3 Царства 9 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Божјиот завет со Соломона; владеењето на Соломон и неговите приходи.

1Откако Соломон заврши градбата на Господовиот храм, на царскиот дом и сѐ, што беше посакал да направи,

2Господ повторно му се јави на Соломона, како што му се беше јавил во Гаваон.

3И Господ му рече: »Јас ја чув твојата молитва и твојата молба, за која Ме молеше и направив сѐ според твојата молитва, го осветив тој храм, што го изгради ти, за да биде засекогаш името Мое таму довека, и очите Мои, и срцето Мое ќе бидат таму во сите дни.

4А ти, ако одиш пред Моето лице, како што одеше татко ти Давид, со чисто срце и со правина, исполнувајќи сѐ, што сум ти заповедал, и ако ги пазиш Моите уредби и Моите закони,

5Јас ќе го поставам твојот царски трон над Израилот засекогаш, како што му реков на татка ти Давида, велејќи: ‚Нема да престане да излегува од тебе маж, кој седи на престолот Израилев.‘

6Ако вие и синовите ваши отстапите од Мене и не ги пазите Моите заповеди и Моите уредби, што сум ви ги дал, и ако тргнете и почнете да служите на други богови и да им се поклонувате,

7Јас ќе го истребам Израилот од лицето на замјата, што сум му ја дал, и храмот, што сум го посветил на Мое име, ќе го отфрлам од лицето Свое, и Израилот ќе стане за приказ и за подбивање кај сите народи.

8И за тој висок храм, секој, што ќе мине покрај него, ќе се вжаси, ќе потсвирне и ќе рече: ‚зошто ли постапил Господ така со оваа земја и со овој храм?‘

9И ќе речат: ‚затоа, што тие го оставија Господа, својот Бог, Кој ги изведе татковците нивни од Египетската земја, и се приврзаа кон други богови, им се поклонуваа и им служеа, – затоа Господ им го испрати ова зло!‘«

10Откако изминаа дваесет години, во текот на кои Соломон изгради два дома, – домот Господов и царскиот дом, –

11за кои тирскиот цар Хриам му набавуваше на Соломона кедрово дрво и кипарисово дрво и злато според желбата негова, – цар Соломон му даде на Хирама дваесет градови во Галилејската земја.

12И Хирам излезе од Тир да ги прегледа градовите, што му ги даде Соломон, и тие не му се допаднаа.

13Затоа тој рече: »Какви се тие градови, што ти, брате мој, ми ги даде?« И ги нарече замја Кавул, како што се нарекуваат и денес.

14А Хирам му беше испратил на царот сто и дваесет таланти злато.

15Оттука и распределбата за данокот, што го наложи Соломон, за да го изгради храмот Господов и својот дом, Мелон и ѕидовите ерусалимски, Асор и Мегидон и Газер.

16Фараонот, египетскиот цар, беше дошол и го презел Газер, и со оган го беше изгорел, а Хананејците, што живееја во градот, ги беше испотепал, и го беше дал како мираз на ќерка си, Соломоновата жена.

17И тогаш Соломон го изгради Газер и Долни Веторон,

18Валат, Тамор во пустињата,

19и сите градови житници, што ги имаше Соломон, и градовите за колите, градовите за коњицата и сѐ она, што Соломон сакаше да изгради во Ерусалим, на Ливан и по целата земја на своето владение.

20Сите луѓе, останати од Аморејците, Хетејците, Ферезејците, Хананејците, Евејците, Јевусејците и Герпесејците, кои не беа од Израилевите синови,

21децата нивни, останати по нив во земјата, кои Израилевите синови не можеа да ги истребат, – Соломон ги направи поданички работници, какви што се и денес.

22А синовите Израилеви Соломон ги правеше работници; тие беа негови војници, служители, великодостојници, полководци и заповедници на неговите коли и на неговите коњаници.

23Главните, пак, распоредници над Соломоновите работи, односно управниците на народот, што ја извршуваа работата, беа петстотини и педесет.

24Фараоновата ќерка премина од Давидовиот град во својот дом, што го изгради Соломон за неа. Потоа тој го изгради Мелон.

25Соломон принесуваше трипати годишно сепаленици и мирни жртви на жртвеникот, што Му го беше изградил на Господа, и кадеше врз него пред Господа. Така заврши градбата на домот.

26Цар Соломон направи исто така и кораби во Гасион-Гавер, кој е при Елат, на брегот на Црвеното Море, во Идумејската земја.

27И Хирам испрати на тие кораби свои поданици – корабари, што го знаат морето, заедно со Соломоновите поданици;

28тие отидоа во Офир и зедоа оттаму злато четиристотини и дваесет таланти и му го донесоа на цар Соломона.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help