Товит 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Риба. Ангелот му ја наменува Сара на Товија

1И Ана престана да плаче.

2Приквечер патниците пристигнаа до реката Тигар, и таму ја поминаа ноќта.

3Момчето отиде до реката да се измие, но оттаму излезе голема риба и сакаше да го проголта.

4Тогаш ангелот му рече: »Улови ја таа риба!« Момчето ја фати рибата и ја извлече на земјата.

5И му рече ангелот: »Распори ја рибата, извади го срцето, црниот дроб и жолчката и чувај ги!«

6Тој направи така како што му рече ангелот, а рибата ја испекоа и ја изедоа, па го продолжија својот пат и дојдоа до Екбатана.

7Товија го праша ангелот: »Брате Азарија, зошто ни се потребни срцето, црниот дроб и жолчката од рибата?«

8А тој му одговори и рече: »Ако некого го измачува демон, односно лошиот дух, тогаш пред таков маж или жена треба да се кади со срцето и црниот дроб и веќе нема да се измачува,

9а со жолчката се намажуваат очите, на кои има бели петна, и потоа човекот со такви очи оздравува.«

10А кога се приближија до Рага,

11ангелот му рече на Товија: »Брате, денес ќе преноќуваме кај Ригуил, твојот роднина, кој има ќерка, која се вика Сара.

12Јас ќе поразговарам и ќе гледам да ти ја дадат за жена, зашто нејзиното наследство ти припаѓа тебе, бидејќи си од нејзиниот род, а девојката е прекрасна и умна.«

13А сега, послушај ме: »Јас ќе зборувам со татка н, па кога ќе се вратиме од Рага, ќе направиме свадба. Јас го познавам Рагуила и знам, дека според Мојсеевиот закон, нема да ја даде својата ќерка на друг маж; а кога би го направил тоа, тој би заслужил смрт, зашто наследството треба да го добиеш ти, а не некој друг.«

14Тогаш Товија му рече на ангелот: »Брате Азарија, сум слушал дека таа девојка веќе ја давале на седум мажи и дека сите тие биле најдени мртви во свадбената соба,

15а јас сум единец син на мојот татко, па се плашам, кога ќе влезам при неа, дека ќе умрам како сите пред мене, бидејќи неа ја сака некој демон, кој не им прави зло на другите, освен на оние што се приближуваат до неа. Затоа се плашам да не умрам, и по мене, поради жалоста, да не ги одвлечкам во гроб мојот татко и мојата мајка, а немаат друг син за да ги погребе.«

16Ангелот му рече: »Зар ги заборави зборовите на твојот татко, кој ти заповеда да земеш жена од твојот род? Послушај ме, брате, таа треба да ти биде жена, а од демонот не се плаши; таа уште ноќеска ќе биде твоја жена.

17Само штом ќе влезеш во брачната соба, веднаш земи ја кадилницата и стави во неа малку од срцето и малку од црниот дроб на рибата и покади;

18а демонот, штом ќе ја почувствува миризбата, ќе избега и веќе нема никогаш да се врати. А кога ќе се приближиш до неа, застанете двајцата, повикајте го Семилостивиот Бог и Он ќе ве помилува и ќе ве спаси. Не плаши се; таа е одредена за тебе од секогаш, ти ќе ја спасиш; таа ќе појде со тебе и јас знам дека ќе имаш деца со неа.« Кога Товија го ислуша сето тоа, веднаш ја засака со сета своја душа и силно се приврза за неа.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help