3 Царства 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Пренос на Ковчегот на заветот; Бог влегува во Својот дом. Говорот на царот Соломона пред народот и неговата молитва кон Бога.

1Тогаш Соломон ги повика кон себе во Ерусалим старешините Израилеви и сите кнезови на племињата, родоначалниците на синовите Израилеви, за да го пренесат Ковчегот на заветот Господов од Давидовиот град, од Сион – во храмот.

2И се собраа на празникот при царот Соломон сите Израилци во месецот Атаним, кој е седмиот месец.

3Дојдоа сите старешини Израилеви; и свештениците го кренаа ковчегот

4и го понесоа Ковчегот Господов и скинијата на сведоштвото и сите свештени предмети, што беа во скинијата; а ги носеа свештениците и Левитите.

5А цар Соломон и со него целиот израилски собор, што се беше собрал при него, одеа пред Ковчегот, принесувајќи жртви од ситен и крупен добиток, кој не беше можно да се изброи и пресмета и поради мноштвото негово.

6Свештениците го внесоа Ковчегот на заветот Господов на местото негово, во внатрешноста на храмот, во Свјатаја Свјатих, под крилјата на херувимите.

7Зашто херувимите ги ширеа крилјата над местото на Ковчегот, и херувимите го покриваа одозгора Ковчегот и лостовите негови.

8Лостовите се подаваа така, што главичките нивни се гледаа во светилиштето, но не излегуваа надвор; тие се таму и до денес.

9Во ковчегот намаше ништо, освен двете камени плочи, кои Мојсеј ги беше положил внатре во Хорив, кога Господ склучи завет со синовите Израилеви, откако беа излезени од Египетската земја.

10Кога свештениците излегоа од светилиштето, облак го исполни домот Господов.

11И свештениците не можеа да стојат на службата поради облакот, бидејќи светлината Господова го исполни храмот Господов.

12Тогаш Соломон рече Господ благоволи да живее во магла:

13»Ти изградив храм Тебе за живеалиште, место, каде што ќе престојуваш засекогаш.«

14И царот се сврти со лицето свое, и го благослови целото собрание на Израилците, а целото собрание на Израилците стоеше. –

15Тогаш рече: »Нека е благословен Господ, Бог Израилев, Кој со устата Своја му рече на татка ми Давида, и реченото денес го исполни со раката Своја! Он беше рекол:

16‚Од оној ден, кога ги изведов Мојот народ Израилот од Египет, Јас не одбрав град меѓу племињата Израилеви, за да се изгради дом, каде што ќе остане засекогаш името Мое; го избрав Давида, тој да биде над Мојот народ Израилот.‘

17Тако ми Давид намисли да изгради храм во името на Господа, Бога Израилев;

18но Господ му рече на татка ми Давида: ‚ти си намислил да изградиш храм на името Мое; добро е дека ти е тоа на срцето;

19меѓутоа, ти нема да изградиш храм, туку твојот син, кој излегол од бедрата твои, – тој ќе изгради храм на името Мое.‘

20И Господ го исполни словото Свое, што беше го изрекол; јас се издигнав на местото на таткото мој Давида, и седнав на престолот Израилев, како што рече Господ, и изградив храм во чест на името Господово, Бога Израилев;

21и подготвив таму место за ковчегот, во кој е заветот на Господа, што го беше склучил со нашите татковци, кога ги изведе од Египетската земја.«

22Тогаш застана Соломон пред жртвеникот Господов, пред целото собрание на Израилците, ги крена рацете кон небото

23и рече: »Господи, Боже Израилев! Нема Бог како Тебе ниту на небото горе, ниту на земјата долу; ти го пазиш заветот и милоста кон слугите Свои, кои одат пред Тебе од сѐ срце.

24Ти го исполни на Својот слуга Давида, мојот татко, она, што му го беше ветил; она што го беше изрекол со устата Своја, денес го изврши со раката Своја.

