4 Царства 17 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Владеењето на царот Осиј во Израилот. Освојување на Самарија, Размислувања над урнатините од Израилското царство. Потеклото на Самарјанците.

1Осиј, синот на Ила, стана цар во Самарија над Израилот во дванаесеттата година на јудејскиот цар Ахаз царуваше девет години,

2а го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господа, но не така, како израилските цареви, што беа пред него.

3Притив него се крена асирскиот цар Саламанасар, и Осиј му стана потчинет, та му даваше данок.

4Асирскиот цар забележа кај Осија измена, зашто тој беше испраќал пратеници при египетскиот цар Сигор и не му даваше данок на асирскиот цар секоја година; тогаш асирскиот цар го зеде под стража и го затвори во темница.

5И се крена асирскиот цар против целата земја, се приближи до Самарија и ја држеше во опсада три години.

6Во деветтата година на Осија, асирскиот цар ја презеде Самарија, ги пресели Израилците во Асирија и ги насели во Алај и во Авор, при реката Гозан, и во пределите мидијски.

7А тоа стана, затоа што Израилевите синови почнаа да грешат пред Господа, својот Бог, Кој ги изведе од Египетската земја, од раката на египетскиот цар – Фараона, и почнаа да почитуваат други богови,

8а да постапуваат според обичаите на народите, кои Господ ги беше прогнал пред лицето на Израилевите синови, и според обичаите на израилските цареви, како што тие постапуваа.

9А почнаа Израилевите синот да вршат работи неугодни пред Господа, својот Бог, си подигнаа идолски светилишта по сите свои градови, и тоа, почнувајќи од стражарската кула, па сѐ до утврден град.

10и си поставија идоли и светилишта на секој повисок рид и под секое зелено дрво,

11и кадеа таму по сите идолски светилишта, како народите, што ги беше прогнал од нив Господ, и правеа лоши работи, што го разгневуваа Господа,

12и им служеа на идолите, за кои им беше говорел Господ: »Не го правете тоа!«

13Тогаш Господ преку сите Свои пророци, преку секој гледач го опоменуваше Израилот и Јуда, велејќи: »Вратете се од лошите патишта и пазете ги заповедите Мои, наредбите Мои, целиот закон, што сум го заповедал на татковиците ваши, и што сум ви го предал преку слугите Мои, пророците.«

14Но тие не послушаа и останаа тврдоглави, какви што беа и татковците нивни, кои не веруваа во Господа, својот Бог;

15тие ги презера наредбите Негови и заветот Негов, што Он го беше склучил со татковците нивни, и откровенијата Негови, со кои им беше посведочил, па тргнаа по суетата – и – како што и околните народи, за кои Господ им беше заповедал да не постапуваат како нив.

16Тие ги оставија сите заповеди на Господа, својот Бог, си направија излеани идоли на две телиња, си направија и дубрава, и се поклонуваа на сета небесна војска, му служеа и на Ваала,

17ги пренесуваа преку оган синовите свои и ќерките свои, гатаа и правеа магии, и се оддадоа да вршат зло пред очите на Господа, и да Го разгневуваат.

18Затоа Господ силно се разгневи на Израилците и ги отфрли од лицето Свое, така што остана само едно Јудино племе.

19Но и Јуда не ги пазеше заповедите на Господа, својот Бог, и постапуваше според обичаите на Израилците, како што постапуваа тие.

20И Господ се одврати од сите потомци на Израилот, ги понизи и ги предаваше во рацете на грабителите и, најпосле, ги отфрли од лицето Свое.

21Израилците се беа отцепиле од Давидовиот дом и го беа зацариле Наватовиот син Јеровоама. Јеровоам ги отстрани од Господа и ги наведе на голем грев.

22И синовите Израилеви одеа во сите гревови на Јеровоама, какви што тој ги правеше, и не отстапуваа од нив,

23Додека Господ не го отфрли Израилот од лицето Свое, како што беше говорел преку сите слуги Свои, пророците. И Израилот беше преселен од земјата своја во Асирија, каде што е и до денес.

24Асирскиот цар преведе луѓе од Вавилон, и од Хура, и од Ава, и од Емат Сепфаруим и ги насели во самариските градови, место израилевите синови. И тие владееја во Самарија и почнаа да живеат во градовите нејзини.

25И бидејќи во почетокот на своето живеење тие таму не Го почитуваа Господа, тогаш Господ им испраќаше лавови, што ги давеа.

26Му јавија на асирскиот цар и рекоа: »Народите, што си ги преселил и населил во самариските градови, не го знаат законот на Бога од таа земја, и затоа Он им испраќа лавови, и ете, тие ги дават, зашто не го знаат законот на Бога од онаа земја.«

27И асирскиот цар заповеда и рече: »Испратете таму еден од свештениците, што ги иселивте оттаму; нека оди и нека живее таму, и тој ќе ги просвети во законот на Бога на онаа земја.«

28И дојде еден од свештениците, што беа населени од Самарија, и живееше во Ветил, и ги учеше, како да Го почитуваат Господа.

29Но секој народ си направи и свои богови и ги постави во идолските светилишта по ридовите, какви што си беа направиле, – секој народ во градовите свои, каде што живееше.

30Ваилонците го направија Сокхот – Венит, Хутците го направија Гигел, Ематците го направија Асмат,

31Евејците го направија Авалазер и Тартак, а Сепфаруимците ги изгорија во оган синовите свои во чест на Андрамелеха и Анамелеха, богови сепфаруимски.

32Меѓутоа, го почитуваа и Господа и поставија од средината своја свештеници по дубравите, и тие им служеа на идолските светилишта.

33Ти Го почитуваа Господа и на боговите свои им служеа според обичајот на народите, од кои ги преселија.

34Тие постапуваат и до денес според обичаите свои: не се плашат од Господа и не постапуваат по наредбите, ни по обичаите, ни по законот и ни по заповедите, што Господ им ги даде на синовите на Јакова, на кого му го даде името Израил.

35Господ склучи со нив завет и им заповеда, велејќи: »Не почитувајте други богови и не им се поклонувајте, немојте да им служите и не принесувајте им жртви,

36а Господ, Кој ве изведе од Египетската земја со голема сила и цврста мишка, Него почитувајте Го, Нему поклонувајте Му се и Нему принесувајте Му жртви;

37уредбите и наредбите, законот и заповедите, што Он ви ги напиша, трудете се да ги исполнувате преку сите дни, и не почитувајте други богови;

38не го заборавајте заветот, што го склучив со вас, и не плашете се од други богови;

39почитувајте Го само Господа, вашиот Бог, и Он ќе ве спаси од рацете на сите ваши непријатели.«

40Но тие не послушаа, туку постапуваа според поранешните свои обичаи.

41А имаше народи, што Го почитуваа Господа, но и на своите идоли им служеа. Па и децата нивни и внуците нивни до денес постапуваат така, како што постапуваа татковците нивни.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help