1Во неговите дни се крена вавилонскиот цар Навуходоносор; и Јоаким му стана потчинет за три години, но подоцна се одметна од него.
2И Господ испрати против него мноштво Халдејци, и многу Сиријци, и многу Моавци, и многу Амонити, – ги испрати против Јуда, за да го погуби, според словото на Господа, што го беше изрекол преку Своите слуги – пророците.
3Тоа стана со Јуда по заповед на Господа, за да го отфрли од лицето Свое за гревовите на Манасија, за сѐ она, што тој го беше извршил;
4и за невината крв, што ја пролеа, исполнувајќи го Ерусалим со невина крв, Господ не сакаше да прости.
5Другите работи на Јоакима и за сѐ она што тој го беше извршил, опишано е во летописите на јудејските цареви.
6И почина Јоаким при татковците свои, а место него стана цар синот негов Јехониј.
7Египетскиот цар веќе не излегуваше од земјата своја, зашто вавилонскиот цар беше презел сѐ, од Египетскиот поток до реката Ефрат, што му припаѓаше на египетскиот цар.
8Јехониј беше на осумнаесет години кога стана цар, и царуваше три месеци во Ерусалим; мајка му се викаше Ниста, ќерка на Елнатана, од Ерусалим.
9И тој го правеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака, како што вршеше татко му.
10Во она време слугите на вавилонскиот цар Навуходоносор настапија кон Ерусалим, и градот беше опколен.
11Вавилонскиот цар Навуходоносор дојде до градот, што слугите негови го опседнаа.
12Тогаш јудејскиот цар Јехониј отиде при вавилонскиот цар, тој, и мајка му, и слугите негови, кнезовите негови, и дворјаните негови, – и го зароби вавилонскиот цар во осмата година од царувањето свое,
13и ги изнесе оттаму сите ризници на домот Господов и ризниците на царскиот дом; и ги здроби, како што беше рекол Господ, сите златни садови, кои Соломон, царот Израилев, ги беше направил за храмот Господов;
14и го исели целиот Ерусалим, и сите кнезови, и сета храбра војска, – беа преселени десет илјади, – и сите дрводелци и ковачи; никој не остана, освен сиромасите на таа земја.
15Тој го пресели Јехонија во Вавилон; исто така и мајка му на царот, и жените на царот, и големците негови, и големците на земјата ги одведе од Ерусалим за да ги насели во Вавилон.
16И сета војска, на број седум илјади, и уметници и градежници илјада, сите јунаци, способни за војна, ги одведе вавилонскиот цар за да ги насели во Вавилон.
17И вавилонскиот цар го направи цар Матанија, стрикото на Јехонија, место него, и му го промени името во Седекиј.
18Седекиј беше на дваесет и една година, кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим; мајка му се викаше Амитал, ќерка на Јеремија, од Ливна.
19И тој го вршеше она, што не беше угодно пред очите на Господа, во сѐ онака како што го правеше тоа Јоаким.
20Гневот на Господа над Ерусалим и над Јуда беше толку голем, што Он ги отфрли од лицето Свое. И Седекиј се одметна од вавилонскиот цар.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.