25И сега, Господи, Боже Израилев, исполни го на Својот слуга Давид, мојот татко, она што му го беше говорел, велејќи: ‚Пред лицето мое нема да престане да излегува од тебе маж, кој седи на Израилевиот престол; доволно е само синовите твои да се држат за патот свој, одејќи пред Мене така, како што ти одеше пред Мене.‘

26И сега, Боже Израилев, нека биде верно словото Твое, што си му го рекол на Својот слуга Давида, мојот татко!

27Но зар Бог ќе сака да живее на земјата! Небото и небото на небесата не Те собираат, а уште помалку овој храм, што сум го изградил јас на Твоето име;

28но погледни милостиво кон молитвата на Твојот слуга и кон молбата негова, Господи, Боже мој! Чуј го повикот и молитвата со која Твојот слуга Те моли денес.

29Да бидат очите Твои отворени кон тој храм дење и ноќе, кон ова место, за кое си рекол: името Мое ќе биде таму; чуј ја молитвата, со која ќе се моли Твојот слуга на тоа место.

30Чуј ја молбата на Твојот слуга и на Твојот народ Израилот, кога тие ќе се молат на ова место; чуј од местото на Твоето живеалиште, од небесата, чуј и смилувај се.

31Кога некој ќе згреши против ближниот свој, и ќе побара од него клетва, за да се заколне, и заради клетвата ќе дојдат пред Твојот жртвеник во овој храм,

32тогаш чуј од небото и изврши суд над Своите слуги, обвини го виновниот, стоварувајќи му ја врз главата негова постапката негова, и оправдај го правиот, давајќи му според правдата негова.

33Кога Твојот народ Израилот ќе биде поразен од непријателите, поради тоа што згрешил пред Тебе, и кога тие ќе се обрнат кон Тебе и ќе го исповедаат името Твое и Те бараат и Те молат во овој храм, –

34чуј тогаш од небото и прости му го гревот на Твојот народ Израилот, и врати ги во земјата, што си им ја дал на татковците нивни.

35Кога ќе се заклучи небото и ќе нема дожд, поради тоа што ќе згрешат пред Тебе, ќе го исповедаат името Твое и се свртат од гревот свој, бидејќи се ги смирил, –

36чуј тогаш од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израилски, покажувајќи им го добриот пат, по кој да одат, и испрати дожд врз Твојата земја, што си му ја дал на народот Свој во наследство.

37Глад ли ќе настане по земјата, или помор, огнен ветар ли, гламја, скакулци, или гасеници, непријателот ли ќе го притисне во земјата негова, некаква неволја ли ќе се појави, или болест, –

38при секоја молитва, при секоја молба што доаѓа од кој и да било човек од сиот Твој народ Израилски, кога ќе почувствуваат болка во срцето свое и ќе ги подадат рацете кон овој храм,

39чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и смилувај се; направи и воздај секому според патиштата негови, како што го гледаш срцето негово, бидејќи само Ти ги познаваш срцата на сите човечки синови:

40за да се плашат од Тебе во сите дни, додека живеат на земјата, што си им ја дал на татковците нивни.

41Ако и некој другородец, кој не е од Твојот народ Израилот, дојде од далечна земја заради Твоето име, –

42зашто ќе чујат за Твоето големо име, за Твојата силна рака и за Твојата крената мишка, – дојде и се помоли во овој храм,

43чуј од небото, од местото на Своето живеалиште, и направи сѐ, за што другородецот Те повика, та сите земни народи да го знаат Твоето име, за да се бојат од Тебе, како Твојот народ Израилот, да знаат дека овој храм, што го изградив јас, е наречен на Твое име.

44Кога Твојот народ излезе од војна против својот напријател по патот, по кој ќе го испратиш, и му се помоли на Господа, обрнувајќи се кон градот, што Ти си го избрал, и кон храмот, што го изградив на Твоето име,

45тогаш чуј ја од небото молитвата нивна и молбата нивна и направи го она, што им е потребно ним.

