2. Макавејска 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јеремија ги крие обредните предмети. Библиотеката на Неемија. Повикување на посветување.

1Во записите на пророкот Јеремија се говори за тоа, тој им заповедал на преселуваните, да земат од гонот, како што е горе речено,

2и, откако им го дал на преселниците Законот, им заповедал да не ги забораваат заповедите на Господа и да не се заблудуваат во своите мисли, гледајќи ги златните и сребрените идоли и украси.

3Говорејќи им и за други слични работи, тој ги убедувал да не го отстрануваат Законот од своето срце.

4Во записите се вели и тоа дека овој пророк, по Божјо откровение, им заповедал да ги носат со себеси Скинијата и Ковчегот, па се искачил на гората, на која се искачил Мојсеј, и оттаму го гледал Божјото наследство.

5Откако пристигнал таму, Јеремија нашол пештерно живеалиште, каде што ги внесол Скинијата, Ковчегот и кадилниот жртвеник, а потоа го заѕидал влезот.

6Кога потоа дошле некои од неговите сопатници, за да стават белег на патот, не можеле да го најдат.

7А Јеремија ги укорил, штом разбрал за тоа, велејќи им дека тоа место ќе остане непознато сѐ додека Бог не се смилостиви и одново не го собере Својот народ.

8Токму тогаш Господ ќе ги открие тие работи, и ќе се појави славата Господова во облак, како што се појави во времето на Мојсеја и на Соломона, кога Му се молеле на Господа храмот да биде величествено посветен.

9Се говори и за тоа, оти Соломон, исполнет со мудрост, принел жртви за обновување и завршување на храмот.

10Како Мојсеј што Му се молел на Господа и слегнал оган од небото и ја проголтал жртвата, така се молел и Соломон, и огнот што слегнал, ја проголтал сепаленицата.

11Мојсеј тогаш рекол: »Затоа што жртвата за грев не е за јадење, огнот ја проголта.«

12И Соломон празнувал осум денови.

13Во записите и во спомените на Неемија се раскажува и за тоа како направил библиотека, како ги собрал книгите за царевите, за пророците и за Давида, а и писмата на царевите за светите приноси.

14Исто така и Јуда ги собрал сите книги, кои биле изгубени поради војна што нѐ снајде, а сега ги имаме.

15Затоа, ако имате потреба од нив, пратете луѓе да ви донесат.

16Бидејќи имаме намера да го празнуваме очистувањето, затоа и ви пишав за тоа; но – добро ќе направите, ако и вие ги отпразнувате тие денови.

17А Бог, Кој го запази сиот Свој народ и на сите им даде наследство, царство, свештенство и светилиште,

18како што ни беше ветил во Законот, Он набргу, се надеваме на Него, ќе нѐ помилува и ќе нѐ собере од сите краишта под небото во светото место.

19Зашто Он нѐ избави од големи неволји и местото го очисти.

20А за делата на Јуда Макавејски и на неговите браќа, за очистувањето на великиот храм и за обновувањето на жртвеникот,

21како и за војните против Антиоха Епифан и против неговиот син Евпатор,

22и за појавите од небото, покажани на оние, кои се грижеа за Јудејците толку ревносно, така што, иако беа малубројни, ја ослободија целата земја и гонеа многубројни непријателски групи луѓе,

23кои ја повратија славата на својот храм, познат во целиот свет, го ослободија градот и ги востановија законите, на кои им се заканувало пропаѓање, кога Господ се смилува на нив со Својата голема добрина –

24сето ова го изложил Јасон Киринеецот во пет книги, но ние ќе се обидеме накратко да ги опишеме во една книга.

25Имајќи ги предвид многуте работи и тешкотии, што произлегуваат од обемниот материјал, за оние што сакаат да се занимаваат со историски настани,

26ние се погриживме да им дадеме душевна поука на тие што имаат желба за читање, олеснување – на оние што сакаат да помнат и полза за сите што ќе ја читаат,

27иако за нас, кои се зафативме со тешката работа на скратување, ова ни најмалку не е лесно, а бара од нас напори и внимание,

28како што не му е лесно ни на оној што подготвува гозба и сака да им биде корисен и на другите. Но, имајќи ја в предвид благодарноста на многумина, го преземаме овој труд доброволно врз себе.

29Оставајќи му го на историчарот точното изложување на подробностите, ние ќе се трудиме да се раководиме од правилата на скратено изложување.

30Како што градителот на една нова куќа треба да се грижи за целата нејзина градба, а оној што ќе се зафати со резба и живопис, своето внимание ќе треба да го сврти само на украсувањето, па така мислиме и ние за нашата работа.

31Да се вдлабочува и зборува за сѐ и да се иследува секоја посебност – тоа е својствено на првичниот историчар.

32Оној, пак, што прави кратки изложувања, треба да биде краток и да ги избегнува исцрпните истражувања.

33И така, како што рековме, да го почнеме кажувањето, зашто не е разумно да го развлекуваме предговорот на историјата, а самата историја да ја скратуваме.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help