1И видов во десницата на Оној, Кој седеше на престолот, книга напишана одвнатре и однадвор, запечатена со седум печати.
2И видов силен ангел, што викаше со висок глас: »Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?«
3И никој не можеше, ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа.
4И јас многу плачев, дека никој не се најде достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга, ниту да ја гледа.
5А еден од Старците ми рече: »Не плачи! Ете, победи Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!«
6Погледав, и ете, среде престолот и четирите животни и среде Старците стоеше Агнецот, како заклан, со седумте рога и седумте очи, кои што се седумте духови Божји, пратени по целиот свет.
7Он дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот.
8И кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старци паднаа пред Агнецот, држејќи секој од нив гусле и златни чаши, полни со темјан, кои што се молитвите на светиите;
9и пееја нова песна, велејќи: »Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,
10и нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници; и ќе царуваме на земјата!«
11Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и Старците, а бројот им беше мирјада мирјади и илјада илјади,
12кои зборуваа со висок глас: »Достоен е закланиот Агнец да ја прими силата и богатството, премудроста и моќта, честа, славата и благословот!«
13И секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув да зборува: »На Оној, Кој седи на престолот, и на Агнецот – благослов и чест, слава и владеење во сите векови!«
14А четирите животни велеа: »Амин!« И дваесет и четирите Старци паѓаа и Му се поклонуваа на Живиот во сите векови.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
