1Господи, Оче небесни и Господару на мојот живот, не оставај ме на нивната волја, не оставај поради нив да пропаднам.
2Кој ќе им биде камшик на моите мисли и на срцето мое – учител за мудрост, та да биде немилосрден спрема моите постапки и да нема милост кон нивните заблуди;
3та гревовите мои да не се умножуваат, и заблудите мои да не станат многу, та да паднам пред моите противници и да се радуваат моите непријатели.
4Господи, Оче и Боже на животот мој, не давај очите мои да бидат горди, отстрани ги од мене сите грешни желби.
5Желбите на стомакот и на сладострастите да не надвладеат над мене, на душа бесрамна не предавај ме.
6Чујте, чеда, за устата поука: кој ја пази – нема преку неа да биде уловен.
7Грешникот преку неа ќе биде уловен; преку неа ќе се сопнат неразумните и горделивите.
8Не навикнувај ја устата твоја на клетва.
9Колнејќи се, не изговарај го името на Светиот.
10Како што робот кога постојано го казнуваат, од рани не се ослободува, така и оној што постојано се заколнува со името на Светиот, од грев нема да се очисти.
11Човек којшто често се колне, со беззаконие се исполнува; од домот негов бичот не отстапува.
12Ако згреши, гревот негов останува врз него; а ако, пак, не се грижи, двојно согрешува.
13Ако напразно се колнел, нема да му се прости; полн со неволји домот ќе му биде.
14Има говор сличен на смрт; него да го нема во наследството на Јаков!
15Сето тоа далеку да биде од побожните луѓе, за да не се валкаат во своите гревови.
16На одвратна бесрамност не учи ја устата твоја, зашто во неа ќе има грешни зборови.
17Кога седиш меѓу достоинственици, спомнувај си за татко си и мајка си,
18та да не се заборавиш пред нив и неволно да направиш глупост, па да посакаш да не си се родил и да го проколнуваш денот на твоето раѓање.
19Оној што ќе се навикне на срамни зборови, нема да се поправи додека е жив.
20Две работи гревовите ги намножуваат, а третата предизвикува гнев.
21Жешката душа како оган гори; нема да се смири додека не изгори:
22Оној што блудствува во своето тело, нема да престане сѐ додека огнот не прегори.
23На блудникот секоја храна му е вкусна; сѐ додека не умре – нема да престане.
24Оној што прељуба прави, во себеси вели: »Кој ќе ме види:
25наоколу темнина, ѕидовите ме сокриваат; никој не ме гледа. Од што ќе се плашам? Севишниот нема да се сети за моите гревови.«
26Само од човечки очи тој има страв,
27а не знае дека очите на Господа десетилјади пати се посветли од сонцето:
28ги гледаат сите човечки патишта, во сите скришни места проникнуваат.
29Нему Му е познато сѐ пред да биде создадено, како и по создавањето.
30Таквиот човек казна ќе го стаса на градските улици, таму каде што и не помислувал.
31Така и жена, која го оставила мажот свој и од туѓ маж наследник му родила,
32прво, затоа што не го послушала законот на Севишниот, второ, што на мажот свој му згрешила и, трето, што со прељуба се извалкала и со туѓ маж деца изродила;
33таа пред собир народен ќе биде изведена и за децата нејзини ќе биде испрашувана.
34Децата нејзини корен нема да пуштат, гранките нејзини не ќе дадат плод.
35По себе ќе остави спомен на проклетство; срамот нејзин нема да се избрише.
36Ќе разберат сите што ќе останат по неа дека од стравот Господов ништо подобро нема и ништо послатко од извршувањето на Божјите заповеди.
37Голема слава е – да се оди по Господа, а кога си примен од Него – долг живот ќе имаш.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.