1Борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом траеше долго. Давид сѐ повеќе се засилуваше, а Сауловиот дом сѐ повеќе ослабнуваше.
2На Давида му се родија синови шест во Хеврон. Првороден му беше Амион од Израелката Ахиноама,
3а вториот син му беше Далуја од Кармелитката Авигеја, бивша Навалова жена; третиот – Авесалом, син на Мелха, ќерка на Толми, гесурскиот цар;
4четвртиот – Адонија, син на Агита; петтиот Сафатија, син Авиталинов;
5шестиот Јетерам од Егла, Давидова жена. Тие му се родија на Давида во Хеврон.
6И додека траеше борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом, Авенир го поддржуваше Сауловиот дом.
7Саул имаше наложница, по име Рисфа, ќерка на Аја. И Авенир влезе при неа. И му кажа Јевостеј на Авенира: »Зошто влезе при татковата ми наложница?«
8Авенир многу се налути од зборовите на Јевостеја и рече: »Зар сум јас песја глава? Јас денес направив милост кон домот на татко ти Саула, кон браќата негови и пријателите нагови против Јуда, и не те предадов во рацете на Давида, а ти сега заради една жена бараш во мене грев!
9Господ нека му направи тоа и тоа на Авенира, и уште повеќе да му додаде! Како што Господ му се заколна на Давида, така и нека направи денес за него:
10Нека се одземе царството од Сауловиот дом и да се постави Давид на престолот над Израилот и над Јуда, од Дан до Вирсавија.«
11И Јевостеј не можеше ништо повеќе да му одговори на Авенира, бидејќи се плашеше од него.
12А Авенир испрати од своја страна пратеници до Давида во Хеврон, каде што се наоѓаше, да кажат: »Чија е оваа земја?« и да му кажат уште: »Склучи сојуз до мене, и раката моја ќе биде со тебе, за да го свртам кон тебе сиот израилски народ.«
13Давид му одговори: »Добро, ќе склучам со тебе сојуз, само за едно те молам, односно – ти нема да го видиш лицето мое, ако не ја доведеш со себе Мелхола, Сауловата ќерка, кога ќе дојдеш да се видиш со мене.«
14Тогаш Давид испрати пратеници до Јевостеја, Сауловиот син, да му кажат: »Врати ја жена ми Мелхола, која ја добив за сто филистејски краеобрезоци.«
15Тогаш Јевостеј испрати, та ја зеде од мажот нејзин Фалтија, Лаишев син.
16Со неа тргна и мажот нејзин и со плачење ја придружи до Бахурим; но Авенир му рече: »Врати се!« И тој се врати.
17Авенир се обрна кон старешините Израилеви, велејќи: »И вчера и завчера вие сакавте Давид да ви биде цар;
18направете го тоа сега, зашто Господ му рекол на Давида: ‚Преку раката на Мојот слуга Давида ќе го спасам народот свој Израил од раката на Филистејците и од раката на сите непријатели негови.‘«
19Истото им го говореше Авенир и на Венијаминовците. И отиде Авенир во Хеврон, за да му јави на Давида сѐ, што сака Израил и целиот Венијаминов дом.
20Авенир дојде при Давида во Хеврон и заедно со него дваесет мажи, а Давид ги нагости Авенира и луѓето, што беа со него.
21Авенир му рече на Давида: »Ќе станам и ќе одам да го соберам околу господарот свој сиот израилски народ, и тие ќе стапат во завет со тебе, и ти ќе царуваш над сите, како што сака душата твоја.« Тогаш го отпушти Авенира, и тој си отиде со мир.
22И ете, Давидовите слуги задно со Јоава се вратија од походот и донесоа со себе голем плен; но Авенира го немаше веќе при Давида во Хеврон, зашто Давид го беше испратил, и тој си беше отишол со мир.
23Кога Јоав и сета војска, што беше одела со него, дојдоа, му раскажаа на Јоава: доаѓаше Авенир, Нировиот син, при царот, и тој го испрати, и тој си отиде со мир.
24И Јоав дојде при царот и рече: »Што си направил? Ете, Авенир доаѓал при тебе, зошто си го испратил и тој си отишол?
25Ти го знаеше Авенира, Нировиот син: тој доаѓа да те излаже, да дознае, каде влегуваш и излегуваш, и да извиди си што вршиш.«
26Јоав излезе од Давида и испрати брзоотци по Авенира; и тие го вратија од кладенецот Сира, без да знае Давид.
27Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе внатре зад вратата, божем ќе зборува со него тајно, и таму го прободе во стомакот. И Авенир умре за крвта на Асаила, Јоавовиот брат.
28Подоцна, кога чу Давид за тоа, рече: »Не сум виновен јас ниту царството мое пред Господа засекогаш за крвта на Авенира, Нировиот син;
29нека падне таа врз главата на Јоава и врз целиот негов татков дом; во домот на Јоава секогаш нека има човек со семетечение, или лепрозен, или што се потпира на стап, или кој паѓа од меч, или кој има потреба од леб.«
30А Јоав и братот негов Авес го убија Авенира, поради тоа што тој го уби братот нивни Асаил во битката при Гаваон.
31И Давид му рече на Јоава и на сите луѓе, што беа со него: »Раскинете ги алиштата свои и облечете се во вреќишта и оплакувајте го Авенира.« И царот Давид одеше по носилката негова.
32Кога го погребаа Авенира во Хеврон, царот плачеше со висок глас над Авенировиот гроб; плачеше и сиот народ.
33И царот го оплака Авенира, со оваа тажачка: »Зар како безумник требаше да умре Авенир?
34Рацете твои не беа врзани, нозете твои не беа оковани; и ти падна, како што паѓаат од разбојници.« Тогаш целиот народ почна уште повеќе да го оплакува.
35Тогаш сиот народ дојде да му поднесе на Давида леб, додека уште не беше се стемнило, но Давид се заколна, велејќи: »Нека ми напарви Бог тоа и тоа и уште повеќе да ми направи, ако каснам леб или нешто друго до зајдисонце.«
36И целиот народ дозна за тоа, и тоа му се допадна, и сѐ што правеше царот, му се допаѓаше на сиот народ.
37Тој ден целиот народ и сите Израилци дознаа, дека убиството на Авенира, Нировиот син, не станало од царот.
38Тогаш царот им рече на слугите свои: »Знаете ли, дека денес еден водач и голем маж падна во Израилот?
39Јас сум сега уште слаб, иако сум помазан за цар, а тие луѓе, Саруевите синови, се посилни од мене; но на оној, кој што прави зло, Господ да му врати според злобата негова.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.