46Кога ќе згрешат пред Тебе, – зашто нема човек што да не греши, – и Ти ќе им се разгневиш и ќе ги предадеш на непријателите, и оние, што ги плениле, ги одведат во непријателска земја, далечна или блиска;

47и кога во земјата, каде што ќе бидат во пленство, дојдат на себеси и се обрнат кон Тебе и Ти се помолат во земјата на оние, што ги плениле, велејќи: ‚Згрешивме, извршивме беззаконие, виновни сме‘;

48и кога ќе се обрнат кон Тебе од сето срце свое и од сета душа своја во земјата на непријателите, што ги плениле, и ти се помолат, обрнувајќи се кон својата земја, што си им ја дал на татковците нивни, кон градот, што си го избрал, и кон храмот, што го изградиле на Твое име, –

49тогаш чуј ја од небото, од местото на Твоето живеалиште, молитвата и молбата нивна, и направи што им е ним потребно;

50и прости му на Твојот народ, за она што згрешил пред Тебе, и сите негови престапи, што ги извршил пред Тебе, и предизвикај сострадание кон нив кај оние, што ги плениле, та да бидат милостиви кон нив;

51зашто тие се Твој народ, и Твој дел, што Ти го изведе од Египет, од железната печка.

52Ушите Твои и очите Твои нека бидат отворени за молбата на Твојот слуга и за молитвата на Твојот народ Израилски, за да ги чуваш секогаш, кога Те повикуваат,

53зашто Ти си ги одделил за Свој дел меѓу сите земни народи, како што си рекол преку Мојсеја, Твојот слуга, кога ги изведе татковците наши од Египет, Владико Господи!«

54Откако Соломон ја заврши кон Господа целата оваа молитва и молба, па како што беше коленичел, стана од пред жртвеникот Господов, со рацете подигнати кон небото.

55И, исправен, го благослови целото собрание на Израилците, велејќи со висок глас:

56»Нека е благословен Бог, Кој му даде спокојство на Својот народ Израилот, како што беше говорел! Не остана неисполнет ниеден збор од сите Негови добри зборови, што ги беше изрекол преку својот слуга Мојсеја;

57нека биде со нас Господ, Бог наш, како што беше со татковците наши; да не нѐ остава, и да не нѐ напушта,

58приклонувајќи ги срцата наши кон Себеси, за да одиме по сите патишта Негови и да ги чуваме заповедите Негови и законите Негови, што им ги заповеда на татковците наши.

59И овие зборови, со кои се молев пред Господа денес, нека бидат блиски до Господа, нашиот Бог, дење и ноќе, за да го врши Он она што е нужно за Неговиот слуга и за Неговиот народ Израилот секој ден,

60та да го познаат сите народи, дека Господа е Бог, и дека нема друг освен Него.

61Срцето ваше нека биде наполно предадено на Господа, нашиот Бог, за да одите по наредбите Негови и да ги пазите заповедите Негови, како денес.«

62Тогаш царот и сите Израилци со него Му принесоа жртви на Господа.

63Соломон закла за мирна жртва, што му ја принесе на Господа, дваесет и две илјади крупен добиток и сто дваесет илјади ситен добиток. Така царот и сите синови Израилеви му Го осветлија храмот на Господа.

64Во истиот ден царот го освети средниот дел на дворот, кој е пред храмот Господов, принесувајќи сепаленици и лебен принос и вознесувајќи ја лојта од мирните жртви, бидејќи борнзениот жртвеник, што е пред Господа, беше мал да ги собере сепалениците, лебниот принос и лојта од мирните жртви.

65Така Соломон направи празник и сиот Израил со него – собор голем, кој се беше собрал од влезот во Емат до Египетската река, пред Господа, нашиот Бог; празнуваа и јадеа, и пиеја и се молеа пред Господа, нашиот Бог, во изградениот храм седум дена и уште седум дена, односно четиринаесет дена.

66Во осмиот ден Соломон го распушти народот. Сите го благословија царот и си отидоа по шаторите свои, радувајќи се и веселејќи се во срцето свое за сето добро, што Господ му го направи на Својот слуга Давида и на Својот народ Израилот.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help