет да ги роди одеднаш.«
47Јас пак му реков: »Тоа не е можно; тоа може да станува само одвреме – навреме.«
48Тогаш Тој ми рече: »И Јас ѝ дадов на земјината утроба способност да го произведува она што е посеано во неа одвреме – навреме.
49Како што детето не може да го прави она што можат старците, така и го поставив светот, кој е создаден од Мене.«
50Тогаш го запрашав и реков: »Штом веќе ми го откри патот, тогаш дозволи ми да Те прашам: мојата мајка, за која ми говореше, дали е уште млада или се приближува кон староста?«
51Ми одговори и рече: »За тоа прашај ја онаа што раѓа, и таа ќе ти одговори.
52Речи н: зошто оние што се раѓаат сега не прилегаат на оние што се родени порано, и зошто се тие помали на раст од другите?
53Таа ќе ти одговори: едните ги родив во цветот на мојата младост, а другите се родени на старост, кога утробата моја почна да ја губи својата сила.
54Сега разбери: зошто сте вие помали на раст од оние што се родени пред вас;
55а оние што ќе се родат по вас, ќе бидат уште помали од вас; созданијата веќе остареа, младешката сила веќе им одминала.«
56И реков: »Ти се молам, Господи, ако сум придобил милост пред Твоите очи, кажи му на Твојот слуга: преку кого го посетуваш Твоето создание?«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.