1И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2»Кажи им на синовите Израилеви и објасни им за празниците Господови, кои треба да се нарекуваат свети. Ова се празниците Мои:
3во шесте денови да работите, а седмиот ден е сабота – ден за одмор, свет на Господа; никаква работа да не вршите, тоа е сабота Господова во сите ваши домови.
4А ова се празниците Господови, наречени свети, а што треба да ги свикувате во нивните определени времиња:
5во првиот месец, на четиринаесеттиот ден од месецот меѓу двете вечери е Пасха Господова,
6а на петнаесеттиот ден од истиот месец е празникот на Господа Бесквасници; седум дена јадете бесквасен леб;
7и првиот ден да ви биде свет, не вршете никаква работа;
8а во седумте дена принесувајте Му на Господа сепаленици, и седмиот ден да ви биде свет; не вршете никаква работа.«
9И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
10»Јави им на синовите Израилеви и кажи им: кога ќе влезете во земјата, која ви ја давам, и почнете таму да жнеете жетва, првиот сноп од жетвата ваша донесете го кај свештеникот;
11тој ќе го вознесе тој сноп пред Господа, за да ви биде примен; на вториот ден од празникот свештеникот ќе го вознесе;
12а во оној ден кога го принесувате снопот, принесете Му на Господа и жртва сепаленица – едногодишно јагне без недостаток,
13а заедно со него и жртви драговолни – две десетини ефа пченично брашно, прелиено со елеј, жртва – дар на Господа со благопријатен мирис и со прелив за него од една четвртина ин вино;
14никаков нов леб ниту печени класје не јадете до денот, во кој ќе принесувате дар ваш на вашиот Бог: тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши по сите ваши населби.
15Избројте од првиот ден по празникот, од денот во кој го принесувате снопот како вознесување – седум полни седмици,
16дури до првиот ден од последната седмица избројте педесет дена, и тогаш принесете Му на Господа нова жртва.
17Од своите домови принесете Му на Господа леб на дар – два леба за вознесување, кои треба да бидат месени од две десетини ефа пченично брашно со квас, да се испечени од првите плодови за Господа.
18Заедно со лебовите принесете и седум јагниња без недостаток, едногодишни и од крупниот добиток едно теле и два овна без недостаток; тоа нека ви биде жртва сепаленица за Господа како лебен принос со принос за прелив, за благопријатен мирис пред Господа.
19Принесете исто така од стадата на козите еден козел – жртва за грев, и две едногодишни јагниња – жртва за спасение со лебовите од првите жита.
20И свештеникот нека го принесе тоа со лебовите од првите жита пред Господа, заедно со двете јагниња: тоа ќе биде свет принос за Господа, за свешеникот што ги принесува.
21И тој ден наречете го свет, нека ви биде особено свет, никаква работа не вршете во него – тоа нека ви биде вечна заповед за родовите ваши по сите населби.
22И кога жнеете жетва на вашата нива, не ја дожневајте нивата своја до крај, и она што ќе падне од твојата жетва не собирај го: остави го за сиромавиот и придојдениот. Јас сум Господ, вашиот Бог.«
23И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
24»Кажи им на синовите Израилеви, велејќи – во седмиот месец, во првиот ден од месецот, имајте спокој, Празник на трубите; тој ден нека ви биде свет.
25Никаква работа не вршете во него, а принесувајте Му на Господа жртви сепаленици.«
26И пак му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
27»И десеттиот ден од седмиот месец, денот на очистувањето, нека ви биде свет: смирете ги душите ваши и принесувајте Му сепаленица на Господа.
28Никаква работа не вршете во тој ден, зашто тоа е ден за очистување ваше, за да се очистите пред лицето на Господа, вашиот Бог.
29А секоја душа, што не ќе го почитува тој ден, ќе биде истребена од народот свој.
30И секоја душа што ќе врши каква и да било работа во тој ден, таа душа ќе загине од својот народ.
31Никаква работа не вршете: тоа ви е вечна наредба и за родовите ваши по сите ваши живеалишта.
32Тоа е за вас сабота над саботите, па затоа смирете ги душите ваши, оти од вечерта на деветтиот ден од месецот дури до вечерта на десеттиот ден од месецот празнувајте ја вашата сабота.«
33И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
34»Кажи им на синовите Израилеви, велејќи: во петнаесеттиот ден од истиот месец, седмиот месец, е празникот Сеници, Господов празник што трае седум дена.
35И денот прв ќе ви биде наречен свет, никаква работа не вршете;
36седум дена принесувајте Му на Господа сепаленици; а и осмиот ден нека ви биде свет, и тогаш принесувајте Му на Господа сепаленици; – тоа е крајот на празникот, и никаква работа не вршете.
37Тоа се Господовите празници, што ќе ви бидат наречени особено свети, кога ќе Му принесувате на Господа сепаленици и приноси со нив како и преливи врз нив од ден во ден,
38освен во саботите Господови, освен даровите ваши, заветите ваши, што ќе Му ги давате од благодарност на Господа.
39А на петнаесеттиот ден од седмиот месец, кога ја завршувате жетвата на житата ваши, празнувајте празник Господов седум дена: првиот ден нека ви биде починка, а во осмиот ден нека ви е одмор.
40Во првиот ден земете плодови од убави дрвја, и гранки од палми, и гранки од широколисни дрвја како и од врби, речни растенија, и развеселете се пред Господа, вашиот Бог – седум дена во годината.
41Ова е вечна наредба за вас и за родовите ваши; во седмиот месец празнувајте го празникот Сеници.
42Седум дена престојувајте во сеници: секој тукашен во Израилот треба да престои во сеница,
43за да знаат поколенијата ваши, дека Јас во сеници ги вселив синовите Израилеви, кога ги изведов од Египетската земја. Јас сум Господ, вашиот Бог.«
44И Мојсеј им говореше на синовите Израилеви за празниците Господови.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.