1Тогаш дојдоа во Екбатана и се приближија до куќата на Рагуила. Сара ги пречека и љубезно ги поздрави. И тие ја поздравија неа, па потоа ги воведе во домот.
2Рагуил ѝ рече на својата жена Една: »Колку ли овој личи на мојот роднина Товит, на синот од брата ми!«
3Тогаш Рагуил ги запраша да му кажат од каде се. Тие му одговорија: »Ние сме од Нефталимовите синови, заробени во Ниневија.«
4Потоа пак ги запраша: »А дали го познавате Товита, нашиот брат?« Откако му одговорија дека го познаваат, Рагуил ги праша дали е жив и здрав. Тие му одговорија дека е жив и здрав.
5А Товија додаде: »Тој е мојот татко.«
6Тогаш Рагуил му се приближи, го бакна и плачеше.
7Го благослови и рече: »Ти си, значи, синот на оној чесен и благороден човек.« Но откако слушна дека Товит го загубил очниот вид, се нажали и плачеше;
8а плачеше и неговата жена Една и ќерка му Сара и ги примија многу љубезно.
9Па заклаа овен и приготвија изобилни јадења. А Товија му рече на Рафаила: »Поприкажувај, брате Азарија, за она што разговаравме по патот, за да може да се уреди таа работа!«
10Ангелот позборува за тоа со Рагуила, а Рагуил се обрати кон Товија и му рече: »Јади, пиј и биди весел, зашто ти треба да ја земеш мојата ќерка. Но сепак, јас треба да ти ја откријам вистината;
11досега сум ја давал мојата ќерка на седуммина мажи, и кога ќе влезеа при неа, уште истата ноќ умираа. Но ти сега биди весел!« Товија му рече: »Јас нема да каснам од ништо си додека не се договориме и не направиме што треба да се направи.« Рагуил му рече: »Земи ја веднаш; таа ти припаѓа по законот: ти си ѝ брат, и таа е твоја. Милосрдниот Бог да ви дарува сѐ што е најдобро!«
12Тогаш ја повика својата ќерка Сара, ја фати за рака и му ја даде на Товија за жена, велејќи: »Еве, според Мојсеевиот закон, земи ја и води ја кај татка ти!« И тогаш ги благослови.
13Потоа ја повика својата жена Една, па зеде свиток, напиша договор и го потпечати.
14Дури тогаш почнаа да јадат.
15Рагуил пак ја повика својата жена Една и рече: »Приготви ја, сестро, другата спална и воведи ја во неа.«
16Таа направи, како што ѝ рече нејзиниот маж, ја воведе својата ќерка таму и таа заплака. Кога ги виде солзите на својата ќерка, таа ѝ рече:
17»Успокој се, ќерко моја, и биди храбра: Господарот на небото и на земјата нека ти подари радост место жалост. Успокој се, чедо мое!«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
