1А што се однесува до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос и нашето собирање при Него, ве молам, браќа,
2да не се поколебате лесно во мислите свои и да доаѓате во ужас било преку духот, било преку словото, или преку послание, како да е од нас испратено, како божем настапува веќе Христовиот ден.
3Никој да не ве измами ни по каков начин; оти оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓањето и не се открие човекот на гревот, синот на погибелта,
4кој што се противи и се превознесува над сѐ, што се наречува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, покажувајќи се дека е Бог.
5Не помните ли дека, уште кога бев при вас, ви зборував за тоа?
6И сега знаете што Го задржа Него да се открие во Свое време.
7Тајната на беззаконието веќе дејствува, само тоа нема да биде извршено, додека не се отргне оној, што ја задржува сега;
8тогаш ќе се открие и беззаконикот, кого што Господ Исус ќе го убие со здивот на устата Своја, и преку блесокот на Своето доаѓање ќе го истреби
9оној, чие јавување, по дејството на сатаната, е со секаква сила и знаци и лажни чудеса,
10и со секакво неправедно измамување меѓу оние, кои загинуваат, затоа што не ја примиле љубовта на вистината за своето спасение.
11И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да поверуваат на лагата,
12та да бидат осудени сите, кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата.
13Ние, пак, сме должни да Му благодариме на Бога за вас секогаш, возљубени од Господа браќа, затоа што од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение,
14кон кое ве повика преку нашето Благовестие, за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исус Христос.
15И така, браќа, стојте и држете ги преданијата, што ги научивте било преку нашето слово, било преку нашето послание.
16А сам Господ наш, Исус Христос, и Бог и Отец наш, Кој нѐ возљуби и преку благодатта Своја ни даде вечна утеха и добра надеж,
17нека ги утеши срцата ваши и да ве утврди во секое слово и добро дело!
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
