Левит 8 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Поставување на свештеници.

1И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

2»Земи го Арона и синовите негови и одеждите, и елеј за помазание, и теле како жртва за грев, и два овна, и кошница пресни лебови,

3па собери го целиот народ пред вратата од скинијата на сведоштвото.«

4И направи Мојсеј како што му заповеда Господ, и го собра народот пред вратата од скинијата на сведоштовто.

5Потоа му рече Мојсеј на народот: »Еве што заповеда Господ да се направи –«

6па го доведе Мојсеј Арона и синовите негови и ги изми со вода.

7И му облече хитон, и го опаша со појас, го облече со горна одежда, па му стави згора на тоа ефод, и го опаша појасот од ефодот наокоу, и го стегна со него,

8а на градите одозгора му стави наградник, и на наградникот постави и »урим« и »тумим«.

9Му стави уште на главата и кидар, а на капата спроти лицето му стави златна плочка, знак на светоста, како што му заповеда Господ на Мојсеја.

10И зеде Мојсеј од елејот за помазание

11и го попрска жртвеникот седумпати, и го помаза жртвеникот, и го освети, и сите работи на него, и умивалникот, и подножјето негови и ги освети; ја помаза и скинијата, и сите работи во неа и ја освети.

12И изли од елејот за помазание врз главата Аронова, и го помаза и го освети;

13потоа ги приведе Мојсеј и синовите Аронови, им облече хитони, ги опаша со појаси, им стави капи на главите, како што му беше заповедал Господ.

14Го приведе Мојсеј телето како жртва за грев, а Арон и синовите негови ги возложија рацете свои врз главата на телето за грев.

15Потоа Мојсеј го закла телето и зеде од крвта негова и со прстот свој стави од неа на роговите од жртвеникот наоколу, и го очисти жртвеникот, а другата крв ја изли во подножјето на жртвеникот, и го очисти за да се принесува молитва пред него.

16Потоа го изведи сиот лој што беше на утробата, и кошулката од слезинката, како и двата бубрега, и лојот околу нив, и сето тоа го стави врз жртвеникот.

17А телето, со кожата негова и месото негово и нечистотијата ги изгоре со оган надвор од логорот како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

18Потоа Мојсеј го приведе првиот овен како жртва сепаленица, а Арон и синовите негови ги возложија рацете свои врз главата на овенот;

19и Мојсеј го закла овенот, и изли од крвта негова на жртвеникот наоколу,

20па го изече овенот на делови, и ги изгори Мојсеј главата и деловите и лојот; а утробата и нозете ги изми со вода

21и така го вознесе Мојсеј целиот овен на жртвеникот: тоа е жртва сепаленица со пријатен мирис, принос пред Господа, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

22Потоа го доведе Мојсеј вториот овен, овен за посветување; и Арон и синовите негови ги ставија рацете свои врз главата на овенот.

23Па, откако го закла, зеде Мојсеј од крвта негова и го помаза со неа крајчето од десното уво на Арона и крајот на десната рака негова и крајот на десната нога негова.

24Ги доведе Мојсеј и синовите Аронови, па и ним им ги помаза краевите на десното уво, краевите на десната рака и краевите на десната нога; а другата крв ја изли кај жртвеникот наоколу.

25Потоа го извади лојот, ги зеде бедрата и лојот што беше на утробата, а и кошулката од слезината, како и двата бубрега, па лојот околу нив, и десната плешка,

26а од кошницата за посветување, која е пред Господа зеде еден бесквасен леб, и леб со елеј, како и една питка, па ги стави врз лојот и врз десната плешка.

27И сето тоа му го предаде на Арона в раце и во рацете на синовите негови и го вознесе како жртва пред Господа.

28Потоа го зеде тоа од рацете нивни Мојсеј и го изгори на жртвеникот заедно со жртвата сепаленица; тоа е жртва за посветување со пријатен мирис, принос пред Господа.

29Па ги зеде Мојсеј градите и ги одвои од жртвата пред Господа, од овенот за посветување; тоа е Мојсеев дел, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.

30Потоа зеде Мојсеј од елејот за помазание и од крвта, што беше на жртвеникот, па го попрска Арона и одеждите негови, и синовите негови, и одеждите нивни, го освети Арона и одеждите негови и одеждите нивни.

31И му рече Мојсеј на Арона и на синовите негови: »Сварете го ова месо пред дверите на скинијата на сведоштвото, на место свето, и јадете го таму со леб, кој што е во кошницата за посветување, како што ми се заповеда и рече – Арон и синовите негови нека го јадат тоа.

32А она, што ќе остане од месото и од лебот, изгорете го со оган.

33И не излегувајте од дверите на скинијата на сведоштвото седум дена, додека не се завршат деновите на посветувањето ваше, зашто седум дена ќе се посветуваат рацете ваши.

34Како што се направи денес, така да се прави секогаш според Господовата заповед, за да се очистите од гревот.

35Затоа пред дверите од скинијата на сведоштвото стојте дење и ноќе седум дена и така запазате ги заповедите Господови, за да не умрете, зашто така ми заповеда Господ Бог.«

36А Арон и синовите негови направија сѐ онака, како што им беше заповедал Господ преку Мојсеја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help